Кажи ми да ти кажам (2)
- Низ досетливи драмски текстови писателот Владо Димовски, во соработка со „Колибри“, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, на децата им ја доближува македонската фразеологија, а истовремено ја поттикнува и драмската сцена во училиштата и надвор од нив преку современи и едукативни текстови. Нашата радост ќе биде голема ако некоја од овие драмски минијатури поставите на сцена и ако тоа го споделите со нас
(Личниот и Личната на сцената на која ја играме нашата драматизирана фразеологија)
Пијат кафе и муабетат…
Личниот: Лична, и кафето го расипаа. Ова ако е кафе…
Личната: Е, тоа е, друго нема.
Личниот: Ги виде соседите?!… Под рака низ трговскиот, а вчера се караа и викаа… сигурно до Јанкоец се слушаше.
Личната: Како да не. Ако ме прашаш мене, луѓето си имаат идеален брак.
Личниот: Ај, тие, ами синот. Кажи ми кога дошол да ги посети. Сосетката со снаата не зборува со години.
Личната: Е, како не зборува кога вчера ги видов како пазаруваат во маркетот. Значи, кога ќе запржиш некоја манџа, не знае човек што да мисли.
Личниот: Убаво им кажав кога ме прашаа за станот. Тој стан не е за две семејства. Се живее со ќерка и со зет, а?! А, и политички ми се сомнителни. Не, не им останав должен, им кажав.
Личната: Добро, се слушаш што зборуваш?! Ти, извини вака, ама сакаш во секоја чорба да си мирудија. Луѓето почнаа да бегаат од тебе.
Личниот: Чекај, ова е навреда. Како рече: Сум бил… како рече… во секоја чорба мирудија, а? Е, многу убаво! А, да те прашам што значи тоа?!
Личната: Се занесовме малку. Толку фалеше да се скараме. Фразата во секоја чорба мирудија значи… Навистина, што значи?!
(На сцената се појавува Невенче, облечена во народна носија)
Невена: Одлични бевте. Големи актери ќе испили нашиот проект за фразеологијата. Станувате сѐ полични и полични и поумни. Што се однесува до фразата во секоја чорба мирудија, таа не се преведува, но се објаснува. Во секоја чорба мирудија се вели за некој што се меша во сите работи. И таму каде што треба и таму каде што не треба. Нѐ има и такви. Само не знам каде наоѓаат толку мирудии. Знам, манџите се тука, околу нас. Денеска се потрудивме да ви направиме уште една манџа, но со наши мирудии. Досркање до некоја друга претстава.
Владо Димовски
За авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца, автор на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Публиката најмногу го памети како сценарист на култната тeлевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“е актуелен со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ќе ја читате на страниците на вашиот омилен додаток за деца и преку неа ќе ги осознавате тајните на македонската фразеологија. Неодамна од печат излезе неговата книга „Мали приказни за големи сонувачи“, со која авторот одбележува 45 години творештво. Книгата може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.



































