Нова книга од Киро Донев во издание на „Македоника литера“
„Македоника литера“ деновиве објави нова книга за деца на писателот Киро Донев – „Приказни од мојот крај“, со илустрации на Миле Топуз.
Книгата содржи 18 авторски приказни раскажани врз основа на легенди, митови и преданија за познати места во Македонија. Некои од приказните се чиста и оригинална уметничка конструкција произлезена од имагинацијата на авторот.
Во оваа книга, Донев на свој начин раскажува приказни за Беласица, Смоларските Водопади, Колешинските Водопади, Мокринските Извори, Моноспитовско Блато, самовилите во Габрово, кралот Марко, Дојрана, Преспана, Пелистер, Попова Шапка, Еленов мост, Радин мост, Говедар Камен, Мечкин Камен, Охрид, Галичица, Трпејца, Тиквеш, Матка…
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитани македонски автори, не само кај писателите за деца туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.
Киро Донев пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ-серии, составил неколку антологии… Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21. меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, е преведено на турски, српски/хрватски/босански, бугарски, унгарски, украински и на албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици. Живее во родното Моноспитово, Струмичко.
СМОЛАР И КРАЛИ МАРКО
Не знам колкумина ги посетиле Смоларските и Колешинските Водопади, но верувам дека сите сте чуле за овие најубави споменици на природата во пазувите на планината Беласица. Арно ама, сигурен сум дека никој не ја знае приказната што ќе ви ја раскажам сега…
Многу одамна низ Беласица, во пределите на денешните села Смоларе и Коњарево, крстосувал некој разбојник по име Смолар со својата многубројна дружина. Тоа можеби и не му било вистинското име, но луѓето го крстиле така зашто од утро до мрак морале да работат за него. Од боровите, елите и брезите низ планината собирале смола. Едни ја собирале, други ја полнеле во глинени и бакарни садови, потоа ја товарале на своите коњи и ја носеле во логорот на Смолар. Затоа и се нарекувале – смолари и коњари.
Каде ја носел и што правел разбојникот со смолата, никој не знаел. Но приказната вели дека намачените селани веќе не можеле да го трпат тоа, па еден ден му се пожалиле на овчарот Коле. Сите знаеле дека тој е голем пријател со јунакот Крале Марко, па го замолиле да ги спаси од насилникот.
Овчарот Коле имал бачило со големо стадо овци на една полјанка на врвот од планината. Крале Марко од Прилеп, јавнат на својот коњ Шарец, преку Раец, Демиркаписката Клисура и Валандовската Долина, често гостувал во бачилото на Коле. Тука, откако добро ќе се нагостел, уживал да фрла големи камења кон Дојранско Езеро. Кога овчарот му раскажал за маката на смоларите и коњарите, Крале Марко многу се налутил. Веднаш искорнал една огромна карпа од планината и замавнал со неа кон разбојниците. Карпата паднала среде логорот на Смолар и направила огромна дупка налик на казан…
Од дупката ригнала река и однела сè што ќе ѝ се нашло на патот. Во неа исчезнал и разбојникот Смолар со целата своја дружина.
– Леле, се спасивме! – извикале радосно смоларите и коњарите. – Рекава направи лом!
Така реката го добила името – Ломница. Нејзиниот извор е наречен Казан, а новосоздадениот водопад го добил името Смоларски Водопад. Оттогаш, па до ден-денес, селата на некогашните смолари и коњари ги носат имињата Смоларе и Коњари.
Но и од местото каде што Марко го искорнал каменот, почнала да блика силна вода. Таа, пак, носејќи сè со себе, повлекла и една баба, која си берела лековити билки. Но неа успеал да ја спаси овчарот Коле. Затоа сега таа река го носи името Бабина Река, а водопадот – Колешински Водопад. А селото во близината на водопадот, според името на тој овчар, е крстено Колешино. Така се вика и ден-денес.
(Извадок од книгата „Приказни од мојот крај“ на Киро Донев.
Илустрација: Миле Топуз)