Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот турски колега Хакан Фидан на средбата во Москва ги дефинираа последните поединости за новата рунда преговори во Истанбул /Фото: ЕПА

На зелената преговарачка маса ќе се најдат два меморандума од двете преговарачки страни. Имено, во Меморандумот за мировен договор подготвен од Москва се испорачани барања за тоа Украина да има неутрален статус, барање за укинување на некои западни санкции, ослободување на замрзнатите руски средства на Запад и изнаоѓање модел со кој би биле заштитени жителите што зборуваат руски јазик во Украина. Наедно Кремљ бара „писмено ветување од големите западни сили дека НАТО предводено од САД нема да се шири кон исток“.
И Киев подготви Нацрт-меморандум за решавање на конфликтот, со кој ќе настапи на мировните преговори во Истанбул, но, за жал, детали од овој документ не се презентирани во јавноста

Втора рунда преговори за мировно решение на војната во Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров официјално соопшти во јавноста дека втората рунда преговори меѓу Русија и Украина ќе се одржат во Истанбул на 2 јуни. Кремљ веќе го подготви документот наречен Меморандум за мировен договор, а руската делегација ќе биде подготвена да ѝ го презентира меморандумот на Украина на тој состанок, додаде Лавров.

Што изјави рускиот министер за надворешни работи Лавров, во пресрет на новата рунда мировни преговори?

– Со поддршка на САД, Саудиска Арабија и Турција беа создадени услови за обновување на директните руско-украински преговори. Првата рунда се одржа на 16 мај во Истанбул. Во согласност со договорите постигнати таму, размената на затвореници беше извршена во форматот „1.000 за 1.000“. Во Истанбул, исто така, беше договорено Москва и Киев да подготват документи во кои ќе бидат претставени позициите на секоја од страните во врска со постигнувањето одржлива нормализација. Како што е договорено, руската страна оперативно подготви соодветен меморандум, во кој е наведена нашата позиција во однос на сите аспекти на надминување на коренските причини за кризата – рече Лавров.
Тој истакна дека руската делегација, предводена од Владимир Медински, е подготвена да ѝ го презентира тој меморандум на украинската делегација и дека се потребни објаснувања во рамките на втората рунда обновени директни преговори во Истанбул, в понеделник, на 2 јуни.
– Уште еднаш би сакал да изразам благодарност до турските партнери за нивното гостопримство и обезбедување платформа, како што потврди за време на посетата на Москва министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан. Тргнуваме од фактот дека секој што е искрен, а не само заинтересиран за успехот на мировниот процес, ќе го поддржи одржувањето на нова рунда директни руско-украински преговори во Истанбул – рече Лавров.
Телефонски разговор

Рубио-Лавров и размена на информации за претстојната втора рунда преговори во Истанбул

Американскиот државен секретар Марк Рубио телефонски разговараше со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Според западни извори, Лавров го информирал Рубио за подготовката на нова рунда преговори меѓу Москва и Киев. Американскиот државен секретар, пак, во телефонскиот разговор ја нагласил подготвеноста на САД да помогнат во приближувањето на ставовите на двете страни.
Во телефонскиот разговор, според западните медиуми, двајцата министри за надворешни работи потврдиле дека „постои расположение од двете страни за продолжување на дијалогот меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји врз основа на меѓусебно почитување“. Министрите разговарале и за други актуелни прашања од билатерална природа.

Кои клучни точки ги содржи Меморандумот за мировен договор подготвен од Москва?

Русија сака Украина да има неутрален статус, потоа Москва бара и укинување на некои (не сите) западни санкции, но наедно и да се ослободат замрзнатите руски средства на Запад, како и да се изнајде модел со кој би биле заштитени/безбедни/сигурни жителите што зборуваат руски јазик во Украина. Во истиот контекст, Кремљ бара „писмено ветување од големите западни сили дека НАТО предводено од САД нема да се шири кон исток“. Имено, тоа, според аналитичарите, е толкувано како „исклучување од членство на Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски републики“.
Според руски извори во медиумите, Меморандумот за мировен договор на Москва ги содржи следниве клучни позиции:

1. Писмено ветување дека НАТО нема да се шири на исток;
2. Украина како неутрална земја;
3. Укинување на некои од западните санкции;
4. Решавање на прашањето за замрзнатите руски средства;
5. Заштита за „жителите што зборуваат руски јазик во Украина“.

И Киев подготви Нацрт-меморандум за решавање на конфликтот со кој ќе настапи на мировните преговори во Истанбул

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров во името на официјален Киев изјави дека ѝ врачил на Русија документ наречен Нацрт-меморандум за решавање на конфликтот, но детали од овој документ не се презентирани во јавноста.
– Му го предадов на шефот на руската делегација нашиот документ… Ја потврдуваме подготвеноста на Украина за целосен и безусловен прекин на огнот и понатамошна дипломатска работа – напиша тој на социјалните мрежи.
И Владимир Медински, кој го предводи рускиот тим во директните преговори меѓу Русија и Украина, објави дека претходно биле утврдени точното место и време за размена на меморандумите од обете страни.
За потсетување, на претходната рунда преговори меѓу Русија и Украина што се одржа на 16 мај во Истанбул, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ја предводеше украинската делегација, а Владимир Медински, го предводеше рускиот преговарачки тим.

Р.С.