Разговор со Јасминка Намичева, коавторка на изложбата „Димитар Кондовски и македонските бајки“
- Особено внимание Кондовски обрнува на интеракцијата со текстот преку вињети, маргиналии и рамки што го „читаат“ фолклорот и го преведуваат во визуелен ритам приемлив и погоден за детето-читател, објаснува Намичева
Во Музејот на Македонија во Скопје кон крајот на 2025 година беше отворена изложбата „Димитар Кондовски и македонските бајки“, која претставува калеидоскоп од светот на бајките на Димитар Кондовски. Тој е познат македонски сликар, сценограф, дизајнер, професор и илустратор. Има остварено и оставено мошне богат творечки опус, а многу генерации деца растеа со книгите, сликовниците и учебниците илустрирани токму од него. Токму затоа актуелната изложба е многу важна, бидејќи е прво изложбено претставување на оригиналните илустрации за деца на Кондовски. Тоа, пак, беше повод да поразговараме со кустос-советничката Јасминка Намичева, која е авторка на овој проект, заедно со Филип Кондовски, син на Димитар Кондовски.
– Изложбата се состои од 82 илустрации, кои се составен илустративен материјал за седумте бајки, кои, пак, биле отпечатени во 1992 година како второ издание за библиотеката „Росица“, со поднаслов „Македонски народни приказни“, во издание на книгоиздателството „Детска радост“. Станува збор за прво изложбено претставување на оригиналните илустрации за деца на Кондовски од оваа едиција – објаснува Намичева.
Всушност, првично во 1986 година Кондовски ги илустрирал бајките „Марко и самовилата“, „Самовилското коњче“, „Квачката и дванаесетте пилиња“, „Немата морска царица“, „Детето без страв“ и „Светлата убавица“, во рамките на едицијата „Колибри“. Подоцна, во 1992 година се додадени текстот и соодветните илустрации за приказната „Силјан Штркот“.
Учебник по визуелна етика
– Оваа изложба беше идеја и еден вид аманет на сопругата на Кондовски, Хилдегард-Хилда, која беше столбот на сето она што е зачувано во богатата колекција на семејството Кондовски. Од мноштвото скици, цртежи, документи и илустрации од творештвото на Кондовски што се однесува на детската печатена или филмувана програма на која работел уметникот, најимпресивна е оваа колекција и во богатството на бројот на илустрациите, но и по квалитетот на уметничкиот израз и виртуозноста што уметникот ја вградил во овие дела -посочува кустоската Намичева.
Според неа, илустрациите на Димитар Кондовски за оваа едиција се учебник по визуелна етика, каде што патувањето кон зрелоста е прецизна композиција во која храброста е ред, љубовта е мерка, мајчинството е засолниште, чудесното е светлина. Токму затоа тие остануваат живи за децата – не им наложуваат што да мислат, туку им поставуваат патоказ кон тоа како изгледа доблеста.
– Ова е буквар на високоестетски, уникатен визуелен стил, каде што Кондовски го оживува светот на вонземните суштества, на самовилите и вештерите, животните што имаат човечки особини. Притоа говорат и чудотворните мотиви преку илустрации изградени врз елементи на геометриска апстракција и академска реалност, создавајќи впечатливи уметнички дела, на кои им втиснува магичност, сугестивност, совршена комбинација со текстот и длабоката емоционална резонанца, каде што спојот меѓу богатите народни волшебни приказни на Цепенков и визуелната експресивност на Кондовски создаваат ремек дела – нагласува Јасминка Намичева.
МН: Многу изданија го носат визуелниот печат на Кондовски
По повод оваа изложба е достапен и каталог, кој содржи краток хронолошки текст на претходните изданија од едицијата, со кратки осврти на уметничкото значење на илустрациите на Кондовски и нивните стилски особености. За сите седум приказни се презентирани оригиналните текстови на Марко Цепенков и Кузман Шапкарев, како предлошки на сетовите од по 12 илустрации за секоја одделна приказна, освен за „Сиљан Штркот“, каде што се презентирани десет илустрации.
– Кондовски со голем осет за мерка речиси крајно „економично“ користи мал број внимателно избрани реквизити (круни, амулети, перје, месечини и сл.), кои го градат наративот без претрупување. Особено внимание Кондовски обрнува на интеракцијата со текстот преку вињети, маргиналии и рамки што го „читаат“ фолклорот и го преведуваат во визуелен ритам приемлив и погоден за детето-читател. Сето тоа го прави ликовниот ракопис на Кондовски уникатен и препознатлив бидејќи е цврсто изграден врз културните предлошки од македонскиот бит и народна култура – објаснува Намичева.
Кондовски има исклучително богат опус на илустрации не само на детски изданија туку и како илустратор на корици за книги воопшто, но и на неколку ТВ-серијали за деца. Најчесто спомнувано е изданието на култната книга „Зоки Поки“ од Оливера Николова, но и „Алиса во земјата на чудата“од Луис Карол; „Шарено огледало“ „од Јован Стрезовски; „Прости ми, канаринке“ од Видое Подгорец; „Данок во крв“ од Иво Андриќ; „Првата бразда“ од Милован Глишиќ; „Сказни“ од браќата Грим и многу други.
Изложбата „Димитар Кондовски и македонските бајки“ во Музејот на Македонија во Скопје ќе биде отворена до крајот на февруари.
Детство со мирис на маслени бои…
Во едно интервју од 1969 година за списанието „Наш свет“, меѓу другото, Кондовски раскажува за неговите почетоци во ликовната уметност.
– Почнав да цртам од оној момент кога почнав свесно да размислувам. А цртав како и секое дете – ни подобро ни полошо – вели тој.
Димитар Кондовски во интервјуто истакнува дека најголем виновник за изборот на неговата професија бил татко му, кој бил сликар аматер.
– Уште од првите години на моето детство го почувствував мирисот на боите, кои подоцна станаа мое секојдневие – вели Кондовски.
Тој раскажува како тајно влегувал во собата на татко му и си играл со маслените бои.
– За да се спаси татко ми од мојата лоша игра со маслените бои, беше принуден многу рано да ми купи акварелни бои. Всушност, тоа беше и мојот ликовен почеток – раскажува Кондовски.
Неговиот талент бил препознаен уште во основното образование, прво од страна на неговите соученици, а малку подоцна и од неговите наставници.
Интервјуто го завршува со порака до младите ликовни таленти.
– Оние што ја сакаат ликовната уметност да не се задоволуваат само со сакањето. Нека цртаат онака како што знаат и умеат, а успехот ќе дојде порано или подоцна. Би им порачал и почести средби во изложбените простории -завршува Кондовски во интервјуто дадено за „Наш свет“ во 1969 година.
За илустраторот
Димитар Кондовски е роден на 30 септември 1927 година во Прилеп. Бил професор на Педагошката академија во Скопје и дописен член на Македонската академија на науките и уметностите. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, пишувал ликовни критики.
Имал свои самостојни изложби во Скопје, Тетово, Загреб, Рим, Њујорк, а учествувал на групни изложби во Белград, Александрија, Сан Марино, Рим, Шел, Париз, Кан, Сир Мер итн. Тој е автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје во 1967 г. Добитник е на неколку значајни признанија. Починал на 10 август 1993 година во Скопје. Тој е брат на актерката и режисерка Тодорка Koндова Зафировска и татко на актерката Марија Кондовска.

































