Во градската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип минатата недела се одржа промоција на романот со наслов „Јин и јанг“ од младата авторка Ана Маркоска, студентка на Институтот за психологија во Скопје, каде што и живее.
Таа уште од средношколските години се вклучува во разни активности за намалување на семејното насилство, особено врсничкото.
„Јин и јанг“ е нејзин деби-роман, кој пред младата публика во Штип го претстави самата авторка преку интерактивна комуникација со присутните. Книгата е наменета за младите и пораката што ја носи е да можат полесно да се справат со предрасудите и предизвиците што ги носи животот и дека љубовта е таа што победува и гради мостови за поврзување.
– Како библиотека преку вакви промоции уште еднаш потенциравме дека токму книгата може да ни помогне да надминеме многу случки, ситуации, предизвици или предрасуди и да се најде соодветно и правилно решение – велат од библиотеката.