Фото: „Нова Македонија“

Се забележува сѐ поголем раст на волуменот на превезени количества стока во бизнисот, а најголемиот раст е регистриран кај камионскиот транспорт. Граѓаните, пак, повеќе сакаат да се превезуваат авионски, но, сепак, бројките покажуваат дека тие многу често патуваат и со автобуси. Имено, Државниот завод за статистика (ДЗС) регистрира дека има забележливо раздвижување/патувања/превоз и кај граѓаните, каде што се забележува раст на автобускиот и на авионскиот превоз, но намалување кај превозот на патници со возови

Превозот на стока и патници расте

Транспортот со камиони и комбиња доминира низ македонските патишта, наспроти превозот на стока со железницата или со авионскиот превоз. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека има голем раст кај превезените количества стока со товарен патен превоз на годишно ниво, додека поблаг пораст се бележи кај железничкиот и авионскиот превоз на стока. Дополнително податоците на статистичарите откриваат дека има раст и кај патниците, како кај патниот или автобускиот превоз така и кај железничкиот и авионскиот превоз.
– Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2024 година, во патниот патнички превоз бројот на превезените патници изнесува 1,108 илјади, во градско-приградскиот превоз 9,881 илјада, во железничкиот превоз 67 илјади, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесува 738.769.
Во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2023 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е зголемено за 8,7 проценти, во железничкиот превоз е зголемено за 73,5 отсто, додека во воздухопловниот превоз е намалено за 2,7 проценти – се посочува во извештајот на ДЗС.

Но податоците на ДЗС покажуваат дека кај превозот на стока има раст, и тоа од 68.109.000 тони стока во текот на 2023 година, на 84.347.000 тони стока во текот на цела 2024 година.
Кај железничкиот превоз од 817.000 тони стока превезени во 2023 година, растот достигнал до 858.000 тони стока во текот на минатата година.
Сепак, преносот на стока со авиони е најмал и таму од 2.540 тони стока превезени во 2023 година, во текот на минатата година со овој тип превоз биле пренесени 3.353 тони стока.
Бројките покажуваат дека има раздвижување/патувања/превоз и кај граѓаните, каде што се забележува исто така раст во превозот на луѓе со автобускиот и со авионскиот превоз, но намалување кај превозот на патници со возови.
Па така, ако во текот на 2023 година со автобуски превоз биле превезени 3.830.000 патници, во текот на минатата година нивната бројка достигнала 3.985.000 патници.
Со железничкиот превоз, пак, лани биле превезени 238 илјади патници, додека година претходно или во 2023-та имало 280 илјади патници.

Што се однесува, пак, до авионскиот превоз, таму бројките покажуваат постојан раст. Од година на година има сѐ повеќе патници, што е показател дека граѓаните преферираат да летаат наместо да патуваат со автомобил или со воз, особено кога станува збор за далечните дестинации.
Бројките покажуваат дека во текот на 2023 година со авион летале 3.142.510 патници, додека во текот на минатата година бројот на патници благо пораснал и достигнал 3.169.418 патници.
Раздвижувањето на граѓани и растот на стоката за економистите е показател за заживување на економијата, сепак, укажуваат дека државата мора да развива стратегија за раст на превозот со железница, како еден од моделите за намалување на загадувањето.

– Поголема раздвиженост укажува на заживување на економијата на прв поглед, но, сепак, многу е позначајно што се превезува и дали станува збор за увозни продукти или за домашно произведени. Добро е што има раст, значи луѓето повеќе трошат, имаат за трошење, но факт е и дека расте увозот, особено кај храната, што во иднина може да биде негативно за домашната економија, ако граѓаните трошат голем дел од буџетот на увезени продукти наместо на домашни. Нужно е да се знае што се троши и да се поттикнува и поддржува домашното производство – укажуваат економските експерти со кои се консултиравме.
Позитивни придвижувања во економијата за следниов период најавуваат и од Народната банка на Македонија, од каде што укажуваат дека клучните макроекономски показатели и натаму се движат во согласност со очекувањата од последните проекции.

– Очекувањата за увозните цени во следниот период во просек не се разликуваат од оние при октомвриските проекции, а јануарските анкети на Европската комисија упатуваат на очекувања на потрошувачите за намалување на цените во следните 12 од 29 месеци. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2024 година упатуваат на натамошен економски раст, кој во согласност со последните проекции благо би забрзал. Девизниот пазар и натаму е стабилен, а движењата се поволни, што придонесе за посилен раст на девизните резерви од проектираниот за последниот квартал, а приливот на девизи на менувачкиот пазар е во согласност со очекувањата. Истовремено, остварувањата кај депозитите и кредитите на крајот на 2024 година ги надминаа очекувањата – беше истакнато во последниот квартален извештај на НБРСМ.

Е.Р.