Најново од творештвото за децана писателот Трајче Кацаров
Како и секогаш и тогаш на крајот од школската година училишниот двор беше премалечок да ја собере сета детска радост. Славеа одликашите, славеа и оние што во ученичките книшки имаа повеќе „бандери“ отколку слепите улици во градот. Ја славеа, кои како, победата над училишните маки. Го славеа, за кои како, заслужениот одмор изразен низ трите месеци лето. Само јас не славев. Стоев тажен во сенката на врбата што ги пушташе гранките до плочникот. Има многу приказни што говорат за тоа како настанала жалната врба. За мојата тага имаше само една.
Бев вљубен во Буба, девојката што од прво до петто одделение седеше, како онаа од песната на Балашевиќ, во првата клупа до вратата. Беше миленичка на целото одделение. Јас ја љубев. Толку ја љубев што бев готов да клекнам на коленици пред неа и да ја побарам за жена.
Не бев тажен само во училишниот двор. Бев и во училницата. Еден од учениците, оној што од дома донесе грамофон и плочи, ја пушти „Ob-La-Di, Ob-La-Da“, еден од последните хитови на „Битлсите“.
Сите од класот се фатија еден за друг и на чело со класниот, како локомотива, направија воз. Почнаа змиулесто во ритамот на музиката да се движат низ училницата. Само јас не бев вагон во композицијата. Стоев во најтемниот агол и гледав во Буба. Беше закачена за учителот. Изгледаше како вагон од прва класа. Колку само беше убава мојата Буба.
Кога заврши песната, класниот застана насреде училницата и рече: „Ете со оваа игра сликовито го покажавме заминувањето од училиштето на нашата драга Буба. Татко ѝ како офицер во Армијата доби прекоманда. Наесен Буба ќе го продолжи школувањето во друго училиште, во друг град. Да ја поздравиме со едно силно – Ураа!“ „Ураа! Ураа! Ураа!“ Извикаа учениците.
Сакав да скокнам и да извикам: „Сите можете да заминете само Буба не!“
Не го сторив тоа зашто знаев дека заминувањето на Буба од училиштето не значи и заминување од срцето на вљубениот петтоодделенец.
Скришно ја напуштив училницата. На пат кон дома во ушите ми одѕвонуваше „Јоур мај евритенг… Јоур мај кис јоур липс“ од Санта Есмералда, последната песна што ја слушнав на разделбата со Буба.
Илустрација: Трајче Кацаров