За време на државната посета на Емануел Макрон на Лондон, двете европски нуклеарни сили создадоа заедничка управувачка група, јасно отворајќи го патот за заедничко планирање одредени операции со милитаристички предзнак. Според нивното толкување, операциите се со цел „да се одврати Москва од каква било ескалација“ (!?)
Иако не можеа да се согласат за сè во врска со одбраната, Лондон и Париз се согласија за суштинските работи по државната посета на Емануел Макрон и неговата сопруга на Обединетото Кралство, која се одржа од вторникoт (8 јули) до четвртокот (10 јули): зајакнување на нивните заеднички воени капацитети. Иако воената соработка меѓу Франција и Обединетото Кралство отсекогаш била макотрпен пат, двете нуклеарни сили на европскиот континент потпишаа во поморската база Нортвуд, северно од Лондон, свежо ажурирана верзија на декларацијата „Чекерс“, текст што ги постави рамките за соработка во оваа област од 1995 година. Во тој контекст, Франција и Обединетото Кралство објавија краток текст од пет пасуси наречен „Декларација од Нортвуд“, кој ги проширува рамките и ѝ дава нов тон на нивната меѓусебна соработка.
Некогаш: „Не можеме да замислиме загрозување на виталните интереси“. Сега: „Ќе лансираме нуклеарни боеви глави“
Пред триесет години, најсимболичната реченица од декларацијата „Чекерс“ беше: „Не можеме да замислиме ситуација во која виталните интереси на едната од нашите две земји (…) би можеле да бидат загрозени без да бидат загрозени и виталните интереси на другата“.
Како што геополитичкиот контекст, според толкувањето на двете засегнати страни, „значително се влошуваше“, тие додадоа сега нова актуелна реченица во декларацијата, имено: „Франција и Обединетото Кралство се согласуваат дека не постои екстремна закана за Европа што не би предизвикала одговор од двете нации“.
Иако и Париз и Лондон повторуваат дека „нивните нуклеарни сили се независни“, Британија и Франција исто така објавија (за да дадат битие на нивната свечена обврска) создавање т.н. „нуклеарна управувачка група“. Копретседавана од Елисејската палата и канцеларијата на британскиот премиер, таа ќе биде одговорна за „координирање на стратешките капацитети и оперативните области“.
За издвојување е дека иако меѓу Франција и Обединетото Кралство уште од 1990-тите постои архитектура на соработка во нуклеарната област, досега нејзината работа беше ограничена на прашања од „доктрина, научни истражувања и неширење на нуклеарното оружје“.
Отворен патот за планирање заеднички нуклеарни операции
Според Елоиз Фајет, истражувач во Францускиот институт за меѓународни односи, „чекорот направен сега јасно го отвора патот за планирање заеднички операции“!
– Тоа е понатамошен развој на заедничката нуклеарна комисија создадена во 1992 година – објаснува таа за париски „Ле монд“.
Така, би можеле да се организираат заеднички подморнички патроли или вежби меѓу британските авиони и стратешките воздухопловни сили (SAF), способни да носат француски нуклеарни ракети.
Споменатото ажурирање на декларацијата „Чекерс“ беше поткрепено со декларација за „модернизација“ на договорите од Ланкастер Хаус, кои ја регулираат целата воена соработка меѓу двете сили од 2010 година. Овој поопшт текст ги опфаќа областите во кои француските и британските сили сакаат да напредуваат за да станат пооперативни: од Индопацифичкиот Регион до НАТО, од миграциските прашања до сајбер-областа и вселената, до неопходното создавање безбедна билатерална комуникациска мрежа, долгогодишно прашање меѓу двете земји.
Париз и Лондон го објавија продолжувањето на производството на заедничката ракета „скалп–сторм шедоу“
За истакнување е дека Париз и Лондон на заедничката средба го објавија продолжувањето на производството на единствената ракета чиј дизајн е заеднички за двете земји, со две производствени линии од секоја страна на Ламанш:, ракетата „скалп–сторм шедоу“. Поради својот дострел од над 250 километри, оваа ракета беше една од најчувствителните испораки на оружје за Украина. Точниот број на испораки на Киев во последните месеци никогаш не беше објавена. Но, Французите и Британците силно ги зголемија своите резерви. Ова продолжување на наменското воено производство, чија крајна дестинација не е прецизирана, главно се однесува на локацијата Стивенаж, северно од Лондон, која веќе не беше целосно оперативна, за разлика од француската локација во Сел-Сен-Дени (Лоа-е-Шер), помеѓу Блоа и Бурж. Според британските власти, околу 1.300 работни места, вклучувајќи 300 во производителот на ракети МБДА, ќе бидат зачувани.
Париз и Лондон исто така ја искористија можноста да го објават продолжувањето на воената програма (наречена FMAN-FMC), која на крајот има цел да развие замени за „скалп–сторм шедоу“, како и заеднички крстосувачки и противбродски ракети од идната генерација.
Овие најави имаат цел да му дадат акцент на обновениот фокус на „длабински напади“, поле во голема мера маргинализирано од крајот на Студената војна.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
Кој има најголем финансиски бенефит од европската милитаризација?
Европската воена индустрија доживува експлозивен раст на побарувачката за артилериска муниција, проектили, тенкови, воена авијација, беспилотни летала и бродови, што доведе до рекорден обем на порачки.
Според брифингот со одредени воени експерти, наводно вкупната вредност на нарачките од компании како што се КНДС, МБДА, „Хензолт“, „Леонардо“, „Рајнметал“, „Конгсберг, „БАЕ системс“, „Сааб“ и „Талес“ се зголеми за дури 103 отсто во споредба со 2021 година. Тие одговорно тврдат дека имаат податоци дека од 2021 до 2024 година, трошоците за одбрана на Европската Унија се зголемија за 31 отсто, достигнувајќи 326 милијарди евра, а европските производители на оружје бележат историски финансиски резултати. Портфолиото на нарачки на европските воени фабрики достигна рекордна вредност од 311 милијарди евра во 2024 година, велат соговорниците, повикувајќи се на извештај насловен како „Милитаризација на Европа: Буџети и географија на нови производствени капацитети“.
Најголем бенефит од оваа милитаризација наводно има германската компанија „Рајнметал“, чие портфолио на нарачки е во нагорен тренд од 24,5 милијарди евра во 2021 година, па на 55 милијарди евра во 2024 година, а во првиот квартал од 2025 година веќе надмина 63 милијарди евра. Компанијата, како што се истакнува, значително профитирала од украинската криза и потребата од дополнување на резервите од оружје низ цела Европа, особено во Германија.
Групацијата КНДС, составена од францускиот „Некстер“ и германскиот „Краус-Мафај Вегман“, го зголеми обемот на нарачки од 10,6 милијарди евра во 2021 година на 23,5 милијарди евра во 2024 година. Продажбата на групацијата се зголеми за 40 отсто само во 2023 година.
Слични бројки се забележани и од други европски компании во воената индустрија. Повеќето од нив, како што се истакнува во споменатиот извештај на соговорниците, брзо ги прошируваат производствените капацитети, потпирајќи се на стабилен и долгорочен раст на побарувачката како дел од европската програма за модернизација на оружјето вредна 800 милијарди евра. Р.С.
Чадор од нуклеарни боеви глави наскоро за небото над Европа
Уште еден чекор во маршот на европските милитаристи
Франција и Велика Британија, единствените европски земји со свои нуклеарни арсенали, изминатава недела се согласија за првите елементи за стратешка соработка што според нив е потребна за „заштита за целиот Стар Континент“. Конкретните точки од нацрт-договорот сè уште не се достапни за јавноста, бидејќи, според аналитичарите, „сè уште не е договорена целосната слика за тоа како ќе изгледа и што ќе гарантира француско-британскиот нуклеарен чадор за целиот Стар Континент“.
Но, според соговорниците, и тоа не е малку, за да се констатира една „фрапантна динамика на милитаризација и нуклеаризација на Европа“.
Според расположливите информации на соговорниците, Париз и Лондон ќе формираат заеднички тим со задача да координира можен нуклеарен одговор на објективна надворешна закана. Имено, досега, дури и во случај на активирање на членот 5 на НАТО, кој имплицира дека напад врз една членка е напад врз целата Алијанса, „нуклеарното оружје на Франција и Обединетото Кралство можеше да не биде активирано, бидејќи се подразбираше дека Америка им гарантира на сите пристап/заштита со американскиот нуклеарен чадор“. Но, по неодамнешниот самит на НАТО, одржан во Хаг, европските членки на Алијансата (особено по некои јавни ставови на претседателот на САД за толкувањето на фамозниот член 5) почнаа да стравуваат од стратешкото преориентирање на САД кон Азија и Пацификот и свое функционално изземање од воено интервенирање на страната на ЕУ, што според Брисел (особено според толкувањето на Париз), наводно „би ја оставило Европа сама, недоволно вооружена во бурата од геополитички превирања“. За потсетување, францускиот претседател Емануел Макрон со години тврди дека „Европа треба да инвестира во сопствената воена независност“.
Од друга страна, Обединетото Кралство е една од земјите што најмногу зависат од САД, и покрај тоа што управува со сопствен нуклеарен арсенал. Британците им помогнаа на САД да ја изградат првата нуклеарна бомба и беа третата земја што разви свое нуклеарно оружје, но нивниот арсенал е логистички зависен од САД бидејќи до вториот мандат на Трамп никој не можеше да сонува дека Вашингтон некогаш ќе му го сврти грбот на Лондон. За потсетување, Франција и Обединетото Кралство заедно имаат 515 нуклеарни боеви глави. За споредба, САД и Русија имаат нешто повеќе од 5.000. Сепак, треба да се земе предвид фактот дека само една нуклеарна бомба е доволна за да предизвика несогледлива разорна штета. Затоа, се поставува прашањето каде оди оваа Европа. Каде оди ЕУ со ваквиот Брисел? Наместо сите расположливи мисловни и творечки сили да ги впрегнат за економска преродба на Стариот Континент, особено на Германија, па и на Франција, актуелните европски елити се обидуваат, фингирајќи некаква опасност од претстојна агресија над Европа, самите да поддржуваат војна, непродуктивно трошејќи милијарди евра за одредени неперспективни цели?!Р.С.