Потребно е враќање назад повторно кон „За македонцките работи“ на Мисирков и врз основа на ова дело креативно и дејствувачки што поскоро да се возобнови илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе продолжи да опстојува државотворниот македонски народ, но и да се возобнови македонската држава со своето вистинско име Република Македонија. Мисирков како генијален поединец ја напиша „За македонцките работи“, при што македонскиот народ ќе треба колективно да ја следи идејата на „За македонцките работи“, а преку својата научна интелигенција, научните институции и во прв ред преку МАНУ, да има светилник што ќе го задржи на патот на Мисирков
Кон возобновувањето на илинденско-асномската социолингвистичка реалност
Свето Тоевски
Во оваа 150-та годишнина од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, како еден од најбележитите духовни воини за дефинирањето и интегралното решавање на македонското прашање во национално-политичката и јазичната компонента, и во оваа 121. година од објавувањето на неговата капитална студија за македонизмот „За македонцките работи“, се наметнува обврската да се пристапи многу покреативно кон неговото животно дело. Заради одредување на патоказите на претстојниот развој на македонската држава и македонската нација во веќе настапената мултиполарна ера на човештвото и светот.
Возобновување на Македонија како „одделна етнографско -политичка единица“
Мисирков уште пред 121 година јасно одговори дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица. Во четвртата статија од „За македонцките работи“ со наслов „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица?“ Мисирков, покрај другото, пишува: „Ниiе македонците имаме своiа историiа и сме народ……готоо во сите времиiн’а се забележуат силно работеiн’е на народниiо дух на културно-историiцка осноа, резултата на коiа се iауват образуаiн’е на силна македонцка држаа од цар Самуил… А ако Македониiа до сега со мали исклу’чеiн’а се iет развиiала оддел’но од Бугариiа и Србиiа, то она можит да чинит и за однапред… Самосталното политично развиiаiн’е на Македониiа iет необходност…“
Македонскиот народ не успеа со Илинденското востание да ја конституира таа „одделна Македонска етнографско-политичка единица“, како своја одделна македонска независна држава. Но Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна и Првото заседание на АСНОМ ги поставија илинденско-асномските темели на македонската држава, за која се залагаше со своите теоретски поставки и Мисирков. Во „За македонцките работи“ Мисирков креираше социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ со својот македонски идентитет и со својот автентичен и засебен македонски јазик.
Но оваа социолингвистичка реалност на Мисирков седма година по ред не постои. Неа ја урнаа, привремено, двата акта, кои се нарекуваат „добрососедски договори“ – Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, кој многу попрецизно може да се означи како „Бугарски договор“. Овие два акта почнаа да креираат нова, таканаречена „северномакедонска социолингвистичка реалност“, во која не постојат македонска држава, македонски народ, македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик. Овие два „добрососедски договора“ се обидуваат целосно да ги негираат, целосно да ги поништат поставките на Мисирков за македонската нација, македонскиот јазик и македонската држава, разработени во „За македонцките работи“. Почетокот на градењето внатрешна, домашна, како и меѓународна клима за постапно поништување на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“ се првиот предуслов за елиминирањето на „северномакедонската социолингвистичка реалност“.
Потребно е враќање назад повторно кон „За македонцките работи“ на Мисирков и врз основа на ова дело креативно и дејствувачки што поскоро да се возобнови илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе продолжи да опстојува државотворниот македонски народ, но и да се возобнови македонската држава со своето вистинско име Република Македонија. Мисирков како генијален поединец ја напиша „За македонцките работи“, при што македонскиот народ ќе треба колективно да ја следи идејата на „За македонцките работи“, а преку својата научна интелигенција, научните институции и во прв ред преку МАНУ, да има светилник што ќе го задржи на патот на Мисирков.
Драматичните и судбински важни социолингвистички и геополитички околности, во кои се наоѓаат Македонија и македонската нација, им наложуваат обврска на македонската интелигенција, на македонските лингвисти – македонисти, историчари, политиколози, на научниците од други научни дисциплини, потоа на домашните научноистражувачки институции, а во прв ред и на Македонската академија на науките и уметностите, да дадат со „За македонцките работи“ – втор дел и во неа вградена „македонска платформа“ аргументиран и дефинитивен научен противодговор на сите меѓународни и домашни уништувачки негирања, или присвојувања на корените, минатото, сегашноста и иднината на македонскиот народ, на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, македонската култура и македонската историја.
Но нема никаква потреба да се создава „За македонцките работи“ – втор дел, ако тоа би била само некаква научна студија, или монографија на еден, или неколку научни автори, врз која по некое време би почнала да паѓа правот во депоата на библиотеките. „За македонцките работи“ – втор дел треба да содржи конкретни и оперативни активности за отстранување на вештачката „северномакедонска социолингвистичка реалност“ и за возобновување на постулатите и темелите на илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе се вратат и веќе трајно ќе се зацврстат државата Македонија и македонскиот народ со сите свои етнојазични и историски белези.
На македонскиот народ му е потребна „За македонцките работи“ – втор дел овој пат во вид како колективна „македонска државно-национална програма“, заради одбраната на државно-националните интереси на Македонија и нејзината иднина, но и заради опстанокот на македонскиот народ во овој миг. Потребна е сосема конкретна, дејствувачка државно-национална програма, заснована врз тезите на Мисирков во „За македонцките работи“, која потоа ќе биде усвоена во Собранието на Република Македонија.
Постапното исчезнување на досегашниот униполарен светски поредок и неговата замена со веќе настапената мултиполарна реалност во светот, активираните суверенистички движења и политичкото будење на народите во Европа, но и во светот, сето тоа се елементите на новиот светски поредок, кој се раѓа и во кој Македонија и македонската нација со својот македонски идентитет и македонски јазик можат и мораат да се изборат за своето конечно место и позиција.
„Интегративниот концепт“ на Мисирков за поврзувањето на македонските дијалекти во единствен книжевен јазик – основа на концепцијата за „интегралниот македонизам“
Крсте Мисирков разви во „За македонцките работи“ концепт за поврзување на македонските дијалекти како една од основите на македонскиот книжевен јазик, изразен во ставот: „Ако Македонецот од север му поддаде рака на оној од југ, а оној од запад на оној од исток, тогаш рацете ќе им се вкрстат некаде во Велешко – Прилепско“. Врз основа на овој став и концепт на Мисирков авторот на овој труд создава своја научна концепција и пракса на интегралниот македонизам, која содржи клучен став: „Македонците од денешнината треба да им поддадат раце на Македонците од антиката, за да ги вкрстат сите рацете со Македонците од иднината“. Интегралниот македонизам се разработува како реална концепција и пракса со етноидентитетска, социолошка, државно-политичка и лингвакултурна компонента. Интегралниот македонизам го опфаќа сето она што претставува македонство: јазик, култура, обичаи, идентитет, историја во сиот временски континуум на Македонија и на сета нејзина некогашна етнојазична територија: Вардарска, Пиринска, Егејска Македонија, во областа Гора во Косово и Албанија.
Концепцијата и праксата на интегралниот македонизам категорично и аргументирано ги побива и ги отфрла хегемонистичките и ненаучни стремежи за хеленизација и бугаризација на одделните епохи и фази на македонската засебна историја, како и на македонскиот јазик и идентитет.
Имено, античкомакедонскиот, средновековниот и нововременскиот дел на засебната македонска историја се прогласуваат или се веќе прогласени како „неделив дел од хеленското, грчко наследство“, или како „дел на бугарската историја“, а македонскиот јазик како „регионална норма на бугарскиот јазик“. Во Уставот е веќе избришана Република Македонија како суверена национална држава на македонскиот народ и наместо неа фигурира експерименталната форма на еден вид парадржава, именувана како „северна Македонија“. Како „единствени сопственици“ на името Македонија со „Преспанскиот договор“ се прогласени Грците и Грција.
Креирањето на „новиот“ „северномакедонски етнички идентитет“ и „новиот“ „северномакедонски јазик“ значи обид да се прекине тримилениумскиот континуитет на постоењето на македонскиот народ со неговата колективна меморија. Дијахронијата на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, усните традиции, народната книжевност, јазичните практики одразени во легендите, народните поговорки, гатанките, метафорите, симболите, архаичните зборови и дијалектизмите – сето тоа е ставено во еден планиран процес на бришење или на припишување како „составен дел“ на бугарската колективна меморија и културно-историско наследство и на грчката колективна меморија и културно-историско наследство.
Но професорката Билјана Ристовска-Јосифовска аргументирано нагласува дека името Македонија, во сета историја, како столб на македонизмот нема никаква поврзаност со концептот на хеленизмот, туку е основен, генерички белег на македонскиот народ во сите етапи на неговото постоење.
– Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои еднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја – има напишано Ристовска-Јосифовска во една своја студија за македонскиот идентитет.
Со сета своја сила и мудрост прозвучуваат и денес зборовите на Крсте Мисирков од „За македонцките работи“, иако се напишани уште пред 121 година: „Да сочуат некој својот народен јазик и да го бранит као светијн’а, значит, да останит он верен на дуот на својите предедовци и да уважаат сé, шчо имаат они напраено за својето потомство. … Верата и јазикот, тоа сет душата на једен народ…“
Мисирков го третираше македонскиот јазик како најзначаен маркер и идентитетска детерминанта за македонскиот народ
За Крсте Мисирков во неговата „За македонцките работи“ македонскиот јазик е главен, основен етнички маркер на етничкиот идентитет на македонскиот народ. Анализирајќи го од овој аспект „За македонцките работи“, Инес Црвенковска-Ристеска истакнува: „Мисирков ја бара колективната идентитетска одредница во македонскиот народен јазик… Тој прави јасна разлика меѓу народот, што го говори македонскиот јазик и кој го користи него како маркер да се идентификува и на индивидуално ниво наспроти народите, кои ги говорат туѓите соседни јазици“.
(Овој текст е скратена и приспособена верзија на научниот труд „’За македонцките работи’ на Мисирков – основа на концепцијата и праксата на интегралниот македонизам како сеопфат на македонскиот идентитет“ на авторот, презентиран на 50-та меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во септември 2023 година, кој е објавен во конференцискиот зборник)