Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку се покаже како точно тврдењето на Македонскиот национален совет од Швајцарија, како и на другите македонски друштва во оваа европска држава, дека во Берн не се го говори на македонски јазик, тогаш состојбата со македонската амбасада во Швајцарија е апсурдна. Официјален јазик на Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, оттука секоја формална комуникација на амбасадата во Берн треба да се одвива на македонски јазик. Секоја официјална комуникација на македонската амбасада со некој друг јазик ќе биде и нарушување на македонскиот устав, но и навреда за македонската дијаспора и за сите припадници на македонскиот народ

Македонската дијаспора во Швајцарија со предупредување за сериозни аномалии во работењето на нашата амбасада

Македонската дијаспора во Швајцарија еден подолг период предупредува на некои аномалии во работењето на македонската амбасада во Берн. Најпрво македонските друштва и организации од неколку швајцарски кантони неколкупати официјално се обратија до македонското Министерство за надворешни работи за средување на состојбите во работењето на спомената амбасада во Швајцарија. Дополнително на ова, македонската дијаспора поднесе и петиција, како поддршка за конкретните претходни барања.
Македонската дијаспора, преку споменатата петиција, бара македонската амбасада во Берн да биде раководена од стручни и професионални личности, да се гарантира употребата на македонскиот јазик во сите облици на комуникација со граѓаните (без исклучоци), да се обезбеди истакнување на македонското знаме при секоја пригода (во сите значајни настани) и да се воспостави конкретна и ефективна соработка со македонските друштва и асоцијации во Швајцарија.
Деновиве, Македонскиот национален совет од Швајцарија повторно го актуализираше прашањето за македонската амбасада во Берн. Конкретно, Гонца Перунковска од спомената организација посочи дека иницијативата е поттикната од Лилјана Китанова, членка на раководството на организацијата „Жени Македонки“ во Швајцарија. Нивното друштво беше покането на состанок во амбасадата заедно со неколку друштва. По тој состанок, од неа потекна едно писмо со револт, бидејќи од организацијата беа незадоволни од третманот од луѓето во амбасадата. Исто така не се зборувало на македонски јазик, биле пречекани со некои недостојни постапки. Таа напиша писмо со револт од името на раководството на жените од Швајцарија, нагласува Перунковска.
– Ние како Македонски национален совет од Швајцарија се понудивме да дадеме поддршка за тоа писмо и обезбедивме поддршка од околу дваесет друштва од Швајцарија, македонски друштва, и сите ја поддржаа иницијативата. Исто така и Македонскиот национален совет напиша свое писмо, кое беше испратено по редовна постапка до министерот за надворешни работи. Бараме реакција, бараме да се преземе акција, бидејќи во последните осум или девет месеци, колку што ние знаеме, нема Македонец во македонската амбасада, се зборува само на албански јазик, не може да се добијат на телефон. Не сме поканети како друштво да присуствуваме на состанок, исклучени сме од активностите на амбасадата и го изразивме нашиот револт – вели Гонца Перунковска од Македонскиот национален совет од Швајцарија.
Според добро упатени, суштинската улога на секоја амбасада е да ги заштитува и да ги застапува интересите на матичната држава и нејзините граѓани во државата домаќин. Во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи, амбасадата како дипломатска мисија работи за унапредување на пријателските односи меѓу државата испраќач и државата домаќин за развивање на нивните економски, културни и научни односи. Покрај заштитата на државните интереси и интересите на нејзините граѓани и правните субјекти, како и унапредување на дипломатските односи, активностите на секоја амбасада се насочени и кон развивање позитивни односи меѓу дијаспората и матичната земја во повеќе области, како што се економијата, културата, образованието или инвестициите, велат нашите соговорници.
– Со други зборови, секоја амбасада е должна да ги унапредува односите со дијаспората, но и да координира одредени активности, како што е афирмацијата на културата или културното наследство, во нашиот случај македонското културно наследство. Од друга страна, доколку се покаже како точно тврдењето на Македонскиот национален совет од Швајцарија, како и на другите македонски друштва во оваа европска држава, дека во Берн не се говори на македонски јазик, тогаш состојбата со македонската амбасада во Швајцарија е апсурдна. Официјален јазик на Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, оттука секоја формална комуникација на амбасадата во Берн треба да се одвива на македонски јазик. Секоја официјална комуникација на македонската амбасада со некој друг јазик ќе биде и нарушување на македонскиот устав, но и навреда за македонската дијаспора и за сите припадници на македонскиот народ – велат нашите соговорници.
Сите припадници на македонскиот народ, без разлика каде живеат или работат, се нераскинливо врзани со матичната држава. Оттука секоја амбасада, вклучително и амбасадата во Берн, треба да работи за подобрување на односите меѓу македонската дијаспора и Македонија, како нивна матична држава, велат нашите соговорници.

Д.Ст.


Лидерот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Албанија стартува кампања за избор за народен пратеник

Васил Стерјовски во трка за пратенички мандат

Васил Стерјовски, лидер на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), ќе биде во трка за пратенички мандат на отворената листа за пратеници на Социјалистичката партија во изборна единица Корча. Тоа е решено врз основа на постигнатиот договор со Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама. Нашиот лидер Стерјовски е на отворената листа за пратеници на Социјалистичката партија во изборна единица Корча, каде што се надеваме на успех. Со него како пратеник ќе имаме навистина доследен претставник, изјави Ендрит Фетаху, потпретседател на МАЕИ.
Стерјовски на чело на партијата е од 2019 година, пратеник беше во претходниот парламентарен состав и е прв пратеник Македонец што јавно се декларираше како Македонец. На една од пленарните седници тој до пратениците се обрати на македонски јазик, што беше историско достигнување на Македонците. Роден е на 17 мај 1982 година во Корча. Работи како професор на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, докторанд е на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Оженет е и татко на две деца.
Претставувајќи ја кандидатската листа за оваа изборна единица, Нико Пелеши, координатор на пратеничката група на социјалистите и поранешен министер за одбрана, за медиумите вечерва, за Стерјовски кажа дека е образован и вреден млад човек, поранешен пратеник, докажан како политичар и педагог. Меѓу другото кажа дека со МАЕИ имале добра соработка и оти „заедно ќе работат за доброто на Македонците во Преспа, Голо Брдо и Гора и за целата прекрасна македонска заедница во Албанија“.


Во Скопје одржана конференција на Федералната унија на европски националности за Западен Балкан

Акцент на потребата од едукација кај малцинствата, како на мајчин така и на јазикот на државата во која живеат

Федералната унија на европски националности (ФУEН) за Западен Балкан одржа конференција во Скопје, насловена „Пристапи за справување со говорот на омраза против малцинствата во Западен Балкан“

Организатор и домаќин на конференцијата беше ромскиот центар за комуникации „Дром“ од Куманово, чија одлична организација успеа да привлече претставници на национални малцинства од десетина држави во и надвор од Западен Балкан, а меѓу нив беа и претставниците на македонското малцинство од соседните земји. На конференцијата, во име на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, беа присутни проф. д-р Катерина Тодороска и Сабина Џелили, координаторка на друштвото за округот Елбасан.
Конференцијата ја отвори извршниот директор на РЦК „Дром“, Ахмед Јашаревски, кој се осврна на потребата од поголема застапеност на теми за состојбата на Ромите во балканските држави и во светот, но и за положбата на сите малцинства низ светот.
Поздравно обраќање имаше и претседателот на ФУЕН, Ларант Винце, кој наедно е и член на Европскиот парламент. Во неговиот говор, исто така, беше апострофирана улогата на малцинствата во секоја од државите, не само на Балканот туку и во европски и светски рамки. Притоа, тој посебно се осврна и на потребата од едукација кај малцинствата, како на мајчин така и на јазикот на државата во која живеат.
– Како идни носители на општествени дејности во државата, малцинските членови треба да ја поседуваат основната алатка со која ќе бидат корисни во општеството, а тоа е јазикот за комуникација на сите граѓани на ниво на држава, но и да го негуваат својот мајчин јазик како начин за пренесување на вредностите на своето малцинство – истакна Винце.
На отворањето на конференцијата свое обраќање имаше и министерот без ресор, Шабан Салиу, задолжен за имплементација на стратегијата за ромската инклузија 2022-2030.
Во натамошниот дел беше одржана првата панел-сесија на темата „Сегашната состојба на малцинствата од Западен Балкан“, додека втората панел-сесија се однесуваше на „Адресирање на говорот на омраза“, а третата беше за „Малцинското образование и образованието за малцинствата“.

Д.Ст.