Ива Јосифоска од Прилеп првонаградена за есеј на државен натпревар

Осмоодделенката Ива Јосифоска од ОУ „Гоце Делчев“ од Прилеп, во силна конкуренција, освои прва награда за есејот „Мојот македонски јазик – мој идентитет, културно наследство и аманет“ на конкурсот реализиран од Министерството за образование и наука, на кој право на учество имаа сите ученици од четврто до деветто одделение од основните и од средните училишта од нашата држава. Во зависност од возраста и наставниот јазик беа дадени четири теми, а Ива победи во конкуренција од 323 есеи.
Таа вели дека ова признание ѝ значи многу, бидејќи е доказ дека нејзиниот труд, креативност и љубов кон пишаниот збор се препознаени и ценети. Ива покажа дека кога веруваш во своите мисли и им даваш срце на зборовите, секој есеј може да биде мост до успехот.
За неа македонскиот јазик е нејзин дом – зборовите се корените што ја поврзуваат со нејзиното семејство, историја и култура.
– Преку македонскиот јазик се чувствувам своја и слободна да сонувам, да раскажувам приказни и да ја чувам сопствената татковина. Најмногу сакам да пишувам за малите, обични луѓе и нивните големи соништа, за топлината на домот, за моите баби и дедовци и за љубовта што тивко се крие зад секојдневието – вели ова талентирано девојче.
Ива, како и нејзините врсници, ја интересира сѐ, но идоли ѝ се луѓето што ѝ покажуваат дека сè е можно кога веруваш во себе.
– Идол ми е ликот на Блаже Конески – затоа што ме научи дека македонскиот збор е наш најголем аманет и корен, а го почитувам и Тоше Проески -затоа што е симбол за скромност и големо срце. Потоа Ј. К. Роулинг – бидејќи ги сакам магијата на зборовите и нејзините приказни. Хари Потер ми е омилен серијал и многу други – дополнува Ива.
Најмногу сака да чита книги за мистерии и за авантури, да црта и да прави мали илустрации на омилените ликови. Исто така ужива кога фотографира природа и мали детали што другите не ги забележуваат. Таа наоѓа време и да собира цитати, кои ги лепи во посебна тетратка, и да слуша музика, која ја инспирира и поттикнува на нови проекти. Како што вели, секое хоби за неа е начин да го сподели својот свет со другите и да ги направи деновите посреќни.

Ка.М.


Наградениот есеј:

Мојот македонски јазик – мој идентитет, културно наследство и аманет

Македонскиот јазик е темелот на мојот идентитет. Тој е јазикот на моето убаво и безгрижно детство, на мојата прва изговорена реченица, на песните што ми ги пееше мојата баба и на бајките што ги слушав од мојот дедо. Преку него ја чувствувам припадноста кон мојот народ, кон македонската историја и традиција. Секоја книга, песна и мисла напишана на македонски го збогатува нашето културно наследство. Делата на Стале Попов, Славко Јаневски, Живко Чинго, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков, Петре М. Андреевски и многу други не се само литературни богатства – тие се сведоштва за нашето битисување. Кога ги читам нивните страници, го слушам гласот на моите предци, ја чувствувам љубовта кон родната земја и борбата за слобода и признавање. Мојот македонски јазик не е само средство за изразување – тој е симбол на мојата припадност, на мојата историја и иднина. Тој е мост меѓу минатото и иднината, помеѓу зборот на Гане Тодоровски и мислата на Венко Марковски. Само така ќе останеме свои на своето, со корени длабоко всадени во македонската почва и со поглед свртен кон иднината. Јазикот е културно наследство што го носиме со гордост. Тој е дел од нашата колективна меморија, наследен од генерации што го чувале и развивале, често и во најтешки времиња. Денес, ние сме чувари на тој аманет – да го негуваме, почитуваме и да им го предадеме на идните поколенија, затоа што преку него ние живееме засекогаш и со гордост велам – мојот македонски јазик е мојата сила, мојот идентитет, мојата иднина“.