Фото: ЕПА

Четири недели се границата до работ на нова европска економско-енергетска бездна

  • Економски анализи предупредуваат дека доколку блокадата на Персискиот Залив во тесниот проток потрае повеќе од еден месец, Европа ќе се соочи со високоризични енергетски и трговски потреси и долготрајни нарушувања. Зошто Италија и Белгија се на првата линија на ударот?
  • Клучниот фактор што ќе ја одреди длабочината на кризата е времетраењето. Според авторите на неколку економски студии, краткотрајна блокада од еден месец може да предизвика ограничени, но управливи нарушувања. Но доколку трае повеќе од четири недели, последиците би можеле да ескалираат во тешка европска криза со снабдување

Во време кога европските економии сè уште закрепнуваат од претходните кризи, нов геополитички шок од Персискиот Залив се заканува да предизвика длабоки и долгорочни последици, доколку потрае. Најновите економски анализи на реномирани европски институции укажуваат дека потенцијалната блокада на Ормускиот Теснец претставува не само регионален конфликт туку и глобален економски ризик со директни последици врз Европската Унија.
Контролата врз ова тесно грло ја нарушува рамнотежата на глобалните пазари, особено во снабдувањето со гас и нафта. Кои земји страдаат први во ЕУ?

Италија и Белгија – најранливи алки

Според анализите, Италија се издвојува како најекспонирана европска економија. Нејзиниот годишен увоз од регионот достигнува речиси 10 милијарди долари, од кои значителен дел се однесува на течен природен гас и пропан. Оваа зависност ја прави исклучително чувствителна на какво било нарушување во транспортните рути. Потресот во Италија е веќе очигледен, според италијанските медиуми.
Натаму, Белгија, пак, претставува уште поконцентриран ризик. Нејзината енергетска инфраструктура е силно поврзана со увозот на катарски гас, кој пристигнува преку клучни пристаништа. Прекин на овие текови би значел не само национален туку и поширок европски енергетски шок, имајќи ја предвид улогата на Белгија како дистрибутивен центар.
Дополнително, нешто што во анализите поретко се среќава е „кризата со луксузни добра“.
Имено, според анализите, Ормуз не е важен само за енергентите, тој претставува и критична рута за транспорт на дијаманти и други вредни стоки, што ја става во ризик и финансиската индустрија поврзана со трговијата со луксузни добра.

Германија и Обединетото Кралство со индиректни, но сериозни последици

Иако Германија има помала директна зависност од погодениот регион со војна на Блискиот Исток, нејзиниот индустриски модел е длабоко интегриран во глобалните синџири на снабдување. Увозот на индустриска опрема, бродови и специјализирани гасови значи дека секое нарушување може да предизвика домино-ефект во производството.
Обединетото Кралство, пак, со увоз од речиси 13 милијарди долари од Блискиот Исток, се соочува со значителна изложеност. Особено загрижува зависноста од гасните производи, што може да доведе до ценовни шокови и притисок врз домаќинствата и индустријата.

Сценариото на долготрајна блокада е најтешко

Клучниот фактор што ќе ја одреди длабочината на кризата е времетраењето. Според авторите на студијата, краткотрајна блокада може да предизвика ограничени, но управливи нарушувања. Но доколку трае повеќе од четири недели, последиците би можеле да ескалираат во тешка европска криза со снабдување.
Такво сценарио би значело енормен раст на цените на енергентите, нарушување на индустриското производство, инфлаторни притисоци и нов бран економска несигурност.
Европа, која веќе работи на диверзификација на енергетските извори, би се нашла под дополнителен притисок да ги забрза тие процеси, но без гаранција за брзи резултати.

Геополитика што директно удира по економијата

Настаните во Персискиот Залив покажуваат колку тесно се поврзани безбедноста и економијата. Одлуката за ограничување на транзитот низ Ормускиот Теснец не е само политичко надмудрување со воени средства туку и страшно моќна алатка со потенцијал да ја преобликува глобалната, светската трговија.
За Европа, ова е потсетник дека поврзаноста (и зависноста) од далечни региони носи не само економски туку и геополитички удар. Економските анализи јасно укажуваат дека кризата во Персискиот Залив не е далечен конфликт, некаде таму во Азија, туку директна закана за европската економска стабилност. Италија и Белгија се само први на удар, но ефектите може брзо да се прошират низ целиот континент.
Прашањето повеќе не е дали Европа ќе почувствува последици, туку колку длабоки ќе бидат тие и дали ќе биде подготвена да одговори навреме. Секоја од земјите во Европа сега за себе крои политика на амортизација на енергетско- економско-трговскиот удар. Што за Брисел е само показател на деградиран заеднички систем на ЕУ и бриселска немоќ. Но тоа е тема за себе.
И Македонија, различно од преостанатите земји на Стариот Континент, пронаоѓа своја формула за флексибилност на увезените енергетско- инфлаторни удари. Останува да видиме деновиве како ќе функционира таа формула, со оглед на тоа што приодот за решавање на равенката е повеќестран: од намалување акцизи до домашна базна енергија со стабилизиран електроенергетски сектор вo државата, при што во функција се блоковите 1 и 3 во термоцентралата во Битола. На депонија во Битола имаме околу 80 илјади тони јаглен, во Кичево 160 илјади тони.
Исто така, хидропотенцијалот е на 40 отсто од максимумот и се очекува негово дополнително зголемување. Набавен е и гас за цел април, што значи дека греењето на скопјани ќе се одвива непречено. Мерката со намалениот ДДВ ќе трае две недели. Е.Р.


Вкупно 2.000 тони мазут за ЕСМ за да не поскапи струјата

Премиерот во својата експликација во јавноста наведе дека единствен предизвик е „цената на мазутот“ и затоа на следната редовна седница на Владата, на 24 март, во вторник, ќе се донесе одлука да се ослободат околу 2.000 тони мазут и да ѝ се дадат на државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕСМ), а така индиректно да се спречи покачување на цената на електричната енергија.
– Нема да дозволиме да се зголемат трошоците на компанијата. Имајќи ги предвид поволната хидролошка состојба и консолидирањето на рудниците, конечно можеме да кажеме дека состојбата во ЕСМ е стабилна. Не сакаме да дозволиме со овие повисоки цени на мазутот да дојде до дисбаланс. Со оваа интервенција очекуваме таа цена да не биде зголемена односно да влијаеме позитивно и да го одржиме стандардот на граѓаните – рече премиерот Мицкоски.
Владата одлучи и да прогласи кризна состојба за, како што рече премиерот, „да се овозможи соодветно законско постапување и институциите да можат ефикасно да ги спроведуваат мерките“.
– Имаме план, не само со еден или два чекора туку со цела низа разработени сценарија, доколку кризата се влоши или продолжи – појасни премиерот Мицкоски. Е.Р.


Министерката Божиновска: Можно е понатамошно намалување на ДДВ, па дури и до нула проценти, доколку состојбата го наложи тоа!

И Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска подробно ни опиша дека „снабдувањето со горива во земјава е стабилно и дека има доволни количества нафтени деривати“.
Таа посочи дека надлежните институции постојано ја следат состојбата и дека, според досегашните проверки, нема никакви проблеми. Пазарната инспекција утврдила дека сите снабдувачи ги имаат задолжителните резерви за најмалку пет дена.
– Во моментов нема никаков проблем со снабдувањето, но ќе продолжиме внимателно да ги следиме состојбата и движењата на пазарот – истакна Божиновска.
Министерката информира дека Владата остварила комуникација со околу 95 проценти од снабдувачите, кои увериле дека „нема нарушувања во испораката“. Притоа таа ја нагласи и улогата на „Oкта“ и продуктоводот, како клучни фактори во обезбедувањето стабилност.
Дополнително, државата располага со стоковни резерви доволни за околу 60 дена. Сепак, ќе се следи и потрошувачката, особено во пограничните региони, каде што се бележи зголемена побарувачка поради пониските цени во споредба со соседните земји. Според министерката, дневно таму се точат околу 160.000 литри гориво.
Во однос на цените, Божиновска најави нова средба со претставници на „Окта“, на која ќе се разговара за можностите за нивно намалување.
– Целта е да се избегнат поголеми ценовни шокови за граѓаните. Ќе се обидеме да постигнеме решение што ќе има позитивен ефект врз финалните цени – рече таа, без да прецизира конкретни бројки.
Таа потсети дека на 13 март веќе бил постигнат договор со „Окта“, со кој цената на горивата била намалена за 45 долари, што овозможило поевтинување од два денара на бензинските пумпи.
Владата, како што нагласи таа, внимателно ги следи одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, како и движењата на меѓународните берзи.
Во однос на мерките, Божиновска објасни дека намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти веќе носи заштеда од шест до седум денари по литар гориво. Дополнително, можно е и намалување на акцизата за еден до четири денари, во зависност од движењето на светските цени.
– Ова се само дел од мерките што ги разгледуваме. Можно е понатамошно намалување на ДДВ, па дури и до нула проценти, доколку состојбата го наложи тоа – истакна министерката.
Таа додаде дека Владата е во постојана комуникација со институциите, снабдувачите и меѓународните партнери и дека состојбата се следи на дневна основа. Е.Р.