Што доколку продолжи трендот на раст на светските пазари со енергенти, а тоа битно се рефлектира и во Македонија?
- Владата разгледува и основни, но и дополнителни механизми што би можеле да се активираат доколку глобалните ценовни притисоци продолжат. Меѓу можните инструменти се и корекции на даночните стапки, како што се намалување на ДДВ за горивата или приспособување на акцизите, во зависност од движењата на светските цени
- Продуктоводот Вардакс се смета за важен чекор за енергетската стабилност на државата. Покрај зголемената сигурност во снабдувањето, овој систем овозможува и намалување на транспортните трошоци, што индиректно може да влијае и врз цената на горивата на домашниот пазар
Во услови на зголемена нестабилност на глобалните енергетски пазари и постојани ценовни осцилации на нафтените деривати, македонските институции и енергетски компании се обидуваат да го амортизираат можниот удар врз домашната економија и врз стандардот на граѓаните. Владата соопшти дека внимателно ја следи состојбата на пазарот на горивата и е во постојана комуникација со компаниите од секторот, со цел да се обезбеди стабилно снабдување и да се избегнат ценовни шокови.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска издвои становиште во пошироката јавност, со што најави низа конкретни чекори, бидејќи, како што рече, „во време на глобална енергетска неизвесност координацијата меѓу институциите и компаниите е од особено значење“.
– Во време кога меѓународните енергетски пазари се под силен притисок и цените се под влијание на глобалните случувања, секоја иницијатива што може да придонесе за ублажување на притисокот врз граѓаните и бизнисите е значајна. Очекуваме и компаниите што работат во малопродажба да го следат овој пример и попустот да се рефлектира и во цените што ги плаќаат граѓаните – рече министерката Божиновска на прес-конференција во петокот.
Таа истакна дека меѓународните енергетски пазари се под силен притисок и дека цените се под директно влијание на глобалните геополитички и економски случувања.
– Во услови кога цените на нафтата растат на светските пазари и целиот регион и свет се соочуваат со ценовен притисок, сакам прво да потенцирам дека снабдувањето со горива во Македонија е стабилно. Компаниите располагаат со обезбедени резерви. Дополнително, снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот Вардакс – истакна министерката, потенцирајќи дека Владата на дневно ниво внимателно ја следи ситуацијата.
Во таа насока, компанијата ОКТА најави конкретен чекор за поддршка на пазарот. Имено, до крајот на март, компанијата ќе обезбедува попуст од два денара по литар за дизелот и бензините за трговците што набавуваат гориво од ОКТА. Со ова, како што се посочува, се отвора простор дел од олеснувањето да се пренесе и кон крајните потрошувачи, односно кон граѓаните и компаниите што секојдневно ги користат нафтените деривати.
– Зајакнувањето на снабдувањето преку работата на продуктоводот Вардакс игра многу важна улога во обезбедувањето стабилност и континуитет во снабдувањето низ целата земја. Како општествено одговорен снабдувач, посветени сме да го преточиме ова зајакнато снабдување во опипливи придобивки за пазарот. Од тие причини, до крајот на месецот, воведуваме попуст од два денара по литар за дизел и бензин за трговците на големо и мало што набавуваат гориво од ОКТА. Со тоа им овозможуваме на овие компании да ја пренесат придобивката до крајните потрошувачи. Сепак, мора да нагласиме дека трговците остануваат целосно слободни самите да ги утврдуваат своите малопродажни цени. Оваа иницијатива е одраз на нашата долгогодишна посветеност да ги поддржиме бизнисите и домаќинствата во тешки периоди – истакна главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос.
Иако попустот директно се однесува на трговците на големо и мало, очекувањата на Владата се дека тие ќе го вградат намалувањето и во своите продажни цени. Со тоа, барем делумно, би се намалил притисокот врз домашниот буџет на граѓаните и врз трошоците на стопанството.
Во меѓувреме, Владата продолжува внимателно да ја следи состојбата на пазарот. Минатата недела во Владата се одржа координациски состанок со премиерот и со претставници на компаниите од енергетскиот сектор. На состанокот било констатирано дека компаниите располагаат со доволни резерви и стабилен увоз на горива, што во овој момент обезбедува стабилно снабдување на домашниот пазар.
Но, и покрај тоа, беше потенцирано дека цените на светските пазари остануваат под силно влијание на глобалните настани. Токму тие фактори се главниот двигател на промените на цените на горивата и во регионот, вклучително и во Македонија.
Поради тоа, Владата разгледува и дополнителни механизми што би можеле да се активираат доколку глобалните ценовни притисоци продолжат. Меѓу можните инструменти се и корекции на даночните стапки, како што се намалување на ДДВ за горивата или приспособување на акцизите, во зависност од движењата на светските цени.
Во вакви услови, дополнителното користење на продуктоводот Вардакс се смета за важен чекор за енергетската стабилност на државата. Покрај зголемената сигурност во снабдувањето, овој систем овозможува и намалување на транспортните трошоци, што индиректно може да влијае и врз цената на горивата на домашниот пазар. С.Т.































