Анализата на криминалните закани што произлегуваат од конфликтот во Украина идентификуваше обрасци на криминал во голем број области на општиот криминалитет: трговија со луѓе, онлајн измама, сајбер-криминал, трговија со огнено оружје итн. Се проценува дека ескалацијата на ситуацијата во Украина може потенцијално да доведе до зголемување на криминалните активности во сите 10 приоритетни области на криминалот. Затоа, неопходно е да се мобилизираат ресурсите и да се зголеми подготвеноста на пошироката заедница, со цел да се одговори на брз и координиран начин на овие закани, кои се развиваат паралелно со воените дејства

Оружените судири како генератори на криминалот

Криминалците секогаш ја користат секоја возможна ситуација за криминално збогатување. Се користеше избивањето на пандемијата на коронавирусот, па злоупотребувани беа дури и карантините, кога беше дозволена само работата на доставувачите на храна, па дрога се шверцуваше преку пакетите во кои беше спакувана храната. Минатото искуство, воените состојби во Сирија и во другите земји каде што со години имаше оружени конфликти, исто така беа масовно злоупотребувани од страна на криминалните организации. За жал, и актуелната состојба на украинска почва е оценета како добра можност за криминалците, кои ја користат.

СО ЕСКАЛАЦИЈА НА КОНФЛИКТОТ ВО УКРАИНА, ЕСКАЛИРА И ОПШТИОТ КРИМИНАЛ

Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани „Емпакт“ неодамна одржа средба во Европол, поради актуелната состојба во Украина, со цел преземање оперативни дејства за можни криминални закани поврзани со војната во Украина.
– Европол беше домаќин на состанокот „Емпакт“ за да се фокусира на разузнавачките и оперативните дејства поврзани со заканите од сериозен и организиран криминал, кои се појавија како резултат на војната во Украина – информираа од Европол.
За време на состанокот „Eмпакт“ во Европол, претставниците на земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ги и двигателите на оперативните акциски планови за 15 области на криминал, разговараа за конкретни чекори за справување со развојот на сериозни закани од организиран криминал поврзани со војната во Украина. Ова вклучува собирање повеќе разузнавачки информации, имплементација на итни оперативни акции засновани на културата за флексибилност и адаптација на „Eмпакт“, можност за поставување ад хок заеднички денови за акција и потенцијална распределба на дополнителни грантови за финансирање на оперативните активности насочени кон овие злосторства.
– Првичната разузнавачка анализа на овие криминални закани идентификуваше обрасци на криминал во голем број области, вклучувајќи трговија со луѓе, онлајн измама, сајбер-криминал и трговија со огнено оружје. Еволуцијата на ситуацијата во Украина може потенцијално да доведе до зголемување на криминалните активности во сите 10 приоритетни области на криминалот. Затоа, неопходно е да се мобилизираат ресурсите и да се зголеми подготвеноста на заедницата „Eмпакт“, со цел да се одговори на брз и координиран начин на овие закани што се развиваат – информираат од Европол.

ЗАЕДНИЧКИ ПРОТИВ ВОЕНИТЕ ПРОФИТЕРИ

Пристапот за оперативна соработка на рамката „Eмпакт“ собира различни национални власти, вклучувајќи ги полицијата, жандармеријата, царината и граничната полиција, како и судските органи. Може да се здружат и земји што не се членки на ЕУ, меѓународни организации и други јавни и приватни партнери. Овој мултидисциплинарен пристап, кој вклучува и разузнавачка анализа и оперативни акции, игра централна улога во заедничкиот одговор на ЕУ за спречување, откривање и справување со сериозен и организиран криминал што влијае на Европската Унија и нејзините граѓани.
Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани се справува со најважните закани од организираниот и сериозен меѓународен криминал што ја засега ЕУ. „Eмпакт“ ги зајакнува разузнавачката, стратегиската и оперативната соработка меѓу националните власти, институциите и телата на ЕУ и меѓународните партнери. „Eмпакт“ работи во четиригодишни циклуси, фокусирајќи се на заедничките приоритети за криминал на ЕУ.

ДЕСЕТТЕ НАЈЧЕСТИ КРИМИНАЛНИ ДЕЛА „ПРОИЗВЕДЕНИ“ ОД ВОЕНИОТ КОНФЛИКТ

Оттука се поставува прашањето во кои криминални области се активирале криминалните организации што ја искористуваат ситуацијата во Украина?
Според анализата на Европол и на „Емпакт“, речиси и да нема област во која криминалците не се обиделе да „заработат“, злоупотребувајќи го крвопролевањето во Украина. Советот на Европа, преку „Емпакт“, прифати тригодишен „пакет“ на криминални приоритети, против кои во периодот од 2022 до 2025 Европа ќе се бори.
Па така, на база на криминалот што беше актуелен сѐ до 2021 година, државите-членки одредија десет криминални приоритети против кои ќе се борат.
Тука спаѓаат високоризични криминални мрежи што се активни во ЕУ, вмешани во корупција, акти на насилство, трговија со оружје и перење пари преку паралелни подземни финансиски системи. Сајбер-нападите исто така се дел од приоритетите. Целта е да се нишани на престапниците што ги диригираат напаѓачите, но и оние што нудат посебни вакви услуги онлајн.

Битка ќе се води и со трговијата со луѓе, со цел разбивање на групите што работат со оваа криминална активност, со посебен осврт кон оние криминални организации што ги злоупотребуваат малцинствата, кои се закануваат со насилство против жртвите и нивните семејства, како и против оние што ги „рекламираат“ жртвите онлајн.
Во тригодишната програма, акцент е ставен и на сексуалната злоупотреба на децата, односно, против продавањето и нудењето видеоматеријали со детска порнографија, па и нудење на децата онлајн.
Еден од приоритетите, исто така, е борбата со трговијата со мигранти и трговијата со дрога, во која главна цел ќе биде идентификација на криминалните мрежи инволвирани во трговија со дрога, вклучувајќи ги и оние што работат со канабис, кокаин, хероин, синтетички дроги и нови психоактивни супстанции.
Измамниците од економскиот и финансискиот криминал исто така ќе бидат на нишан на „Емпакт“, а внимание ќе биде посветено и на организираниот имотен криминал, организирани кражби во објекти, крадци на автомобили и илегална трговија со културни добра.

Злосторството против животната средина исто така е приоритет, а според Европол и „Емпакт“, и криминалците што работат во оваа област можат да ја искористат ситуацијата во Украина за да ја зајакнат својата позиција и финансиски да профитираат.

Секако, секоја војна крие нечии интереси за продажба на оружје, па така, посебно внимание ќе се посвети и на илегалната трговија со оружје. Исто така последно во низата е измамата со лажни документи, но и лихварството, две кривични дела што ќе се сметаат за дела поврзани за кое било од гореспоменатите бидејќи токму тие се клучот за реализација на голем број криминални дела.

[email protected]