Научниците во Аргентина открија остатоци од досега непознат диносаурус од таинствената група мегарапторани. Фосилот, за кој се претпоставува дека му припаѓал на животно долго околу седум метри, потекнува од периодот пред 66-70 милиони години, односно непосредно пред изумирањето на диносаурусите. Кога умрел, диносаурусот имал најмалку 19 години, но причината за смрт сè уште не е позната.
Истражувачите во патагонската карпеста формација Лаго Колхуе Хуапи пронајдоа делови од череп, раце, нозе и опашка. Забележаа уникатни карактеристики на коските, што ги наведе да заклучат дека се работи за нов вид. Особено интересен наод е коската на предната нога на овој древен роднина на крокодилот, притисната до вилицата на диносаурусот, што би можело да открие повеќе податоци за неговата исхрана.
Мегарапторите живееле на подрачјето на денешна Јужна Америка, Австралија и делови од Азија, развивајќи се во различни видови низ милиони години. Биле препознатливи по издолжените черепи и огромните и силни канџи, нагласуваат научниците. Новиот вид го доби името хоакинраптор касали. Палеонтологот Лусиo Ибирикo од Патагонскиот институт за геологија и палеонтологија му го даде ова име во спомен на својот покоен син Хоакин.