На средбата Трамп покажа дека тој е навистина оној со кого треба да се преговара на другата страна на преговарачката маса и дека е прв лидер на „Западот“ во рамките на западниот сојуз, кого другите сојузници ќе мора да го прашаат (послушаат) што да се прави понатаму. Трамп сега, по средбата во Алјаска, има (потешка) задача, да ги стави под своја контрола своите европски сојузници, вклучувајќи го и самиот Зеленски. Доколку Трамп успее во тоа во наредните денови или недели, прашањето за постигнување договор со Путин ќе оди многу полесно.
Од друга страна, Путин на средбата во Алјаска го доби она што сметаше дека му треба од оваа средба: верификување на позицијата дека само од него зависи реалното постигнување примирје на украинскиот фронт, како и оставањето впечаток во светската јавност дека Москва (Русија) нема страв ниту да води војна и понатаму со целиот здружен Запад
Американскиот претседател Трамп го пречека рускиот колега Путин во Алјаска со надеж дека ќе издејствува прекин на огнот, додека Путин замина без да се согласи дури и за пауза во војувањето. Згора, за време на претседателскиот самит беа забележани напади на руските сили на фронтот. Двајцата лидери ја отворија можноста за уште една средба, можеби во Москва, но не презедоа цврсти обврски. Па, затоа произлегуваат повеќе прашања за тоа што може да се очекува во Украина, главно во однос на можен прекин на огнот, територијални отстапки и евентуални нови санкции врз Русија од страна на САД.
Не стигнавме таму, гласеше заклучокот што го донесе американскиот претседател Доналд Трамп по речиси тричасовната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, САД, во петокот, при што се мисли на постигнувањето прекин на огнот во Украина. Тоа беше првата средба лице в лице меѓу претседателите на САД и на Русија од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година. Трамп го пречека Путин во Алјаска со надеж дека ќе издејствува прекин на огнот, додека Путин замина без да се согласи дури и за пауза во војувањето. Згора, за време на претседателскиот самит беа забележани напади на руските сили на фронтот.
Двајцата лидери ја отворија можноста за уште една средба, но не презедоа цврсти обврски, додека Трамп сугерираше дека неговата цел е втора, трилатерална средба, на која ќе учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Па, затоа произлегуваат повеќе прашања за тоа што може да се очекува во Украина, главно во однос на можен прекин на огнот, територијални отстапки и евентуалните нови санкции врз Русија од страна на САД.
Нема прекин на огнот
Рускиот претседател Путин очигледно не се согласи на прекин на огнот под условите што сакаше да ги наметне Трамп, а исто така ги избегна санкциите со кои Трамп му се закануваше до неодамна, што веројатно ја забрза можноста за одржување на овој самит.
– Не стигнавме таму, но имаме многу добри шанси да стигнеме таму – рече Трамп, прогласувајќи ги разговорите за „исклучително продуктивни“, истакнувајќи дека „многу точки беа договорени“.
Но тој призна дека нема напредок по „една голема точка“, што извесно претставува прекин на огнот во Украина.
Но се смета оти Путин никогаш нема да се откаже од клучните руски национални интереси, односно никогаш нема да ја повлече руската војска од официјално анектираните украински југоисточни региони.
САД затоа ќе треба да се движат во рамките на овие граници ако сакаат да постигнат мировен договор со Русија. Единствена алтернатива се продолжување на војната и зголемена опасност од нејзина ескалација.
Непостигнатиот договор претставува олеснување за Киев?
Напуштањето на прес-конференцијата во Енкориџ по дадените изјави без да одговараат на новинарски прашања, за присутните медиуми претставуваше јасен знак дека сѐ уште постои големо разидување во ставовите помеѓу американскиот и рускиот претседател, бидејќи Трамп силно се залага за прекин на огнот во Украина, на што Путин не се согласи.
Она што се случи во Енкориџ може да се чини антикулминативно за многумина, но во Киев се чувствува олеснување што не е објавен никаков „договор“ што Украина би ја чинел губење територија. Украинците, сепак, ќе бидат вознемирени што на заедничкото појавување пред медиумите со Трамп, рускиот лидер повторно зборуваше за „коренските причини“ на конфликтот и рече дека само нивното отстранување ќе доведе до траен мир. Ова се толкува како руска решителност за остварување на првичната цел на „специјалната воена операција“ – распад на Украина како независна држава. Три и пол години западните напори не успеаја да го наведат Путин да се премисли, вклучувајќи го и самитот во Алјаска.
Дали Трамп ќе ги исполни заканите за нови санкции?
Во изминатите неколку месеци беа изнесени низа западни рокови за Русија што поминуваа без последици, како и закани што никогаш не беа спроведени. Украинците сметаат дека на овој начин Русија добива шанса да продолжи со нападите на фронтот. Затоа едно од главните прашања сега е дали Трамп ќе одлучи да ги воведе своите најавени нови санкции врз Русија.
Американскиот претседател делумно се осврна на тоа прашање во интервју за „Фокс њуз“ пред самитот, велејќи дека би размислил за таков потег „можеби за две-три недели“. Но, со оглед на тоа што претседателот вети „тешки последици“ ако Русија не направи чекор кон прекин на огнот, таков непрецизен одговор може да отвори повеќе прашања отколку одговори.
Објавени детали од понудата на рускиот претседател Путин за Украина
Најпрво сеопфатен договор, а потоа целосен прекин на огнот
Ставот на Путин за договорот исклучува прекин на огнот пред да се постигне сеопфатен договор, спротивно на барањето на Киев. Според руската понуда, Украина целосно би се повлекла од Донецк и Луганск, а за возврат Русија би се согласила да ги замрзне фронтовските линии во јужните региони Херсон и Запорожје. Путин во својот предлог не заборави да ги стави на маса и официјалниот статус на рускиот јазик и правото на слободна работа на Руската православна црква (РПЦ) во идната Украина
Москва ќе се откаже од помали делови од Украина, додека Киев ќе отстапи големи делови од истокот на земјата што Русија не успеа да ги освои, гласи рамката на мировниот предлог што го дискутирале на самитот во Алјаска рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, според извори на „Ројтерс“ запознаени со ставовите на Кремљ.
Трамп посочи дека самитот не го донел примирјето што го посакувал, но во интервју за „Фокс њуз“ рече оти со Путин разговарал за трансфер на територии и безбедносни гаранции за Украина, додавајќи дека тие „во голема мера се согласиле“.
– Мислам дека сме многу блиску до договор – рече Трамп, додавајќи дека Украина мора да се согласи. Можеби ќе кажат „не“.
Според два извора, понудата на Путин се базира на разговори меѓу европските, американските и украинските лидери, но не е јасно дали станува збор за почетна позиција или практично конечна понуда.
Ставот на Путин за договорот исклучува прекин на огнот пред да се постигне сеопфатен договор, спротивно на барањето на Киев. Според руската понуда, Украина целосно би се повлекла од Донецк и Луганск, а за возврат Русија би се согласила да ги замрзне фронтовските линии во јужните региони Херсон и Запорожје, тврдат изворите на „Ројтерс“.
Киев претходно отфрлил каква било идеја за повлекување од Донецк, каде што украинските сили се добро вкоренети и каде што градот служи како клучна одбранбена бариера.
Подготвеност на Москва да врати мали делови од освоените територии
Изворите наведуваат дека Москва би била подготвена да ги врати релативно малите делови од територијата што ја држи во северен Суми и североисточен Харков, вкупно околу 440 квадратни километри. За споредба, Украина контролира околу 6.600 квадратни километри од Донбас, кој се состои од Донецк и Луганск и кој Русија го смета за своја територија.
Путин, исто така, би побарал барем формално признавање на руската власт над Крим, кој го анектираше во 2014 година. Не е јасно дали тоа признавање треба да дојде само од САД или од сите западни земји и Украина.
Москва, исто така, очекува укинување барем дел од санкциите. Изворите не можеа да потврдат дали тоа се однесува на американските или европски мерки. Путин наводно би го блокирал влезот на Украина во НАТО, но е отворен за идејата за безбедносни гаранции.
Во саботата Трамп им ја споменал на европските лидери можноста за „членот 5 надвор од НАТО“ – неговиот вид гаранција моделирана според правилото на Алијансата дека нападот врз една членка е напад врз сите. Приклучувањето кон НАТО е стратешка цел на Украина, запишана во Уставот на земјата.
Официјален статус на рускиот јазик и право на слободна работа на Руската православна црква
Русија би барала и официјален статус на рускиот јазик во делови или во цела Украина, како и право на Руската православна црква слободно да работи. Безбедносната служба на Украина ја обвинува црквата поврзана со Москва за помагање на војната преку ширење пропаганда и засолнување шпиони, што црквата го негира, тврдејќи дека ги прекинала врските со Москва. Украина донесе закон со кој се забрануваат религиозни организации поврзани со Русија, но тој сè уште не стапил во сила. Р.С.
Пристапот на рускиот претседател означен како успешен од светските медиуми
Путин презеде иницијатива и го доби тоа што го посакуваше
Рускиот претседател Владимир Путин ја презеде водечката улога на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп, која траеше околу 12 и пол минути. Путин го отвори брифингот, прв зборуваше и доминираше во речиси 70 отсто од времето, зборувајќи околу осум и пол минути. Додека рускиот лидер зборуваше, Трамп слушаше и подоцна ги опиша забелешките на Путин како „длабоки“. Кога заврши прес-конференцијата, се случи нешто неочекувано, кога Путин на англиски кажа „следниот пат во Москва“, одговарајќи на коментарот на Трамп дека САД многу наскоро ќе разговараат повторно со рускиот претседател.
Од моментот кога двајцата лидери се сретнале, самодовербата на Путин била очигледна. Познат по своето доминантно присуство, тој чекореше по црвениот тепих опкружен со борбени авиони Ф-22 додека Трамп аплаудираше. Тие се ракуваа, а Путин се насмевна.
Потоа дојде изненадување. Путин влезе во истиот автомобил со Трамп, иако за него бил организиран посебен превоз, објави „Ен-би-си њуз“, цитирајќи руски медиуми.
Севкупно, Путин беше навидум посигурен, опуштен и погласен. Надвор од политичката театралност, некои од светските медиуми го прогласија Путин за „победник на состанокот во Алјаска “.
Самиот факт дека Путин беше пречекан на американска почва со црвен тепих беше симболична победа сама по себе. Стоејќи рамо до рамо со американскиот претседател, Путин го проектираше имиџот на неопходен светски лидер чиј глас ги обликува глобалните работи. Згора, замина од Алјаска без да се согласи макар и на делумна пауза во војувањето во Украина, а камоли на прекин на огнот, што беше најавено како цел пред самитот. Путин во своето обраќање зборуваше за можна соработка со САД.
– Јасно е дека инвестициската и деловната соработка меѓу САД и Русија има огромен потенцијал во трговијата, дигиталната сфера, високата технологија и истражувањето на вселената. Арктичката соработка исто така е многу можна – истакна Путин, на што Трамп навидум се согласи велејќи „имаме неколку одлични руски бизнис-претставници тука, сите сакаат да работат со нас.
Трамп пред медиумите го оцени состанокот во Алјаска како „10 од 10“, и покрај тоа што немало пробив во прекин на огнот во Украина, но Путин навидум замина со победа, проектирајќи се себеси како по цврст глобален лидер, откако пред речиси две недели Русија се соочи со закана од американскиот претседател за дополнителни тешки санкции, кои сега изгледаат далечни. Р.С.
Сите патишта за постигнување договор водат преку Донбас
Извори на водечките светски медиуми „Њујорк тајмс“ и „Фајненшл тајмс“ ја нагласуваат важноста на регионот Донбас при дискусиите за постигнување мировен договор за Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп во разговорите со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски предложил дел од територијата во Донбас да ѝ се отстапи на Русија како услов за постигнување мировен договор, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на двајца високи европски функционери запознаени со разговорите.
Според извори на американскиот весник, Трамп се откажал од инсистирањето за итен прекин на огнот и изразил увереност дека може брзо да се постигне договор доколку Зеленски се согласи да ѝ го отстапи на Москва преостанатиот дел од Донбас.
Трамп, како што тврди „Њујорк тајмс“, планира да го претстави својот мировен план на претстојната средба со Зеленски во Белата куќа, на која се поканети и водечки европски државници. Сепак, за време на телефонскиот разговор што следуваше по самитот во Алјаска, европските лидери остро ја отфрлија иницијативата на американскиот претседател. Тие истакнаа дека предметните територии содржат клучни одбранбени линии, како и значајни наоѓалишта на минерални ресурси, поради што нивното отстапување не доаѓа предвид.
„Њујорк тајмс“ веќе објави дека Трамп дека по средбата со Путин во Алјаска се дистанцирал од претходната стратегија на Украина и европските сојузници, прифаќајќи го ставот на Москва дека е потребен сеопфатен мировен договор, а не само итен прекин на огнот.
Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивната средба во Алјаска дека услов за завршување на војната е Украина да се повлече од Донецк, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори, кои навеле и оти Путин му рекол на Трамп дека може да омекне одредени територијални претензии во замена за Донецк.
Изворите исто така посочиле дека Русија во замена за Донецк ќе ја замрзне фронтовската линија во јужните украински региони Херсон и Запорожје, објави „Ројтерс“. Р.С.
Европа испраќа „тешкаши“ за да му помагаат на Зеленски во Вашингтон
Европа и Украина го гледаат денешниот самит во Вашингтон како клучен за да се осигурат дека Трамп нема да се согласи со барањата на Путин што тие ги сметаат за неприфатливи, како што е отстапувањето украинска територија на Русија
Европските лидери се мобилизираат за да ги зајакнат позициите на Киев при денешната најавена средба помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски во Вашингтон. Се подготвуваат планови за испраќање барем еден од омилените соговорници на Трамп, финскиот претседател Александар Стуб, заедно со Зеленски, според двајца европски дипломати и лице запознаено со ова прашање. Идејата е дека Стуб може да помогне во спречувањето какви било ескалации меѓу Трамп и Зеленски и да го убеди американскиот претседател да ја вклучи Европа во сите понатамошни разговори. Европа и Украина го гледаат денешниот самит во Вашингтон како клучен за да се осигурат дека Трамп нема да се согласи со барањата на Путин што тие ги сметаат за неприфатливи, како што е отстапувањето украинска територија на Русија.
Европските сојузници на Украина, исто така, се заинтересирани да избегнат уште една непријатна средба помеѓу Трамп и Зеленски, како во случајот со тензичниот состанок помеѓу двајцата претседатели во Белата куќа во февруари, што се смета оти ги уназади односите помеѓу САД и Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој има развиено блиски односи со Трамп, исто така може да патува во Вашингтон, според извор запознаен со ова прашање.
– Јасно е дека исходот од самитот во Алјаска предизвика загриженост во Европа, бидејќи се чини дека Трамп прифатил голем дел од аргументите на Путин – рече Камил Гранд, поранешен висок функционер на НАТО, кој бил во контакт со високи европски претставници вклучени во состанокот.
Се смета оти Трамп се откажа од заканата за итни санкции врз Русија доколку состанокот не донесе пробив и се префрли од барањето за итен прекин на огнот кон сеопфатен договор за Украина.
Зеленски: Руското одбивање прекин на огнот ги комплицира напорите за ставање крај на конфликтот
Одбивањето на Русија да прифати прекин на огнот ги комплицира напорите за ставање крај на над тригодишниот конфликт, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски по самитот на Алјаска одржан во петокот.
– Гледаме дека Русија ги отфрла многубројните повици за прекин на огнот и сè уште не утврдила кога ќе ги запре убиствата. Ова ја комплицира ситуацијата. Ако им недостига волја да извршат едноставна наредба за запирање на нападите, можеби ќе биде потребен голем напор за да се натера Русија да има волја да спроведе многу поголем напор за мирен соживот со своите соседи со децении – наведе Зеленски во објава на социјалните мрежи во саботата.
Лидерите на ЕУ го поддржуваат планот на Трамп за трилатерални разговори
Американскиот претседател Доналд Трамп ја доби поддршката на западните партнери за неговиот обид да ја заврши војната во Украина, а европските престолнини го изразија своето одобрување по неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска. Трамп разговараше со водечките лидери на ЕУ во саботата наутро откако билатералниот самит во петокот се чинеше дека заврши без договор.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така учествуваше во телефонскиот разговор, заедно со специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб, полскиот претседател Карол Навроцки и италијанската премиерка Џорџа Мелони се придружиле, како што беше потврдено од Брисел. Потоа европските лидери одржале втор телефонски разговор без Зеленски и Американците за да разговараат за ситуацијата. Р.С.