Во услови на зголемена несигурност и слабеење на довербата во глобалниот поредок, централните банки се обидуваат да набават традиционално, но доверливо средство – а шпекулантите им се придружуваат
Кризите ја засилуваат златната треска
Деновите на поминување низ опасните патеки на Карпестите Планини во потрага по злато можеби завршија. Но сè уште се појавуваат т.н. златни трески – и светот моментно се наоѓа во таква состојба. Додека војните, идеологиите и протекционизмот го делат светот на различни блокови, земјите во развој особено трупаат злато за да се подготват за денот кога глобалниот финансиски систем доминиран од САД и од Европа ќе пропадне, а на негово место ќе дојде нов.
Тој тренд што започна пред една деценија, годинава беше драстично забрзан од повеќе краткорочни фактори, особено надолниот пресврт на светските каматни стапки. Како резултат на тоа, цените „маршираа“ од еден рекорд до друг, минатата недела за првпат достигнувајќи над 2.800 долари за унца. Само годинава златото забележа раст за 35 отсто, значително пред растот од 20 отсто на акциите во САД и повеќе од двојно од тоа со што може да се пофали секој европски берзански индекс. Лина Томас од Голдман Сакс смета дека цената на златото ќе ја надмине сумата од 3.000 долари до крајот на следната година.
Во средиштето на подемот се централните банки, особено оние што или се под американски санкции или стравуваат дека би можеле да бидат во иднина. Кина купила 316 тони од почетокот на војната во Украина. Русија исто така беше голем купувач, како и централните банки на Блискиот Исток, Централна Азија и Индија.
Во поново време, во купувањето доминираа две земји чие минато и неодамнешни искуства ги сензибилизираа на геополитичкиот ризик: Полска и Унгарија. Полска долго време сакаше да го зголеми уделот на златото до 20 отсто од нејзините официјални резерви, но Националната банка на Унгарија во септември ги продолжи купувањата за првпат по три години, соопштувајќи: „Во услови на зголемена несигурност… улогата на златото како безбедно средство е од особено значење, бидејќи ја зајакнува довербата во земјата и ја поддржува финансиската стабилност“. Други, пак, подиректно го соопштија истиот став.
– Тоа е знак за претстојни војни – предупредува банкар од Европа, кој доби анонимност за да ги искаже своите ставови.
Не станува збор само за страв од непријателства и санкции, туку и за подриената стабилност на државите што го изградија повоениот глобален финансиски поредок. И САД и Европа работат под растечки должнички товари, кои изгледаат неодржливи на долг рок, како што истакна Меѓународниот монетарен фонд на својот годишен состанок. Американскиот долг сега е 124 отсто од БДП и брзо расте, со што упатените забележуваат оти „многу централни банки го имаат најголемиот удел од своите резерви во САД. Креаторите на политики можат да бидат сè позагрижени за нивната изложеност на фискални ризици во САД“. Тоа има непроценливи последици за светот во развој, кој долго време негодува за она што го гледа како финансиско малтретирање, забележа аналитичарот на „Ломбард“, Давиде Онеглија.
Идејата е „полека да се диверзифицираат меѓународните резерви од она што останува многу големо поседување на средства базирани на долари, посочува Мохамед ел Ериан, поранешен шеф на гигантот за тргување со обврзници „Пимко“. Доларот сè уште сочинува околу 58 отсто од светските девизни резерви, што го прави незаменлив за секаков вид прекугранична трговија, но тоа е помалку во однос на 65-те отсто пред само една деценија.
И неутралноста и непроменливоста на златото го прават соодветно сидро за паралелен финансиски систем што сè уште се гради: оној со кој САД нема да можат да доминираат или да манипулираат.
Бавно будење
Говорејќи во Вашингтон на годишниот состанок на ММФ во октомври, претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, истакна дека „Кина купува злато како никогаш досега“, спомнувајќи ги обидите да се „промовираат други валути“.
– Улогата на валутата никогаш не треба да се зема здраво за готово – предупреди таа.
Меѓутоа, откако се врати во Европа, Лагард звучеше поопуштено, изјавувајќи за „Ле монд“ минатата недела дека доларот нема да биде симнат од тронот за време на нејзиниот живот. Додека состаноците на БРИКС често генерираат експлицитна реторика против доларот, коминикето на најновиот самит на групацијата во подем беше фокусирано на последиците од американските санкции, откако вообичаено се залага за реформи на постојните институции како што е ММФ.
– Иако ова се различни напори, тие можат да послужат за здружување со цел за бавно еродирање на апсолутната доминација на доларот и на системот за плаќање долари – рече Ел Еријан.
Прифаќање на актуелниот тренд
Тоа ќе биде долго ребалансирање. Додека напредните економии чуваат дури 70 отсто од нивните резерви во злато, централните банки на БРИКС обично држат околу 10 отсто, а најголемиот дел од остатокот е во долари. Тоа значи дека тие веројатно ќе останат купувачи на злато на долг рок, дури иако, како што моментно е случај со Народната банка на Кина, можат да се воздржат кога ќе мислат дека цените отишле предалеку. Но светските приватни инвеститори шпекулираат и го прифаќаат актуелниот тренд.
Традиционално, цените на златото се во корелација со каматните стапки на централната банка. Кога приносите на заштедите и обврзниците се зголемуваат, како што се зголемија од 2022 година, златото обично се движи во спротивна насока бидејќи не нуди поврат. Но овој пат се чини дека е поинаку. Цените на златото растеа во поголемиот дел од периодот кога централните банки ги зголемуваа стапките и тие се зголемија уште побрзо, бидејќи Федералните резерви и Европската централна банка почнаа да намалуваат.
– Традиционално немаше да го забележиме тоа. Но очигледно е дека активноста на централната банка се надоврза на психата на шпекулативните инвеститори. Ако гледаат како централните банки купуваат злато, тие велат треба да купуваме и ние – рече Дејвид Вилсон, директор во француската банка БНП Париба.
Според податоците собрани од американската Комисија за тргување со фјучерси на стоки, нето-износот на фјучерси на злато што го чуваат учесниците на пазарот се зголеми повеќе од трипати во последните 12 месеци, иако, како што истакна Дејвид Вилсон од БНП Париба, купувањето од централните банки очигледно се намали годинава.
Последниот ресурс
Како и во минатото, сегашната борба за злато укажува на зголемена желба за доверливост во услови на несигурност и избледување на довербата во институциите, велат аналитичарите.
– Во време на криза луѓето се насочуваат кон златото. Тоа е глобално богатство што луѓето го ценат и знаат дека ќе биде прифатено од другите – рече Кришан Гопаул, висок аналитичар во Светскиот совет за злато.
И таа вредност се зголемува паралелно со сомневањата за вредноста на другите средства, дури и за семоќниот долар.
– Златото е симбол на доверба веќе 3.000 години. Златните прачки за централните банки се како стариот златен часовник на дедо за едно семејство: тоа е последниот ресурс, оној што не би го продале, но сите знаат дека го имате – вели Салваторе Роси, историчар и поранешен заменик-гувернер на Банката на Италија.