Фото: ЕПА

Во време кога речиси сите производители преминуваат на електричен погон, ваков потег од Кина претставува вистинско изненадување

КИНЕЗИТЕ ГО ШОКИРАА СВЕТОТ: ПРЕТСТАВЕН НОВ МОТОР СО ВНАТРЕШНО СОГОРУВАЊЕ V8 СО ДВА ТУРБОПОЛНАЧА

Додека глобалниот автомобилски пазар сè повеќе се насочува кон електрични возила, кинескиот производител „Грејт вол моторс“ (ГВМ) реши да не се откаже од моторите со внатрешно согорување – и тоа не од кој било. ГВМ тукушто го претстави целосно новиот четирилитарски мотор V8 со два турбополнача, наменет за луксузни теренци и пикап-модели. Според информациите на „Вичкар“, моторот користи двоен систем за вшприцување гориво, две маслени пумпи и може да достигне до 8.000 вртежи во минута.
Станува збор за дел од плагин хибриден погонски систем, што значи дека помеѓу моторот и менувачот има и електромотор, кој овозможува возење исклучиво на струја.
Прв модел што ќе го користи овој мотор ќе биде луксузниот теренец „танк 300“, но се очекува овој погонски склоп да биде вграден и во други моќни модели на ГВМ во иднина. Сè уште не е потврдена вкупната комбинирана моќност на овој систем, но се најавуваат повеќе технички детали во блиска иднина.
Во ерата кога речиси сите производители се насочени кон струјата, ваквиот потег од Кина не претставува само изненадување туку и јасен сигнал дека борбата со другите автомобилски гиганти се проширува и на други фронтови – не само на електричниот.