Илустрација: „Нова Македонија“

Македонија од високо државно ниво најавува акција за заштита на правата на сите свои граѓани, кои Грција беспримерно ги жигосала со тоа што ги ставила на црна листа и им забранила влез во таа земја, нешто што би било како интернационализација и расветлување на бесправните „црни зафати на Атина со употребата на тајните оружја на премиерот Киријакос Мицотакис“…

Македонската држава најавува акција за заштита на правата на сите свои граѓани, кои Грција беспримерно ги жигосала

Македонската држава на високо ниво се мобилизира за да одговори на грчките закани дека ќе употреби тајни оружја, откако стана јаснo дека владата на Киријакос Мицотакис веќе употреби повеќе од нив, а едно е забрана за влез во таа држава за повеќе македонски граѓани. По серијата сериозни инциденти, кога од граница се вратени најмалку тројца граѓани за кус период и им е ставена забрана за влез во траење и до пет години, дипломатските радари во Македонија се вклучени и се очекува соодветна реакција до Атина.
Овие инциденти се флагрантно кршење на духот на Преспанската спогодба, која во основа треба да поттикне градење пријателски односи со соседот. Но далеку е Атина од промоција на такви односи, особено со последните мерки кога грчките гранични службеници на македонски граѓани им ставија црни печати во пасошите. Мерката е уште подраматична ако се земе предвид дека пасошот е во сопственост на државата, а не приватен имот.

МНР ЌЕ ГИ ИНФОРМИРА МЕЃУНАРОДНИТЕ ФАКТОРИ

Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, по престојот во Виена во петокот, во знак на поддршка на здруженијата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, го посети нивното седиште „Беломорски клуб читална“ во Скопје.
На состанокот, како што информира Сотир Лукровски, претседателот на македонското патриотско здружение „В’мбел Егеј“, со претставниците на здруженијата, министерот истакнал дека „лично тој како и институциите на државата ќе застанат во одбрана на човековите права на Македонците од Егејот и ќе реагираат со сите дозволени политички средства кон меѓународните фактори, како и кон институциите на Република Грција за неправдата и штетата што е нанесена кон активистите на Македонците од Егејот со неоснованите забрани за влез во Грција“.
Македонците од Егејот преку своите здруженија во претстојниот период ќе побараат прием во Амбасадата на Грција, Канцеларијата на ЕУ и во македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, при што ќе вложат протестни писма за последните изречени забрани за влез во Грција на нивни активисти, меѓу кои и координаторот на здруженијата, Сотир Лукровски.
– Соработка и мостови нудиме ние, идеи за приближувања на двата народа, но наидуваме, за жал, на спуштени рампи – истакнаа од здруженијата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, соопштено е по средбата со министерот Муцунски.
Лукровски е еден од лицата на кои неодамна им беше забранет влез во Грција кога сакал да присуствува на илинденскиот собир во егејското село Овчарани. Без да му се каже некакво образложение, тој добил ливче на кое на српскохрватски јазик стои дека е „Непожељан“ во Грција и црн печат во пасошот. Забраната ќе му трае до 2027 година. Токму тој лист што го добиваат сите што Атина ги става на црна листа јасно покажува дека Грција нема намера да го користи и македонскиот јазик во тој формулар.

Грчките кршења на основните човекови права да влезат во радарот на меѓународната заедница,
заради санкционирање / Фото: „Нова Македонија“

ЦРН ПЕЧАТ ПОРАДИ „НАЦИОНАЛНИ ПРИЧИНИ“?!

Од неодамна и на историчарот Димитар Љоровски Вамваковски му била продолжена забраната за влез во Грција, која му е ставена во 2013 година.
– Забраната ми е од 2013 година, најпрвин на пет години, а потоа ми се продолжува на секои три години. Последно ми е продолжена во јуни годинава на уште три години, значи до 2017 година – ни изјави Вамваковски.
Тој си ги барал правата и за таа цел неколкупати бил во грчката амбасада во Скопје каде што пополнил молба за да му се каже која е причината за таквата драконска мерка, а по неколкумесечно чекање добил одговор дека „забраната е поради национални причини“.
– На почетокот неколкупати бев во МНР меѓу 2014 и 2017 година, но освен некој протоколарен прием и слушање со што се соочувам, немаше некоја конкретна реакција. Јас настојував и барав државата целосно да застане зад мене и како нејзин државјанин дури и да се подигне прашањето на политичко, не дипломатско ниво, но ништо – раскажува познатиот историчар Вамваковски.
Тој ни објасни дека грчките власти го советувале да најми некој грчки адвокат што би ја водел постапката во Грција, но, според Вамваковски, тоа би имало оправданост ако станува збор за некој друг вид забрана, како што е економска или пречекорување на престојот.
– Јас не сум влегол во Грција од 2012 година, во меѓувреме ми истекла првата казна во 2018 година, па како тогаш ја повторуваат забраната кога јас физички не сум бил таму – зачудено прашува тој.
Инаку, факт е дека досега македонската држава не реагирала соодветно на проблемот со црната листа на која досега сигурно се нашле стотина македонски граѓани по потекло од Егејска Македонија, па дури грчките власти ја употребувале таа забрана и за лица што со децении живеат или живееле во прекуокеанските земји. Тажен факт е дека многу од нив починале не успевајќи да го отстранат тој црн печат, ниту, пак, им било дозволено да ги посетат родните огништа барем за последен пат. Сосема е јасно дека со таа мерка се казнуваат жртвите од Граѓанската војна, но сега и нивните деца и внуци.
Но сега има индиции дека Македонија сериозно се зафаќа со овој проблем. На крајот на јуни во својот кабинет и претседателката Гордана Силјановска-Давкова прими претставници на егејските здруженија.
– Судбината и трагедијата на 30.000 деца бегалци и нивната голгота не смее да се кријат и да се релативизираат – рече тогаш претседателката Силјановска-Давкова на средбата со претставници на здруженијата на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија.
Таа упати порака дека почитувањето и знаењето на минатото даваат голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.


Од Трново се очекуваат сериозни пораки и непоколебливи ставови

Традиционално на 2 Август и годинава во битолско Трново ќе се одржи 53. Семакедонска средба на која ќе зборуваат министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска и академик Катица Ќулафкова. Со посебно внимание се очекува обраќањето на архимандрит Никодим Царкњас, основач на црквата „Св. Злата Мегленска“ во С’ботско, Егејска Македонија, кој важи за исклучително духовен човек посветен на светата мисија и борец за македонската кауза, кој секогаш зборува отворено и директно за проблемите.
Од Трново секогаш се испраќале важни пораки, секогаш се подавала рака на пријателство и помирување кон Грција. И годинава би требало да биде така, но и да се испратат и пожестоки пораки, особено што од Грција не стигнуваат поволни тонови за добрососедство и се казнуваат луѓе што не можат да си ги посетат родните огништа во Егејот.