Панорама на Охридското Езеро фотографирана деновиве / Фото: Емил Јовановиќ

Повеќегодишните хидрометеоролошки показатели посочуваат дека од година на година се намалува количеството врнежи, а она што особено загрижува се релативно топлите зими, кои не дозволуваат на околните планини да се формира висока снежна покривка, која во текот на зимата и напролет ќе обезбедува стабилен доток на вода во езерата

Македонските природни езера под тешка атака на низа силни  (2)

Исклучително лошата хидролошка состојба предизвикана од долгото и топло лето, малото количество снежни врнежи во текот на зимите, како и човечкиот фактор се главните виновници за намалувањето на нивоата на водите во македонските езера.
Последен најсвеж пример се драматичните снимки од нивото на водата во Охридско Езеро, кое се доближува до критичната кота, а ако во следниот период нема врнежи, тогаш и ова македонско природно езеро ќе ја доживее трагичната судбина на Преспанско и на Дојранско Езеро.
Локалното население од повеќе населени места на крајбрежјето на Охридско Езеро, како и граѓаните од Струга и од Охрид, велат дека езерото е повлечено, но тоа се случува речиси секоја година, особено кога има мало количество врнежи. Загриженост од ваквите состојби има кај дел од експертите, кои сметаат дека големите осцилации на нивото на водата може негативно да влијаат врз живиот свет, а особено по ендемските видови.

Сериозно се мобилизираат ресурсите на институциите

Главна закана што вистински му се заканува на живиот свет во езерата е човечкиот фактор, било преку директно уништување на живиот свет или, пак, индиректно со своите активности во земјоделството.
Конкретно, рибокрадците безмилосно го пустошат живиот свет во езерата, особено во Охридско.
Во таа насока беше и неодамнешната работна посета на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на Охрид и Струга, каде што се сретна со претставници на риболовните здруженија и риболовците од тој крај.
Министерот посочи дека посетата има цел да ги запознае риболовците со неодамна донесената нова риболовна основа, што за Охридско Езеро како ревир предвидува седум риболовни зони за комерцијален излов на риба и една рекреативна зона на ниво на целото езеро.
Според него, покрај за рекреативен риболов, со риболовната основа се става во функција целото езеро, односно ќе биде под контрола и комерцијалниот излов, што, како што рече, ќе значи дополнителна заштита на рибниот фонд во Охридско Езеро.
Заштита на езерото најави и министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој информираше дека нацрт-закон за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата и предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато во Охрид за заштитено подрачје во категорија IV, парк на природата, се вратени во почетна фаза од страна на собраниската комисија надлежна за заштита на животна средина.
– Вратени се заради дополнителна доработка на предлог-законите, со цел изнаоѓање поквалитетни решенија во однос на заштитата на Охридскиот Регион и неговото исклучително универзално природно добро – потенцираше Меџити.
Во однос на исполнувањето на препораките на мисијата на УНЕСКО за заштитеното подрачје Охрид, министерот истакна дека постапувајќи по одлуката на Комитетот за светско наследство од Ријад, надлежните институции, вклучувајќи го и Министерството за животна средина и просторно планирање, ги спроведуваат препораките од Комитетот за светско наследство со цел намалување и отстранување на факторите што влијаат негативно на квалитетот на животот на нашите граѓани.
– Визија споделена меѓу сите учесници е да се зачува исклучителната универзална вредност на доброто, препораките од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО кои силно инсистираa државите членки да ги имплементираат итните мерки за да се нагласат постојните закани и да се спречи појавата на нови закани што би влијаеле врз исклучителната универзална вредност – посочи Меџити.
Човечкиот фактор негативно влијае и со развојот на земјоделството во областите околу природните езера, при што неконтролирано се празни водата за наводнување, неплански се прават дупчења во земјата преку кои се извлекува вода, а со употребата на пестициди тие преку подземните води стигаат до езерата и го уништуваат живиот свет. Закана за Преспанско Езеро има токму од ваквите човечки активности, поради што има забрзан раст на алгите, кои го апсорбираат кислородот, а без прилив на нова свежа вода, езерото се претвора во мртво мочуриште, слично на судбината што ја доживеа езерото Балатон во Унгарија. Дојранско Езеро донекаде е спасено од ваквите негативни последици на луѓето, но опасноста од еколошка катастрофа и на ова езеро останува и натаму, кога поради институционална негрижа беше исклучен системот за снабдување со вода на езерото од бунарите на Ѓавато, што доведе повторно нивото на водата во најмалото природно езеро во земјава да се намали.

Кои екодеградирачки фактори сѐ повеќе доаѓаат до израз?

Повеќегодишните хидрометеоролошки показатели посочуваат дека од година на година се намалува количеството врнежи, а она што особено загрижува се релативно топлите зими, кои не дозволуваат на околните планини да се формира висока снежна покривка, која во текот на зимата и напролет ќе обезбедува стабилен доток на вода во езерата. Истражувањата покажуваат дека до средината на овој век глобалната температура ќе надмине затоплување од 1,5 Целзиусов степен во однос на втората половина од 19 век, со што врнежите од снег во земјава ќе почнат да стануваат вистинска реткост, дури и на планините над 1.500 метри надморска височина. Актуелните податоци покажуваат дека во изминатиот месец се забележани само 55 милиметри воден талог, и тоа изолиран во два дена, а преостанатите денови биле сушни, што јасно наведува на заклучокот дека климатските промени го земаат данокот.
Најдобрата потврда дека климатските промени ни се случуваат тука и сега е состојбата со Преспанско Езеро, чие ниво драматично се намалува и од него досега неповратно е загубена вода колку што имаат две Дојрански Езера.
Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, вели дека Преспанско Езеро вози точно според „возниот ред“, поточно со темпо на намалување на водостојот од 19 сантиметри годишно.
– Во изминативе 60 години, Преспанско Езеро изгубило околу 40 проценти од волуменот на водата. Доколку продолжи губењето на водата со ова темпо (кое поради глобалното затоплување и испумпувањето може само да се забрза), за околу 60-80 години најголем дел од езерското дно ќе остане на суво и ќе ја доживее судбината на Аралско Езеро во Централна Азија – предупредува Трајковски.
Токму влијание врз актуелните случувања со нивото на водата во Охридско Езеро има и еколошката катастрофа што ја доживува Преспанско Езеро, кое претставува главен резервоар од каде што се влева најголемиот дел од водотеците во Охридско Езеро.
Истражувањата што пред извесно време ги направи „Нова Македонија“ трагајќи по причините за драстичното намалување на нивото на Преспанско Езеро покажаа дека голем дел од отворите во карстот под Галичица преку кои се дистрибуираше вода во Охридско Езеро сега се на суво и повеќе водата од Преспанско не понира преку нив, така што не е никакво изненадување што нивото на Охридско Езеро сѐ повеќе се намалува.
– Она што му се случува на Преспанско Езеро ќе се одрази и врз Охридско и гледаме дека тоа сега се случува. Велат дека ова се циклуси што му се повторуваат на Охридско Езеро секоја есен, но сувите површини стануваат сѐ подолги и подолги, а тоа ќе влијае и врз живиот свет – предупредуваат експертите.

Ефикасни инстантни мерки и ад хок активности, но акцент на стратегиски зафати

Она што е повеќе од очигледно е дека е потребна итна акција за да се спречи Охридско Езеро, како и другите природни езера во земјава, да биде жртви на климатските промени. Проекциите за тоа како ќе се одразат подолгите сушни периоди веќе постојат, така што задача на надлежните е да преземат чекори како да ги превенираат состојбите бидејќи ако нивоата на езерата почнат уште повеќе да се спуштаат, тогаш тешко ќе се надомести загубеното количество вода, а тоа ќе значи и удар врз целиот жив свет во езерата и генерално ќе влијае и врз целата географска околина каде што се сместени овие водни површини. Дополнително, тоа ќе влијае и врз туризмот, а со тоа и врз економијата на земјата. Затоа е повеќе од важно да се преземат мерки сега и веднаш, оти утре веќе ќе биде доцна. С.Т.