Саули Нинисто беше задолжен од Урсула фон дер Лајен да состави извештај за подготвеноста за војна и за цивилна одбрана на ЕУ / Фото: ЕПА

Планот на ЕУ за формирање заедничка безбедносно-разузнавачка агенција наидува на пречки

  • ЕУ доби наредба да основа сопствена разузнавачка агенција. Како дел од сеопфатниот преглед на подготвеноста за војна и кризи на Унијата, кој беше објавен во јавноста деновиве, поранешниот фински претседател Саули Нинисто верува дека „на ЕУ ѝ е потребна сопствена разузнавачка агенција, која преку подобра размена на информации треба да им помогне на земјите членки да се одбранат од закани, саботери и од странски агенти што работат во главните градови низ континентот“. Ова го објави во своја статија реномираниот медиум „Политико“
  • Голем број дипломати се протерани од главните градови низ ЕУ под обвинение за шпионажа, а Брисел стана жариште за агентски активности со стотици институции и амбасади со седиште во главниот град на ЕУ. Покрај тоа, војната во Украина и нејзините последици предизвикуваат хаос низ ЕУ – од беспилотни летала што ги надгледуваат местата за воена обука, преку спречени обиди за атентат врз раководители на воената индустрија, до напади на подводна инфраструктура…

Протекувањето доверливи информации од извршната власт на Европската Унија (ЕУ) и забележаното претворање на Брисел во елдорадо за разузнавачки активности на странски агенти ја доведуваат во прашање можноста на Унијата да формира сопствена разузнавачка агенција. И известувањето на европското издание на магазинот „Политико“ пишува во тој контекст. Во анализата се наведува и дека европското разузнавачко тело треба да биде слично на концептот на Централната информативна агенција (ЦИА) на САД.

Намалена способноста на националните разузнавачки служби на Унијата

ЕУ доби наредба да основа сопствена разузнавачка агенција. Како дел од сеопфатниот преглед на подготвеноста за војна и кризи на Унијата, објавен деновиве, поранешниот фински претседател Саули Нинисто верува дека на ЕУ ѝ е потребна сопствена разузнавачка агенција, која преку подобра размена на информации треба да им помогне на земјите членки да се одбранат од закани, саботери и од странски агенти што работат во главните градови низ континентот, пренесува „Политико“.
Нинисто, кој беше претседател на Финска повеќе од една деценија, уште во март беше задолжен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да достави детален извештај за подготвеноста за војна и за цивилна одбрана на Унијата, заедно со предлози за подобрување на состојбата. Во извештајот се наведува дека Русија со години води војна во Украина на источната граница на ЕУ, а нејзините оперативци се активни низ целиот европски блок, што предизвикува загриженост за способноста на националните агенции да предвидуваат „малициозни активности и надворешно влијание“.

Нинисто: Разузнавачка служба на ЕУ и за стратегиски и за оперативни потреби на Унијата

Во својот нацрт Нинисто ја дискутира потребата за ЕУ да воспостави сопствена „целосна разузнавачка соработка на ниво на Унијата што може да служи и за стратегиските и за оперативните потреби“, додавајќи дека е потребна „антисаботажна мрежа“ за заштита на инфраструктурата.
– Потребно е повеќе работа за „да се подобри контрашпионажната активност во институциите на ЕУ – рече Нинисто по претставувањето на планот заедно со Фон дер Лајен.
Голем број дипломати се протерани од главните градови низ ЕУ под обвинение за шпионажа, а Брисел стана жариште за агентски активности со стотици институции и амбасади со седиште во градот. Покрај тоа, војната во Украина и нејзините последици предизвикуваат хаос низ ЕУ – од беспилотни летала што ги надгледуваат местата за воена обука, преку спречени обиди за атентат врз раководители на воената индустрија, до напади на подводна инфраструктура.
– Западните сојузници веќе споделуваат разузнавачки информации со мрежата „Петте очи“ што ги поврзува агенциите во Соединетите Американски Држави, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Обединетото Кралство. И таквата агенција во ЕУ треба да се фокусира на добро користење на информациите што се веќе оперативни – рече Нинисто, додавајќи „мораме да си веруваме едни со други“.

Сѐ поголемо „протекување информации“ од институциите на ЕУ

ЕУ веројатно нема во скоро време да ги избере најдобрите и најспособните меѓу своите, што опфаќа мисии со висок ризик во странство, делумно поради честопати протечените информации од извршната власт на ЕУ кога станува збор за доверливи податоци.
– Сите знаеме дека собирањето разузнавачки информации е првенствено одговорност на земјите членки. Треба да се надоврземе на подобрување на информациите, како и на собирањето разузнавачки информации – рече Фон дер Лајен.
Постојат многу други области каде што блокот треба да ја зајакне својата подготвеност за конфликт, се наведува во извештајот. На пример, на Унијата ѝ недостигаат милион експерти за сајбер-безбедност, како што посочи Нинисто.
Иако не се залага за воена регрутација, тој сепак се залага членките да воведат програми што ги доведуваат цивилите во националната одбрана. Безбедносните агенции, исто така, мора да „го отежнат што е можно повеќе дејствувањето на непријателските странски разузнавачки служби насекаде во ЕУ“, рече поранешниот фински претседател. Заклучоците на Нинисто ќе бидат вклучени во вториот мандат на Фон дер Лајен, во кој ЕУ ќе го има својот прв комесар за одбрана задолжен да подготви т.н. „бела книга за одбрана“ до пролетта 2025 година. Р.С.