Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат јубилејно издание на „Абецедарот“ – буквар за македонските деца во Грција, објавен пред 100 години, во 1925 година во Атина. Потегот на „Матица македонска“ е за секоја пофалба

Стoгодишнина од издавањето на првиот „Абецедар“ – буквар за македонските деца во Грција

„Матица македонска“ од Скопје направи извонреден чекор објавувајќи деновиве јубилејно издание на „Абецедарот“ – буквар за македонските деца во Грција, на стотата годишнина од неговото прво објавување. Имено, „Абецедарот – букварот на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција“ тогаш бил подготвен од специјална комисија на грчката влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева. Абецедарот бил отпечатен во Атина, во мај 1925, на лерински народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. Целта на издавањето на таа вредна книга била „развиток на македонскиот јазик и култура и образование на македонското население во Егејска Македонија“. Со самиот факт што тој дел на Македонија потпаднал под грчка контрола, на македонското население му била укината можноста да се образува на својот мајчин јазик. Со издавањето на „Абецедарот“ се направил голем чекор кон остварување на таа цел, но, за жал, за многу кратко време.

За значењето на „Абецедарот“ потсети „Матица македонска“

Потегот на „Матица македонска“ е за секоја пофалба. А во повеќе наврати и МАНУ, на организираните дебати и чествување во врска со „Абецедарот“ – буквар за македонските деца во Грција го истакнуваше колосалното значење на драгоцениот документ за македонската лингвистичка наука, а уште повеќе за македонската историографија. Потсетуваме, на една од свечените академии во МАНУ, историчарката Виолета Ачковска искажа неколку фундаментални историски вистини, кои веќе близу еден век, хегемонистичките политики на соседните центри на моќ се обидуваат да ги релативизираат, да ги заташкаат или да ги ретушираат.
Политиката на соседите за негирање на македонскиот идентитет, како денес така и во минатото, попречувала во добрите намери на тогашното Друштво на народите од Женева, кое сепак ѝ наложило на грчката влада во училиштата да се учи и на македонски јазик. Уште во Друштвото на народите кога се водела дебата околу самиот „Абецедар“, бугарскиот претставник се расправал со грчкиот претставник Василис Дендрамис дека тој буквар е неразбирлив за бугарските деца и за Бугарите. Тогаш Дендрамис му одговорил дека се работи за многу различен јазик што не е ниту бугарски ниту грчки. И тоа е најважниот елемент околу тој „Абецедар“, бидејќи никогаш не стапил во сила, своевремено истакна историчарката Виолета Ачковска.
– Напишан со приспособена латинска азбука на прилепско-битолско-лерински говор, со примеси на југозападните наречја и со нагласен фонетски правопис, „Абецедарот“, испечатен во Атина во 1925 г. и наменет за учениците Македонци во Егејска Македонија, никогаш не почнал да се употребува – зборуваше историчарката Виолета Ачковска.

Чиe дело е „Абецедарот“ на македонски јазик

Зад „Абецедарот“ стојат тројца автори, а ќе биде потребно дополнително истражување за да се открие нивната етничка припадност, зашто дијалектната база врз која го пишувале букварот се совпаѓа со онаа на Мисирков од книгата „За македонцките работи“. Од Институтот за македонски јазик велат дека многу малку се знае за авторите на „Абецедарот“, дали се Грци по род или се Македонци, дали се Грци по род билингвални, кои го знаеле веројатно и македонскиот јазик.
– Едно од прашањата што го поставувам е дали тие го знаеле делото на Крсте Мисирков од 1903 година, затоа што одбирајќи ја дијалектната база врз која е направен „Абецедарот“, таа всушност се совпаѓа со онаа за која се определил Мисирков, а која не е неговиот роден говор од Ениџе-Вардарско – потсетуваме на изјавата на Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

„Абецедарот“ – вонреден настан во животот на малцинствата во Грција

Грчкиот публицист и специјалист за балканските прашања, Никос Зарифис, излегувањето од печат на Букварот го оценува како вонреден настан во животот на малцинствата во Грција. Во весникот „Елфтерон вима“ од 19 октомври 1925 година, пишува: „Имаме веќе готов буквар за словеногласните, за што грижливо се погрижија и добросовесно работеа специјалистите Г. Г. Папазахариу Сајакис и Лазару. Тоа е дело што наспроти тешкотиите за неговото составување, претставува прирачник за употреба…“. „Абецедарот“ бил испратен во некои околии од Западна Егејска Македонија (Костурска, Леринска и Воденска) и соодветните училишта преземале мерки за учење на македонските деца до четврто одделение на македонски јазик. Меѓутоа, грчките влади никогаш искрено не пристапуваа кон решавање на прашањето на Македонците и нивните национални права во Грција.
„Абецедарот“ е едно силно сведоштво, не само за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција туку и за фактот дека Грција била принудена од Друштвото на народите да преземе одредени задолженија за да се остварат правата на многубројното македонско малцинство во Грција. Н.М.