Интегрирањето на железничките мрежи од регионот не само што ќе ја подобри ефикасноста на транспортните системи туку тоа над сѐ ќе влијае поволно на економиите на земјите од регионот. Натаму, модернизацијата на железничкиот транспорт не само што ќе ги намали трошоците туку и ќе има позитивно влијание врз животната средина. Со координирани (прекугранични) зафати на заедничките проекти на инфраструктурата, а особено на железничките линии по должината на коридорите, како и модернизација на железницата, транспортните мрежи се поодржливи, економиите добиваат импулс за развој, општествата стануваат попросперитетни, а народите се зближуваат, велат нашите соговорници
Регионалното железничко поврзување, влијанието кон македонската национална економија и влијанието на развојот на економиите во регионот
Забрзувањето на возовите во Македонија, но и изградбата на железничката линија кон Бугарија и Албанија, по должината на коридорот осум, деновиве се повторно во фокусот на јавноста. По препукувањето меѓу нашиот министер за транспорт и надлежните од соседна Бугарија за изградбата на оваа пруга, со свое објаснување излезе и премиерот Христијан Мицкоски.
– Од за мене неразбирливи причини, од другата страна (на границите) има кочници на изградбата на железничката пруга по должината на коридорот осум. Нема интерес да се гради оваа пруга, иако на НАТО-самитот во Вашингтон минатата година заедно со министерот за транспорт го потпиша договорот, кој претставува
приоритет на НАТО, кој е суштина за јужното крило на НАТО, за снабдување, а најголем дел од пругата е во Бугарија.
Но недостасуваат и иницијатива и јасна порака и заложба кај нашиот западен сосед, иако и тие го потпишаа овој договор.
Суштината е да се поврзе коридорот да функционира од Варна до Драч, за да се користи за карго-превоз, не е суштината да ја поврземе Крива Паланка со Скопје со железница. Не е јасно зошто не сакаат и не преземаат чекори, оти и двете страни ги насочија силите кон други делници од железничката инфраструктура во нивните земји – посочи премиерот во телевизиско гостување.
Сепак, иако првично најавуваше прекин на изградбата на оваа пруга и застои („од другата страна на границата“), министерот за транспорт Александар Николовски, под чии надлежности се токму железниците,, издвои неодложување на изведбата на капиталните инвестиции во железничкиот транспорт, а порача и соседите да го следат тој пример, заради заеднички регионален интерес.
– Имаме силен инвестициски циклус, кој доаѓа во рамките на буџетот. Тоа се проектите на коридорите 8 и 10д што ги работиме со „Бехтел и Енка“. Тука се проектите во „Железница“, каде што пуштивме една фаза, втората ја работиме и ако се договориме со Бугарија, ќе ја работиме и третата фаза. Тука е автопатот Кичево-Охрид, каде што очекувам на крајот на јуни, почетокот на јули да ги пуштиме првите 40 км, а в година да го завршиме, и тоа е едниот дел – потенцира Николоски.
Каде е кочницата?
Што се однесува пак до пругата кон Бугарија, министерот укажува дека се испратени над 15 дописи до бугарската страна и нема одговор.
– Очигледно е дека Бугарија не сака да ја гради пругата, иако шпекулираат. Самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, многу говори за судбината на проектот – вели вицепремиерот и додава дека Македонија е со цврста заложба за доизградба на пруга на коридорот 8.
Тој дополни дека изгледа оти Бугарија не сака да гради, бидејќи покажа несериозност по повиците за средби и фактот дека го откажа проектот за реконструкција на пругата Софија-Перник.
– Решението е многу едноставно. Има шпекулации зошто е така, но не сакам да се служам со шпекулации од причина што би бил несериозен. Фер е да се видиме и да ни кажат. Значи повторувам, ако бугарската страна сака да гради пруга, пруга ќе има и ќе се изгради. Што се дела, што се зборови? Зборови се вакви провокативни изјави од бугарска страна, а дела се дека Софија-Перник нема да се реконструира, затоа што парите ги тргнаа и ќе ги вложуваат во Софија-Бургас, а Македонија во моментов е единствена земја што гради железница на коридорот 8. Ниту Албанија гради, ниту Бугарија гради. Ние во моментов пуштивме во функција во јануари еден дел од пругата, сега го градиме вториот дел. Бугарија не гради ништо, Албанија не гради ништо. За жал, јас велам за жал, затоа што во наш интерес е тоа да се заврши. Нам ни треба пруга до Софија и до Црно Море, која за жал во моментов ја нема – истакна вицепремиерот Николоски.
Ниту коридорот 10 не е во сјајна состојба
Сепак, друг проблем што е карактеристичен за домашната железница по коридорот 10 е спорноста на возовите, но и слабата искористеност. Коридорот 10 е исто така значајна железничка рута, која нѐ поврзува со Солунското пристаниште, но по должината на оваа траса се вози бавно, поради нередовното одржување на пругите.
Сега се цели кон забрзување на возовите и се преземаат некои мерки за реконструкција, но и понатаму останува отворена дилемата дали тоа ќе биде доволно, бидејќи ова не е прва реконструкција на пругите и не е прво ветување на надлежните, иако сега станува збор за нова гарнитура, дека состојбите ќе се подобрат.
– Возовите патнички што ќе се движат по коридорот 10 да се движат со 160 километри на час, додека карго-возовите ќе се движат со 110 километри на час. За реконструкција и нови набавки грубо се планираат од 2,3 до 2,5 милијарди евра инвестиција. Заедно со половина милијарда евра инвестиции во патишта, како и реконструкции или изградба на повеќе болници и реконструкција на железницата на коридорот 10 се инвестиции од 5 до 6 милијарди евра. Ова се инвестиции што ќе ја заживеат економијата – потенцира премиерот.
Сепак, и покрај претходните многубројни најави за ремонт на пругата по должината на коридорот 10, со што ќе се забрза движењето по овие пруги, зададените рокови за нивна изведба и подигање на максималната брзина на движење на возовите останува само желба.
Без да се реализираат инвестициите во пругите, железничкиот коридор 10 нема да може да биде конкурентен во однос на автопатот, ниту пак во однос на конкурентната пруга на коридорот 4, кој минува преку Бугарија и Романија, во превезувањето стоки и патници од Грција кон земјите од поранешна Југославија и Средна Европа.
Уште една болка за коридорот 10
За разлика од интересот за коридорот 8, кој мора да помине низ Македонија, за коридорот 10 (север–југ) во Софија веќе подолг период се дискутираат политички и експертски предлози како „да се направат железничка, но и патна алтернатива на коридорот 10“ (Атина-Скопје-Белград-Будимпешта-Виена).
Имено, покрај досега постојни алтернативни инфраструктурни планови за железнички коридор Грција-Бугарија-Романија, сега веќе, веројатно од некакви политички причини, се лиферува и информацијата за постоење на некакви север-југ „варијанти за конкурентна автопатна алтернатива низ Бугарија“. Таа алтернатива би вклучила „автопат од Струма до Софија, со продолжување кон тунел низ Петрохан, Монтана и Видин (Бугарија) кон Арад (Романија) и Будимпешта (Унгарија)“. Како поткрепа на овој план беше лиферувана и информацијата дека „со приклучувањето на Бугарија и Романија во шенген, но и со интересите на овие земји да преземат на нивна територија голем дел од сообраќајот од и кон Централна Европа“, ваквата алтернатива би била попогодна за ЕУ.
„Тоа би бил уште еден низок удар за Македонија од страна на Брисел, вклучително и удар од Софија“, велат нашите соговорници, иако тие го толкуваат овој потег како еден вид „здружен европски притисок кон Скопје за полесно да помине францускиот предлог или, пак, бугарското малцинство да стане дел од македонскиот Устав, заедно со преостанатите делови од народи“, размислуваат нашите соговорници. E.Р.
Намален превоз на стоки и на патници
„Нова Македонија“ претходно направи анализа колку патници и колку тони стока се превезуваат по пругите и колку сме изгубиле во изминативе пет години. Бројките од Државниот завод за статистика откриваат фрапантни загуби.
За само десет години превозот на стока не само што е намален туку може слободно да се каже дека е десеткуван. Имено, во 2013 година низ македонските железнички пруги биле превезени над два милиона тони стока или поточно 2.282.837 тони. Година претходно, односно во 2012 година биле превезени 2.538.879 тони стока.
Во 2023 година биле превезени само 817.000 тони стока.
Состојбите не се воопшто подобри ниту кога станува збор за превозот на патници. И тука бројките бележат значителен пад, што секако е резултат на незадоволството на патниците. Возовите ги има сѐ помалку, чести се дефектите, па честопати граѓаните заглавуваат по пругите и остануваат заглавени, па се случува до посакуваната дестинација да патуваат дури и пет часа повеќе од предвиденото.
За илустрација, со возовите во 2012 година биле превезени над милион патници, веќе во 2013 година нивниот број паднал на 842 илјади патници. Во 2015 година повторно имало поврат на патниците, па биле превезени над еден милион граѓани, но потоа почнува „колапсот“ на превозот на патници со железница.
Минатата година возовите ги искористиле само 280 илјади патници.