Најмладите кавадарчани беа дел од изложбата „Велигденски ракотворби“

На традиционалната изложба „Велигденски ракотворби“, во организација на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, која беше отворена на 16 април, централно место со своите изложбени паноа имаа децата. Тие го привлекоа вниманието со своите цртежи на темата „Велигден“, но и со штандот на кој беа изложени нивните плетени ракотворби, како дел од активностите на здружението „Нова Циеста“.
На оваа прекрасна изложба, која има цел да ги слави уметноста и традицијата преку креативноста, децата рамноправно покажаа што знаат и умеат, особено на штандот со плетени ракотворби. Тука малечката Виолета Мукаетова, на самото место, демонстрираше рачно плетење, фасцинирајќи ја публиката со својата едноставност, смиреност и вештина како искусна плетачка.Таа е ученичка во второ одделение во ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во Ваташа и е учесничка во проектот „Традиционални вештини за рачни ракотворби на жената во Тиквешкиот Регион“ на здружението „Нова Циеста“, поддржан од локалната самоуправа. Виолета на овие работилници, благодарение на нејзината умешност, има улога на инструктор за плетење, но и го демонстрираше своето знаење пред присутните. Публиката беше одушевена од глетката кога таа плетеше со розова волница, без да гледа во плеталото и на тој начин прерасна во маскота на изложбата.
Всушност, присуството на ова талентирано девојче на изложбата нѐ потсети дека во процесот на воспитување и оспособување на децата за живот се неопходни и важни мануелните вештини.
Во своето обраќање на отворањето на изложбата, Марина Убавкова, претседателка на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци, подвлече дека кај изложените ракотворби, секој украс е рачно изработен и претставува патоказ кон нашите корени. Наедно е и поттик за идните генерации да продолжат по патот на креативноста и на духовната обнова.
– Особена благодарност упатувам до најмладите учесници, нашите деца, чија искреност и ведрина се всадени во секој нивен цртеж. Нивните творби на велигденски теми внесоа свежина, ведрина и искреност во целиот простор. Детските дела, со светли бои, симболи и фантазија, го отсликуваа Велигден низ призмата на најмладите, со верба, љубов и со радост. Нивната наивна и искрена уметност на плетење не само што ги разубави ѕидовите на галеријата туку и му го стопли срцето на се

кој посетител. Најмладите креативци ни покажуваат дека Велигден живее не само во обичаите туку и во радоста, во боите, во надежта. Оваа изложба нека биде вдахновение – да се потсетиме на вистинските вредности. Да ја негуваме културата и да го пренесуваме духот на Велигден, не само во празничните денови туку и во секојдневието – изјави Марина Убавкова.

Ми.М.