Претседателката на Европската комисија изрази желба за прием на Македонија во ЕУ и ја пофали земјава, при што понуди и помош при евроинтеграциите, убедувајќи нѐ дека проширувањето останува приоритет, но наспроти сето тоа во неколку наврати го нагласи спроведувањето на уставните измени како обврска при евроинтеграциите
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во посета на престолнината на Македонија
Сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме до заедничката цел. Може да сметате на нас. И мене ми е навистина важна таа цел, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината. И сакаме заедно да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на вчерашната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје.
Но Фон дер Лајен истовремено нагласи дека ги вложуваат сите напори со цел Македонија да ги отвори преговорите за првиот кластер „Темели“, но додаде дека е потребно да се разработат и уставните измени.
На новинарско прашање за тоа дали смета дека условувањата кон земјава за уставни измени се дискриминирачки, како и дали уставните измени со одложено дејство се прифатливи, Фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе ѝ помогне на Македонија да ја спроведе преземената обврска на секој дел од патот.
– Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена земја на секој дел од патот. За мене е мошне важно тоа што имаме јасна цел. Работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот Темели, тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните промени треба да се разработат. За мене тоа е важно, важно е и е во интерес на Северна Македонија да бидеме успешни и затоа сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме до заедничката цел – рече претседателката на Европската комисија.
Таа нагласи дека отворањето на кластерот Фундаментални вредности останува јасна цел, но го повтори условувањето со уставни измени.
– Ние имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот Фундаментални вредности што е можно поскоро. Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени, за кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе ги направат потребните заеднички чекори за напредок и уверена сум исто како и вас дека можеме да ги надминеме пречките што постојат – порача Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК изрази уверување до премиерот Мицкоски дека проширувањето на ЕУ останува врвен приоритет.
– Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен приоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за да го овозможиме тоа – порача Фон дер Лајен.
Гостинката посочи дека Македонија постигнала многу, како и оти покажала одлучност во преземањето на секој чекор.
– И навистина сакам да ја пофалам Северна Македонија и да им оддадам почит на луѓето. Сега работата навистина мора да продолжи – рече Фон дер Лајен.
Мицкоски: Европските вредности да бидат секојдневие, но да бидат зачувани и гордоста и достоинството
Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција истакна дека е потребна синергија на напорите што се вложуваат во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и реформите во согласност со европските стандарди од една страна и зачувувањето на гордоста и достоинството на граѓаните од друга страна.
Одговарајќи на новинарско прашање дали во ЕУ има расположение за планот за уставни измени со одложено дејство и дали би добиле некаква гаранција доколку тие се спроведат дека нема да има нови барања од Бугарија, Мицкоски напомена дека само со таа синергија ќе се дојде до конечната цел, а тоа е земјава да стане дел од европското семејство.
– Мислам претседателката беше многу јасна и прецизна. Потребно е да работиме, потребно е да работиме напорно за да дојдеме до целта, а целта е регионот и ние бидеме дел од европското семејство и ЕУ. Ние како влада ќе продолжиме и понатаму да ги споделуваме европските вредности. Ќе направиме сѐ што е потребно од наша страна да ја доближиме ЕУ до граѓаните, нешто што претставува и наша задача, но и желба, бидејќи повеќе од 75 проценти од граѓаните иднината ја гледаат токму како дел од европското семејство. Јас како прв човек на Владата ќе продолжам да работам исклучиво во интерес на граѓаните и тоа што за нив претставува прв приоритет, а нивен прв приоритет е истовремено да живеат подобро, да владее правото, да се постигнуваат реформи, европските вредности да бидат дел од нашето секојдневие, но истовремено да бидат зачувани гордоста, достоинството, да не бидат понижени и да не бидат поразени. И мислам дека ако направиме една убава синергија, на сето ова за што зборував како одговор на вашето прашање, мислам дека ќе дојдеме до конечната цел, а конечната цел е да бидеме дел што е можно поскоро од европското семејство – заклучува Мицкоски. Н.М.
Во очекување на 750 милиони од Планот за раст на ЕУ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека Македонија може да очекува над 750 милиони евра од Планот за раст на Западен Балкан, односно 52 милиона до крајот на годинава, осврнувајќи се на можните придобивки од иницијативата. Но извесно е дека доделувањето на финансиските средства ќе зависи од тоа колку се почитуваат европските препораки, односно ќе се оценува според заслугите.
– Тоа е нашиот заеднички патоказ да ги приближиме економиите на Западен Балкан до нашите и постепено да ги интегрираме нашите економии. Ја отвораме вратата на единствениот европски пазар во одредени сектори за компании од Северна Македонија. За возврат вие ќе спроведете важни реформи за да имаме изедначено поле за игра, а тоа ќе биде придружено со дополнителни инвестиции од ЕУ во Северна Македонија. Мина веќе една година откако го почнавме ова, и морам да кажам дека земјите од Западен Балкан ги испорачаа своите резултати, ја имаат агендата за реформи, исто и Северна Македонија. Северна Македонија заврши навистина добра работа, имаме одлични реформи и треба да почнеме со 52 милиони евра до крајот на годината, а треба да добиете повеќе од 750 милиони евра според Планот за раст – рече претседателката на Европската комисија.
Таа нагласи дека Планот за раст ќе испорача мошне конкретни резултати за луѓето и за бизнисите, наведувајќи дека земјата е на добар пат да стане дел од т.н. зона на единствено плаќање во ЕУ, што ќе овозможи преносот на парите помеѓу Македонија и ЕУ да се движи побрзо, побезбедно и слободно. Фон дер Лајен се осврна и на Заедничкиот инвестициски фонд за Западен Балкан, иницијатива што е воспоставена пред четири години и преку која наведе оти во земјата се мобилизирани 1,7 милијарда евра во инвестиции, со фокус на транзицијата кон чиста енергија. П.Р.