Во рамките на манифестацијата „Вевчанско културно лето – Вевкул 24“, во основното училиште „Страшо Пинџур“ се одржа креативна работилница на темата „Сакам да бидам новинар“.
Учениците што беа дел од работилницата имаа можност да го проследат предавањето на Мишо Китаноски, истакнат новинар, публицист и писател за деца и возрасни, посветено на медиумската писменост на учениците. На предавањето стана збор за учењето во време на интернетот, но и заканите што произлегуваат од користењето разни алатки и апликации, а потоа присутните ученици заедно со својата наставничка по македонски јазик, која ја води литературната и новинарската секција во училиштето, и конкретно се обидоа да напишат новинарски текстови.
Тие најпрво беа запознаени со основното изразување во новинарството – веста и како се пишува тоа, а потоа и со другите новинарски видови на изразување: извештај, коментар, интервју, репортажа и друго. Исто така од Китаноски беше посочено како се уредува училиштен весник, кој, според најавите, учениците од ОУ „Страшо Пинџур“ од Вевчани треба да го издадат во текот на оваа учебна година.
Текст и фото: Ст. К.