Од творештвото за деца на македонската писателка Драгица Најческа
Драгица Најческа е македонска поетеса, раскажувачка и писателка за деца. Родена е во Прилеп во 1933 година. По дипломирањето на Правниот факултет во Скопје, работела како асистент на Економскиот факултет во Скопје, а најдолг период од својата кариера минала како новинарка и уредничка во повеќе весници и списанија сѐ до своето пензионирање.
Со книжевност, Најческа почнала да се занимава уште во средношколските клупи. Нејзиниот прв расказ е објавен во списанието „Иднина“ во 1950 година, а потоа повеќе нејзини раскази за возрасни и за деца се објавувани во македонските и во списанијата на поранешна Југославија.
Нејзиниот роман „Пеперуга со натопени крилја“ е прв роман од жена автор во Македонија, а објавен е во 1969 година. Романот „Омраза-длабоко“ трипати е прогласуван за една од десетте најчитани книги во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, а истиот тој е објавен и на руски јазик.
Децата за првпат ја запознаваат Драгица Најческа преку нејзиниот роман за деца „Друга мајка“.
Во овој број на „Колибри“ за вас во целост го објавуваме расказот „Зорица и сонцето“ објавен во збирката раскази за деца „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и… дечињата“ (1997), кој авторката им ја посветува на нејзините внуци Игор и Драгче.
Книгата е самостојно издание на авторката. Авторка на корицата е Ангелина Младеновска, а илустрациите во книгата ги изработиле тогашните ученици од ОУ „Лазо Трповски“ и од ОУ „Гоце Делчев“ од Скопје.
Во извадокот од рецензијата кон книгата, напишана од познатиот писател за деца Михо Атанасовски, тој укажува дека истата таа е напишана со една цел – едноставно, концизно, разбирливо и отворено да му се каже пораката на најмладиот читател, какво треба, а какво не треба да биде доброто дете.
– Уште попрецизно кажано, каков треба да биде идниот човек за да може во животот да биде ценет и почитуван, корисен за себе и за другите – пишува рецензентот Михо Атанасовски.
Познатата писателка Славка Манева, пак, согласувајќи се околу концизноста и јасноста на Најческа, ги нагласува поучните елементи во расказите.
– Сите тие се добродетели што подоцна можат да се развијат во прекрасни карактерни особини, но се разбира воспитувањето во таа насока треба да почне од најрана возраст – подвлекува Манева.
А сега, уживајте во расказот „Зорица и сонцето“, кој можеби ќе ве поттикне да ја најдете книгата и да ги прочитате сите раскази. Немојте да речете дека немате време. Па наскоро започнува летниот распуст, нели?
Подготвил: Филип Димкоски
Зорица и Сонцето
Зорица беше највеселото девојче во улицата. Си играше со сите дечиња. Со никого не се караше. Уште не одеше во училиште, но со нетрпение ги броеше месеците, бидејќи беше наполнила шест години. Таа немаше ни братче ни сестриче. Можеби затоа ги сакаше сите дечиња како братчиња и сестричиња.
Кога го слушаше радосниот ѕвонлив глас на Зорче, дури Сончко весело подрипнуваше. Така секој ден…
Но одеднаш еден ден Сонцето не го слушна гласот на Зорица. Ја бараше насекаде – ја немаше. Сончко забележа дека и другите деца од улицата тивко си играат. Тоа уште повеќе го загрижи. Што ли се случило? Да не е болна?
И навистина Зорица беше многу болна. Лежеше во најубавата соба, со најубавите дебели пердиња и најубавите килими. Мајка ѝ таму сакаше. Повикаа еден лекар – не помогна. Повикаа друг лекар – и тој не помогна. Зорица никако да оздрави.
Сонцето неуморно ја бараше. Тоа знаеше дека може многу да ѝ помогне со своите волшебни зраци. Се чудеше како да ја нема во нејзината соба. Во собата каде што лежеше болната Зорица пердињата беа толку дебели, што тоа залудно се обидуваше да се пробие преку нив. Откако се беа доселиле во новиот стан, мајка ѝ на Зорица ги стави тие пердиња за да ги зачува новите тенки завеси од Сонцето, како и каучите и килимот. Сонцето да не ги обели. Сончко насетуваше дека токму во таа соба е Зорица, но не можеше никако да се пробие во неа.
На крајот на неделата, татко ѝ на Зорица повика уште еден лекар. Штом тој влезе во затемнетата соба, каде што лежеше болното девојче, ги растрга пердињата, ги разотвори прозорците, без да ја праша мајка ѝ на Зорица. Во собата веднаш дотрчаа Сончко и чистиот воздух, мајка ѝ на Зорица се вчудовиде. За малку ќе се скараше со лекарот, но ништо не рече. Само по кратко време, обравчињата на Зорица што беа бескрвни, се разуменија. Попладнето побара да јаде. Мајка ѝ со радост не знаеше што да прави. Се чудеше како да му се заблагодари на лекарот.
Наскоро улицата пак одѕвонуваше од детската смеа и игра, а најѕвонливо и натаму се слушаше гласчето на Зорче. Сончко спокоен шеташе по небото.
(Од книгата „За глувчето, мачките,
за мечките, рипчињата, зајачињата,
лисичињата и… дечињата“)