Фото: Приватна архива

Од 10 до 13 февруари сите наставници од светот што се дел од листата Топ 50 ќе присуствуваат на два свечени настана во Дубаи, каде што во рамките на Светскиот глобален самит на сцена ќе се појават наставниците од листата Топ 10, а потем ќе се прогласи победникот за 2024 година

Просветен работник од Свети Николе номиниран во топ 50 за Глобалната награда за наставници

На официјалната страница на Глобалната награда за наставници (Global teacher prize) во претставувањето на наставникот Иле Михајловски oд Свети Николе меѓу другото, се наведува: Извонредната посветеност на Иле Михајловски на наставата, општествената работа и негувањето на хуманоста го направија вистински пионер во образованието. Неговата работа и неговото извонредно влијание и професионален багаж ја прикажуваат трансформативната моќ на емпатијата и вклученоста, што го прави заслужен кандидат за Глобалната награда за наставници.
Го знаеме и го препозаваме како вистински пример за тоа што значи учител поради сите негови образовни практики, поради хуманитарните акции, поради примената на инклузивните методи, а сето тоа поради неговата огромна љубов кон децата и максималната посветеност кон својата просветна дејност. Тоа е нашиот Иле Михајловски, наставник во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе.

Истакната личност во образованието и хуманоста

Михајловски двапати е прогласен за најдобар наставник на општината Свети Николе, добитник е на наградата „14 Септември“ на Општина Свети Николе за управување на образованието во општината, во 2020 година, пак, регионалниот актив на новинари „Исток“ од Штип го прогласи Михајловски за најистакната личност во образованието, во 2019 година е прогласен за најдобар наставник во поранешна Југославија, а кон крајот на минатата година здружението „Скопјанката Мајка Тереза“ го прогласи Михајловски за хуманист на годината.
Во списокот на успеси, активности и акции на Иле Михајловски треба да се спомнат и четириесетте видеолекции што тој ги подготви и ги намени за наставници и семејства што имаат деца со атипичен развој (аутизам) на територијата на Македонија и Бугарија, кои се достапни на македонски и на бугарски јазик, а се преведуваат и на англиски поради нивната глобална применливост. Тука се и големиот број хуманитарни акции, при кои акцентот е ставен на децата од најранливите категории, како деца без родителска грижа, деца со самохрани родители, деца од социјален ризик и деца со попреченост. Добитник е и на наградата за најинклузивна практика со примена на асистивна технологија во избор меѓу 33 училишта од Македонија.
За среќа, на почетокот на годинава ентузијазмот, љубовта, посветеноста и професионалниот успех на Михајловски се препознаени од фондацијата „Варкеј“ (Varkey) во Лондон, која со поддршка на УНЕСКО и „ГЕМСЕ едјукејшн“ (GEMSE Education) ја доделува Глобалната награда за наставници. Оваа награда годинава ќе се додели по деветти пат, а Иле Михајловски се најде меѓу педесетте номинирани наставници од целиот свет. Михајловски го пријавила негова блиска личност, која ја следи и е запознаена со неговата работа.
– Начинот на аплицирање се менувал и надградувал низ годините, но може да се пријави на два начина, и тоа можете да бидете номинирани од некого или да се пријавите сами. Во случајот со мене, бев номиниран од блиска личност, која ја познава мојата работа. Оној што ве номинира не мора да е наставник, ниту од сферата на образованието, може да биде кој било, а во формуларот што го пополнува наведува и зошто ве номинира. Потоа следува пополнување на апликацијата, која е доста обемна. Мене ми требаа повеќе од три седмици за да ја пополнам целосно и да ја испратам – објаснува Михајловски.
По аплицирањето следувал процесот на разгледување на сите поднесени апликации, кои се разгледуваат и оценуваат од страна на 90 еминентни судии, стручни лица од многу полиња.

Во февруари сите 50 наставници ќе се сретнат во Дубаи

– Критериумите за оценување не ги знам лично, но она што најмногу се вреднува се личните постигнувања на поединецот, како во своите постигнувања како наставник, неговиот импакт надвор од училиштето, во средината, државата и надвор од неа. По разгледувањето на апликациите, доколку си привлекол внимание, тим од фондацијата ти спроведува интервју, каде што ти поставуваат прашања поврзани со твојата што кои ним им привлекле најмногу внимание – вели Михајловски
Потоа следува стеснување на изборот, па првиот чекор по ова е објавата на топ 50 финалистите, кој се случи пред десетина дена. Сите финалисти се информирани по електронска пошта, со совети како да се однесуваат во понатамошниот процес. Оваа последна седмица од јануари е период кога од тие 50 финалисти, ќе ја направат листата на топ 10 финалисти и на свеченоста што следува ќе биде прогласен и победникот – ни раскажа Михајловски.
Во топ 50 финалисти за Глобалната награда за наставници, освен нашиот Иле Михајловски како претставник на Македонија, номиниран е по еден наставник и од Србија и од Босна и Херцеговина. Да потсетиме, во 2015 година, на првиот избор за Глобалната награда на наставници од Македонија, беше номинирана наставничката Весела Богдановиќ.
Од 10 до 13 февруари сите наставници од светот што се дел од листата Топ 50 ќе присуствуваат на два свечени настана во Дубаи, каде што во рамките на Светскиот глобален самит на сцена ќе се појават наставниците од листата Топ 10, а потем ќе се прогласи победникот за 2024 година. Наскоро ќе се знае дали Михајловски продолжува понатаму во процесот на селекција.