Од извонредна важност за македонскиот јазик е научното творештво и на полскиот македонист Влоѓимјеж Пјанка, остриот критичар на бугарските негирања на македонскиот јазик. На 9 август 2025 година навршија 88 години од раѓањето на овој полски славист и македонист – еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик и бранители на неговата самобитност, бездруго не само во Полска туку и воопшто во светот и во лингвистиката и светската македонистика. Оваа годишнина е соодветна пригода за навраќање кон животот и научниот ангажман на Пјанка.
Влоѓимјеж Пјанка е роден на 9 август 1937 година во Воломин крај Варшава, Полска. Студирал словенска филологија во Филолошкиот факултет во Варшава. Бил член на МАНУ надвор од работниот состав од странство од 26 јуни 1997 година. Академик Пјанка е прв лектор по полски јазик во Македонија (1959-1967) на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет во Скопје. Toj e заслужен за развивање на македонистичките студии во Полска и во Австрија. Во Варшавскиот универзитет (1967-1977) и во Шлонскиот универзитет (1977-1981) води настава по македонски јазик во рамките на југославистиката. На 15 ноември 1966 година ја одбранил во Варшавскиот универзитет својата докторска дисертација со наслов „Топономастика на Охридско-преспанскиот базен во Македонија“. Напишал хабилитациски труд со наслов „Македонски лични имиња од котлината на Азот“. Како што напомнал Пјанка во споменатото интервју за „Утрински весник“, македонските презимиња се чинител на идентитетот на македонскиот народ.
– Бугарите имаат различни мислења. Некои признаваат дека постои навистина македонски јазик. Но, има и такви професори, што велат дека нема никаков македонски јазик. Како лингвисти бараме да ни покажат докази. Тие одговараат дека не е важно тоа. На моето прашање за посебноста на македонскиот јазик тие ми одговараат: „Ние го чувствуваме духот на јазикот, тоа е истиот дух, што го имаат луѓето во Македонија и кај нас“. Со духови не сакам да се занимавам. Јас сум научник, сакам докази. Јас докажувам дека тоа се два различни јазика. Бугарските тврдења за македонскиот јазик немаат никаква логика – нагласил професорот д-р Влоѓимјеж Пјанка во интервју дадено за „Утрински весник“ пред повеќе од десет години.
„Кодификувањето на македонскиот јазик не беше создавање сосема нов
литературен јазик, туку реформа на јазик што постоеше веќе со векови“
Во својата научна статија со наслов „Прашањето на фонетско-фонолошката кодификација на македонскиот јазик“, претставена на научниот собир „Педесет години на македонската наука за јазикот“, одржан од 30 ноември до 2 декември 1995 година во Скопје, Пјанка уште тогаш со аргументи ги побил сегашните бугарски подмолни подметнувања и обиди да го претстават македонскиот јазик во Европскиот парламент и пред Европа како „современ јазик“.
– Развојот на македонскиот литературен јазик пред неговата конечна кодификација покажува дека не се работи за создавање еден сосема нов литературен јазик, туку за реформа на еден веќе постоен јазик, кој ги прошири своите функции како службен јазик на НР Македонија. Меѓу другото, затоа мораше македонскиот јазик да биде кодифициран – нагласува професорот Пјанка во таа статија. Неговите согледувања се моќни противаргументи на примитивните фалсификати на бугарските шовинисти политичари и научници за наводната „современост на македонскиот јазик“.
– Веќе од 16 век се јавуваат кај Словените свесни обиди да се пишува на јазик разбирлив за народот, односно на јазик со црковнословенска основа и со елементи на народниот јазик. Такви обиди има кај Македонците во текстовите од 16 век до 19 век, кои содржат сѐ повеќе елементи од народниот јазик, како што се Тиквешкиот зборник или Трескавечкиот зборник – наведува професорот Пјанка.
Натаму, полскиот македонист нагласува дека „градските центри Битола, Охрид, Прилеп и Велес, покрај другите средишта на македонската културна дејност, го определија дијалектно развојот на македонскиот јазик“.
– Ова доведе до природното сознание дека македонскиот јазик треба да се развива врз основа на западномакедонското наречје и да биде одделен од бугарскиот јазик. Најсвесно и најопределено за тоа се изјасни Крсте Мисирков. Во 20 век пишуваниот јазик веќе се засновува токму врз западното наречје и го наоѓа својот најголем израз во творештвото на Рацин и во текстовите настанати во времето на НОБ. Следува конечната кодификација на македонската азбука и правописот во 1945 година – заклучува академик Пјанка во својата научна статија, посветена на кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
Како професор по македонски јазик на Варшавскиот, Шлонскиот и Виенскиот универзитет, автор на десетина книги и околу стотина научни статии, речиси сите од потесна македонистичка област, но и како ментор на млади македонисти, Пјанка придонесе многу за меѓународната афирмација на македонскиот јазик. На 17 ноември 2022 година, во 85-та година од животот, престана да чука срцето на овој голем пријател на Македонија и на македонскиот народ.
Македонскиот народ треба посоодветно да им се оддолжи на Лант и Пјанка
Влоѓимјеж Пјанка и Хорас Лант остануваат засекогаш запаметени со своето научно дело за македонскиот јазик во колективната меморија на македонскиот народ. Авторот на овие редови смета дека македонскиот народ и македонските државни и научни институции треба на Лант и Пјанка да им се оддолжат посоодветно поради нивниот драгоцен придонес кон афирмацијата и одбраната на македонскиот јазик, идентитет и култура. Дали би било можно дел од главните амфитеатри во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ или во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да бидат именувани „Хорас Лант“ и „Влоѓимјеж Пјанка“? Дали би било изводливо за Град Скопје и Општина Центар да постават во централното градско јадро спомен-обележје за овие искрени и големи пријатели на Македонија и на македонскиот народ, но и да се именуваат по една улица со нивното име? С.То.