Фото: ЕПА

Реакции по говорот на новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

За да се справи со сиромаштијата, Фон дер Лајен го објави „Планот за правична транзиција од класични во модерни индустрии и во ера на вештачка интелигенција“. Со посебен акцент таа зборуваше за станбените проблеми „во сите слоеви и во сите класи на европското општество“. За да се реши овој проблем, таа вети дека за првпат во историјата на ЕУ ќе назначи европски комесар за станбени прашања, бидејќи ако станбеното прашање е проблемот што навистина многу ги загрижува европските граѓани, тогаш тоа е европски проблем и треба да се справи со него

 

Претставниците на суверените нации на Европа ја повикаа Фон дер Лајен „да се зафати со работа уште утре“ за конечно да се види дека „секој трет граѓанин на Европската Унија е социјално ранлива личност во време кога ЕК ги фаворизира само големите мултинационални компании, кои се најголем генератор на сиромаштија и социјални поделби“

Со 401 глас за поддршка, Урсула фон дер Лајен беше реизбрана за нов петгодишен мандат на чело на Европската комисија. Вкупно 284 европратеници гласаа против, 15 беа воздржани, а седум гласачки ливчиња беа неважечки. Во над шеесетминутниот говор за стратегиските насоки на новата комисија, Фон дер Лајен се осврна на сите теми што доминираа во нејзините дискусии со партиските блокови – дали со оние од владејачкото мнозинство, од радикално десниот спектар, од центарот и центарот десно, умерената левица или со либералите. Се разбира дека таа ги игнорираше радикалните десничари, левичарите и ултранационалистите затоа што за реизбор не ѝ требаа ниту нивните гласови во која било комбинација…

Восклик на старо-новата претседателка на ЕК: Европа е под закана за безбедноста!

Според анализата во реномираниот аналитички медиум „Геополитика“, во говорот на Урсула фон дер Лајен имаше по нешто за секого. Најпрво Фон дер Лајен им вети на најмногубројната група европратеници (188 пратеници од групацијата европски народни партии – ЕПП) дека „ќе ѝ дадат на Украина сè што ѝ е потребно“. Таа веќе неколкупати нагласува дека „за првпат по Втората светска војна, Европа е под закана за својата безбедност“; дека „опасноста за безбедноста на Европа е повеќе од реална“; дека „трошењата за одбраната на земјите членки на ЕУ не се ниту доволни ниту ефикасни“. Во тој контекст, заклучната порака на новата претседателка на ЕК беше дека „дојде времето за ЕУ без натамошно одложување да мора да изгради вистинска европска линија на заедничка одбрана“.

Но ставот на старо-новата претседателка на ЕК беше и дека апсолутно во целиот галиматијас на предизвици, треба да се земат предвид и заканите што „не се само од воена природа, туку и имиграциски, сајбер, разузнавачки, криминални и корупциски“… при што „потребно е зајакнување на европските граници, особено на југоисточниот дел на континентот“.

За да се овозможи тоа, таа во својот говор вети дека ќе го „триплицира бројот на вработените во мисијата Фронтекс (агенција за европски крајбрежен и граничен надзор) – од сегашните 10.000 на 30.000 вработени, без да ги загрози европските вредности во сферата на човековите права, правата на бегалците и легалните мигранти“. Со истата цел, неопходно е да се „удвои бројот на вработени во Европол“ (европската агенција за соработка во спроведувањето на законот), да се зајакне мандатот на вработените“ и да се олабави ќесето до дното кога станува збор за технолошката модернизација на сите безбедносни лостови на Унијата.

Осиромашувањето на граѓаните низ Европа е заеднички проблем што мора итно да се реши

Натаму, за издвојување е стратегиската насока по која ќе се движи ЕУ, а која првенствено беше упатена за да ја регистрираат социјалдемократите во Европскиот парламент, како и тоа дека „социјалниот дијалог ќе продолжи веднаш, не само во ЕУ туку и низ цела Европа, бидејќи осиромашувањето на граѓаните низ Европа е заеднички проблем што мора итно да се реши заеднички“. Имено, за да се справи со сиромаштијата, Фон дер Лајен го објави „Планот за правична транзиција од класични во модерни индустрии и во ера на вештачка интелигенција“. Со посебен акцент таа зборуваше за станбените проблеми „во сите слоеви и во сите класи на европското општество“. За да се реши овој проблем, таа вети дека „за првпат во историјата на ЕУ ќе назначи европски комесар за станбени прашања, бидејќи ако станбеното прашање е проблемот што навистина најмногу ги загрижува европските граѓани, тогаш тоа е европски проблем и треба да се справиме со него.

Во својот говор за стратегиските насоки на ЕУ, Фон дер Лајен им вети на зелените и на реформистите „револуционерен план за земјоделците за секоја жена и секој маж во овој сектор во Европа да може достоинствено да живее од својата работа“. Исто така, таа подвлече дека нема откажување од зелениот план и дека „тој ќе оди подалеку и многу побрзо отколку во втората половина од претходниот мандат, а транзицијата на ЕУ од фосилни горива и целосната енергетска независност од Русија – немаат алтернатива“. Сите проблеми во земјоделскиот сектор, како што рече таа, ќе се решат преку стратегиски дијалог за иднината на европското земјоделство. Таа вети дека сите препораки на тој форум „ќе бидат прифатени без прашање и ќе бидат вградени во новата стратегија за развој на земјоделството“.

Осврт и кон родовите нееднаквости на кои жените и денес се изложени во ЕУ

Обраќајќи се кон либералите, умерената десница и левица, како и кон слободните стрелци во новото свикување на Европскиот парламент, таа им го вети истото како и на почетокот на претходниот мандат: „Европската Унија да биде најдобро место и за растење и стареење“, „место без сајбер-насилство, нееднаквост и принуда“… За таа цел, таа ја најави првата сеевропска конференција за последиците од ИТ-револуцијата и за последиците од социјалните медиуми на децата и младите. Таа го апострофира овој дел од презентацијата со положбата на денешната Европејка и нееднаквостите на кои жените и денес се изложени.
– По десет години работа и аргументи, успеавме да ја усвоиме Директивата за правата на жените – со што ги изедначивме платите, социјалните права, привилегиите и сѐ друго во кое мажите беа во предност досега… Сега е време да се изгласа таа директива во ова Собрание и што побрзо да ја спроведеме во пракса – рече Фон дер Лајен, придружена со громогласен аплауз од оние со кои преговараше за оваа агенда.

Фон дер Лајен: Европската Унија има историска улога

Нашата прва задача е да го запреме крвопролевањето на Блискиот Исток бидејќи народот во Газа повеќе не може да поднесе толку многу злосторства. Конечно, имајќи предвид дека формирањето две независни и суверени соседни држави е најдоброто можно решение за народот на Израел и Палестина, Урсула фон дер Лајен во својот говор најави безусловен ангажман на ЕУ во оваа насока и удвојување на сегашните 200 милиони евра хуманитарна помош за цивилите од Појасот Газа.

Но, тоа предизвика лавина реакции од европратениците, на што за дискусија се јавија и учествуваа триесетина европратеници. Во дискусиите имаше и целосни уважувања на ставовите на Фон дер Лајен за натамошно движење на политиките на ЕУ во врска со израелско-палестинското прашање, па до несогласувања со презир и навреди.
На пример, за европратеникот Манфред Вебер (ЕПП, Германија), „Урсула фон дер Лајен е најдобриот избор за секој што гледа кон иднината на Европа, бидејќи со нејзината нова петгодишна програма создаваме Европа каква што сакаме – обединета и солидарна, а не разединети и слаби како што посакуваат оние како Виктор Орбан, Марин Ле Пен или Жан-Лук Меланшон“.

Од друга страна, за европратениците од фракцијата Патриоти за Европа, Фон дер Лајен „не е способна да ја направи промената за која гласаа европските граѓани на европските избори“. Заедничката оцена на оваа пратеничка група ја сублимира веќе надалеку познатиот француски десничар Џордан Бардела, кој рече дека „неодамнешните европски избори покажаа дека граѓаните сакаат да ги зачуваат сопствениот идентитет и суверенитетот на своите земји, сакаат демократија и слобода наместо принуда и диктатура на демократијата… Граѓаните на ЕУ не сакаат зелена агенда што ги казнува оние што мислат поинаку“, рече Бардела и ги повика претставниците на овој политички спектар да не гласаат за Фон дер Лајен.

Многу слично зборуваа и претставниците на блокот на европските конзервативци и реформисти, кои го истакнаа принципот дека „треба да живееш за она во што веруваш, а не со оној што ти ветува“. Претставниците на суверените нации на Европа ја повикаа Фон дер Лајен „да се зафати со работа уште утре“ за конечно да се види дека „секој трет граѓанин на Европската Унија е социјално ранлива личност во време кога Европската комисија ги фаворизира само големите мултинационални компании ,кои се најголем генератор на сиромаштија и социјални поделби“.

Многу сериозни критики беа упатени кон Фон дер Лајен и за „поддршката на Израел, чии раце крвават до лактите“; поради милитаризацијата на Европската Унија и нееднаквиот третман на сите земји членки на Унијата. За екстремно десничарските партии и суверенисти, петгодишниот рекорд на актуелниот претседател на Европската комисија е „катастрофално лош“. Неколку пратеници се навредиле или многу остро ја осудиле индолентноста на Фон дер Лајен според одлуката на Европскиот суд за нетранспарентност во работата на Комисијата за време на пандемијата на ковид-19, која беше изречена ден пред гласањето за нејзиниот реизбор.

Во текот на дебатата имаше и помали инциденти, јавни опомени и отстранување од пленарната расправа (романска европратеничка). Но, и тоа е демократија во Европскиот парламент, кој во новиот состав е многу хетероген, со многу нагласени културни, етички, ментални и историски разлики меѓу неговите новоизбрани членови, во чии раце ќе биде целата законодавна власт на Европската Унија во следните пет години. Н.М.


Петгодишни визии на темата „Соседство и европско проширување“ на Фон дер Лајен

Еден од највисоките приоритети на новата ЕК ќе биде Западен Балкан?!

Во врска со наредниот петгодишен план на полето на „добрососедството и европската експанзија“, Фон дер Лајен најави некаква визија за „помодерна политика на добрососедство и партнерство со земјите што не се членки на Европската Унија, особено со оние од Медитеранскиот Регион“.

Таа најави и именување на специјален комесар на Европската комисија за оваа тема, имајќи предвид дека „нашите соседски односи, од морална и политичка гледна точка, се дел од нашата стратегиска одговорност“, рече таа, тврдејќи дека „ поголема Европска Унија во исто време е и посилна Европа“. Таа најави „демократско проширување на ЕУ низ континентот“, а пристапувањето во Унијата ќе продолжи да се заснова на „европските услови и индивидуалните заслуги на секоја од земјите заинтересирани за членство во Унијата“.

Фон дер Лајен децидно рече дека еден од највисоките приоритети на новата комисија ќе бидат Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија и дека иднината на нивните граѓани мора да биде во европски дом во рамките на Европската Унија“. Н.М.