Илустрација: „Нова Македонија“

Шефицата на европската влада, денеска во Скопје, ќе има средби со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Предвидено е Фон дер Лајен за време на четиридневна турнеја низ Западен Балкан да се сретне со лидерите на шест земји од регионот, со кои ќе разговара за нивниот пат кон ЕУ, како и за имплементацијата на Планот за раст

Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, доаѓа во Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ќе престојува во Скопје, во рамките на четиридневна посета на земјите од Западен Балкан, која ја почна вчера во Тирана, Албанија. За време на турнејата, предвидено е Фон дер Лајен да се сретне со лидерите на шесте земји од регионот, со кои ќе разговара за нивниот пат кон ЕУ, како и за имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан, како што соопшти Европската комисија.
Шефицата на европската влада во Скопје ќе има средби со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Таа потоа ќе отпатува за босанскиот град Јабланица, каде што ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. Фон дер Лајен в петок во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто. Од Сараево таа ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ. А в сабота Фон дер Лајен ќе престојува во Приштина, каде што ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе замине за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава, Јаков Милатовиќ, и со премиерот Милојко Спајиќ.
Фон дер Лајен пред една година во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западен Балкан. Таа, во меѓувреме, во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратегиски форум на почетокот на септември.
Фон дер Лајен на овие средби постојано го истакнува значењето на Западен Балкан за ЕУ и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од регионот во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата. П.Р.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новата разузнавачка служба би собирала, би анализирала и соодветно би проследувала свои разузнавачки информации за заканите што потекнуваат надвор од границите на ЕУ и кои се насочени кон европскиот блок како целина. Целта е да се создаде една агенција чадор за да се избегнат пропусти, како и преклопување на работењето на националните безбедносни агенции, и да се помогне во борбата против шпионажата насочена кон институциите на ЕУ

Чекори на ЕУ кон зајакнување на својата одбранбена и безбедносна подготвеност

Создавање европска безбедносно-разузнавачка служба

Европската Унија треба постепено да изгради целосно разузнавачко тело за подобро да се спротивстави на заканите од странски актери и посилно да одговори на малициозните разузнавачки активности на непријателските безбедносно-разузнавачки служби во нејзините граници, се вели во неодамнешниот нацрт на извештајот побаран од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Според извори на реномираниот медиум „Блумберг“, новата разузнавачка служба ќе собира свои разузнавачки информации за заканите што потекнуваат надвор од границите на ЕУ и кои се насочени кон европскиот блок како целина. Целта е да се избегне преклопување со националните агенции и да се помогне во борбата против шпионажата насочена кон институциите на ЕУ.
Претходно годинава, Фон дер Лајен го задолжи поранешниот фински претседател Саули Нинисто да даде препораки за тоа како да се подобри подготвеноста на блокот да се соочи со различни можни кризи. Се очекува тој да ги објави своите наоди веќе следната недела бидејќи нацртот сè уште е предмет на измени. Извештајот е дел од напорите на ЕУ за зајакнување на својата одбранбена и безбедносна подготвеност во услови на низа растечки ризици, вклучувајќи ги војната во Украина и потенцијалното прелевање од конфликтите на Блискиот Исток. Блокот, исто така, стана повнимателен за новите хибридни закани, како што се мигрантските бранови.
На ЕУ ѝ недостига соодветна разузнавачка служба, при што официјалните лица во моментов ги анализираат јавните достапни извори и информациите добиени од земјите членки. Тоа го ограничува капацитетот на институциите на ЕУ да детектираат потенцијални закани и да реагираат, се вели во извештајот.
Се очекува Нинисто да предложи проширување на мандатот на Центарот за разузнавање и ситуации на ЕУ за да вклучи собирање разузнавачки информации, како и искористување на дипломатските делегации на ЕУ за таа цел. Се очекува дека новиот центар, заедно со другите актери на ЕУ, би можел да спроведе контраразузнавачки активности и да овозможи истакнување на потенцијалните ризици. Покрај тоа, нацрт-извештајот ја повикува ЕУ да ја зајакне својата одбрана од непријателски шпиони преку усогласување на правната рамка за шпионажа и нелегални тајни активности во земјите членки. Исто така, се очекува предлог за воспоставување ограничувања за дипломати од трети земји што патуваат во ЕУ, доколку претставуваат закана во однос на вршење саботажни или шпионски активности.
Предлогот за нова разузнавачка служба на ЕУ веројатно ќе предизвика контроверзии во блокот со оглед на загриженоста за централизирање на моќта во Брисел, како и агенциите за национална безбедност, кои не сакаат да споделуваат доверливи информации и извори со други земји и институции на ЕУ. Високи функционери и пратеници на ЕУ во минатото бараа да се засили размената на информации меѓу земјите членки по терористичките напади во Париз во 2015 година или во Брисел во 2016 година, но беше постигнат мал напредок. П.Р.


Членки на ЕУ го ускратуваат гостопримството за сириските бегалци

Со етикета „безбедносно неподобни“ до депортација

Во 2015 година, кога еден милион бегалци, од кои многумина од Сирија, се пробија до Европа, тогашната германска канцеларка Ангела Меркел ги пречека сите, славно објавувајќи: „Можеме да го направиме ова“! Оттогаш, речиси 4,5 милиони Сиријци тргнаа кон Европа бегајќи од граѓанската војна и хуманитарна криза во нивната земја, при што речиси 1,3 милион од нив добија меѓународна заштита во Европската Унија меѓу 2015 и 2023 година. Сега, Италија и Австрија се меѓу неколкуте членки на ЕУ што би сакале да ја оквалификуваат Сирија како „безбедна земја“ и да ги депортираат Сиријците, објавува европското издание на магазинот „Политико“.
Во 2023 година, Сиријците остануваат најголемата група што аплицира за меѓународна заштита во ЕУ. Повеќе од 180 илјади Сиријци се пријавиле за првпат, што е повеќе во однос 130-те илјади од претходната година. Позитивна одлука во прв степен добиле околу 120 илјади Сиријци, односно најмалку 90 отсто од барањата од Сиријци, обработени во првите шест месеци од годинава, добиле статус на бегалец или за пружање заштита, што значи дека властите препознале оти Сиријците ќе бидат изложени на значителен ризик доколку се вратат во својата земја.
Агенцијата за азил на Европската Унија (ЕУАА) како безбедна ја дефинира земјата каде што „законите се применуваат демократски, а политичките околности генерално и постојано не водат кон прогон, тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување или закана поради недискриминирачко насилство“.
Ако Австрија или Италија ја оквалификуваат Сирија како „безбедна земја“, нејзините граѓани, во принцип, не треба да добијат азил бидејќи нема докази дека се соочуваат со ризик од систематска штета. Ова не е првпат една земја од ЕУ да се обиде да ја прогласи Сирија за безбедна. Од 2019 година, Данска ги отповика или не им ги продолжи дозволите за престој на десетици сириски мигранти од Дамаск, тврдејќи дека главниот град на Сирија сега е безбедно место. Последното упатство на ЕУАА за Сирија од април годинава укажува дека тамошното население се соочува со ризици и закани по безбедноста. П.Р.