Фото: ЕПА

Несакани последици за Вашингтон по нападот на Иран:

(или како американската интервенција ѝ отвори нов простор на Москва за нафтена офанзива кон Индија и Кина)

  • Со зголемената безбедносна неизвесност во Ормускиот Теснец, Индија се соочува со ризик од прекини во снабдувањето со нафта. Индиските власти сега проценуваат дека националните резерви би траеле околу две недели во случај на сериозен прекин на проодноста на Ормуз. Во такви околности, руската нафта се наметнува како алтернатива што може да се испорачува без директна зависност од кризното подрачје. Токму тоа ги реанимира содржината и динамиката на односите на Делхи со Москва
  • Додека западните сојузници се обидуваат да ја ограничат руската економија поради војната во Украина, новата блискоисточна криза создава услови Москва повторно да ги продлабочи трговските релации со двете најголеми азиски економии, Кина и Индија. Рускиот извоз на нафта веќе расте…

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и отворањето фронт против Иран од страна на САД создаде нова геоекономска реалност во која најголемите азиски увозници на нафта, Индија и Кина, повторно ја засилуваат соработката со Русија. Наместо да ја ослабне Москва, новата криза ја зајакнува нејзината позиција како сигурен и флексибилен снабдувач.
За да биде појасно што се случува, еве некои аргументи. Имено, факт е дека половина од индискиот увоз на нафта доаѓа од арапските земји и минува низ Ормускиот Теснец, кој сега е нестабилна поморска маршрута. Со зголемената безбедносна неизвесност во Ормускиот Теснец, Њу Делхи се соочува со ризик од прекини во снабдувањето. Индиските власти проценуваат дека националните резерви би траеле околу две недели во случај на сериозен прекин.
Во такви околности, руската нафта се наметнува како алтернатива што може да се испорачува без директна зависност од кризното подрачје. Токму тоа ја менува динамиката на односите на Делхи со Москва.

Демантите од Њу Делхи и геополитичката реалност

Американскиот претседател неодамна изјави дека „Индија се согласила да престане со купување руска нафта“, по што Вашингтон ја укинал 25-процентната царина воведена како притисок врз Њу Делхи. Но индиските власти ги демантираа овие тврдења, нагласувајќи дека не станува збор за прекин, туку за привремено намалување на купувањето.
Според податоците што ги објавуваат „Ројтерс“ и „Блумберг“, Индија во јануари го намалила увозот на руска нафта за околу 23,5 отсто во однос на декември, достигнувајќи 1,1–1,2 милиони барели дневно, што е најниско ниво од крајот на 2022 година. Но и покрај падот, уделот на Москва во индискиот увоз останува висок и е над 21 отсто.

Кина како компензациски генератор на Москва

Паралелно, Кина го зголемува купувањето нафта. Од почетокот на февруари, руските испораки кон кинеските пристаништа достигнуваат над два милиони барели дневно, што е количество што уште повеќе го компензира намалувањето од Индија. Од ноември наваму, Пекинг ја заменува Индија како најголем купувач на руска нафта транспортирана по морски пат.
Овој тренд покажува дека руската стратегија на диверзификација на азиските пазари навистина функционира. Наместо изолација, Москва создава паралелна енергетска архитектура надвор од западниот систем.

Американската стратегија и нејзините несакани последици

Американската ескалација со Иран имаше цел да го редефинира балансот на силите на Блискиот Исток и да испрати порака до регионалните актери. Но економскиот ефект е меч со две сечила. Имено, прво, се зголемува ризикот за традиционалните снабдувачи на Индија и второ и уште поспецифично, се зајакнува позицијата на Русија како „безбедна“ алтернатива.
Доколку Индија навистина биде принудена повторно да ги зголеми купувањата од Москва, тоа ќе значи директен прилив на средства во руската државна каса во момент кога санкциите требаше да ја исцрпат.

Геоекономија наместо геополитика

Во пракса, Њу Делхи води прагматична политика. Покрај разгледувањето на руската опција, Индија размислува и за користење на стратешките резерви, купување нафта од Венецуела и координација со Саудиска Арабија преку пристаништето Јанбу на Црвено Море. Но во услови на воена нестабилност, брзината и цената често се пресудни.
Токму тука Русија нуди попусти, флексибилни услови и сигурни испораки.

Москва како победник во сенка?

Додека западните сојузници се обидуваат да ја ограничат руската економија поради војната во Украина, новата блискоисточна криза создава услови Москва повторно да ги продлабочи трговските релации со двете најголеми азиски економии. Рускиот извоз на нафта веќе расте.
Историјата покажува дека енергетските пазари ретко трпат вакуум. Кога една маршрута станува ризична, друга станува профитабилна. Во овој случај, геополитичката офанзива на Вашингтон против Иран може да се претвори во геоекономска добивка за Кремљ.
Во свет каде што енергијата е оружје, секоја војна има и своја сметководствена страна. А моменталната пресметка, барем краткорочно, изгледа ѝ оди во прилог на Москва. Р.С.