Предроденденска средба со творештвото на писателот Киро Донев
- Во денешното издание на „Колибри“ ви претставуваме драмски текст на еден од најистакнатите и најплодни македонски писатели за деца, Киро Донев. Освен текстот, ќе можете да ја прочитате и неговата автобиографија, која ја напишал на шеговит начин. Се надеваме дека овој драмски текст наскоро ќе биде поставен на сцена во некое основно училиште во нашата земја. Со оваа објава му го честитаме претстојниот роденден на нашиот драг писател и долгогодишен соработник на „Колибри“, Киро Донев, кој ќе го прослави на 21 март
Учествуваат: Конферансието, Морковот, Празот, Црвениот Домат, Лукот, Модриот Патлиџан, Гравот и Целерот
(Дејството се случува на една „тезга“ на Зелениот пазар)
КОНФЕРАНСИЕТО:
(Излегува на сцена и ѝ се обраќа на публиката)
Секој од вас, почитувани, ако не повеќе, барем еднаш бил на Зелениот пазар, нели? И, знае што сѐ таму се продава. Но, сигурно не знаете што се случува таму кога продавачот прекуноќ на тезгата зеленчукот го остава. Тогаш, верувајте, пазарот личи на необична „театарска сцена“. Претставата што може да се види навистина нема цена. Да не речете дека тоа е некое „пазарџиско озборување“, еве, видете и слушнете го и сами таквото „зеленчуково додворување“!
МОРКОВОТ: Ах, таа неодолива БРОКУЛА. Таа нова дама на пазарот што се јави. До кога ли ќе ме „дави“? Пет дена вљубен поздрав ѝ праќам, а таа или е слепа или не ме сфаќа. Ни самиот не знам до кога ќе трае таа платонска борба, место да се најдеме заедно во некоја еколошка чорба!
ПРАЗОТ: А што да кажам јас – неодоливиот ПРАЗ? По цел ден ѝ се додворувам на една зелена МАРУЛА, а таа не ме „рецка“, ме „множи“ со нула! Додуша и онаа МАСЛИНКА е финка, но и таа ми „затвора“ врата. A заедно би биле одлична – пикантна салата.
ЦРВЕНИОТ ДОМАТ: Пиперке драга, зошто ме обвиваш со тага? Ние одличен пар би биле: ти – лута, а јас – благ! Зарем ниту малку не сум ти симпатичен и драг? За нас човек би дал и цела плата кога би нѐ видел сплотени во „шопска салата“!
ЛУКОТ: Штом ќе ја погледнам долгоногата КРАСТАВИЦА, неа веднаш ја фаќа незапирлива кивавица. А верувајте, растевме во бавча заедно, речиси во ист двор… Зошто да не завршиме заедно во некој – таратор? Ја прашав за тоа, а таа ми вели: „Простете, господине лук, ама јас си имам друг“!
МОДРИОТ ПАТЛИЏАН: Со денови модреам, со сила се смеам, а од љубов – греам… Едноставно согорувам, а не знам да се додворувам… Како змија да ме касналa, како да ме изела ламја… Уста не можам да отворам пред убавата БАМЈА! Би дал и срце и глава, сал една ноќ да минам во некоја „турлитава“…
ГРАВОТ: Искрено кажано, мојот глас најдалеку се слуша. Но сега, еве, во тага се гушам. Ме следи некаква зла манија. Ни збор да изустам пред онаа БОРАНИЈА. Ме советува вујко ми ГРАШОК: „Попрскај ја со љубовен прашок… та нели, внучко мој, и таа е од нашиот сој“?
ЦЕЛЕРОТ: И мене ме отфрлаат како некој „фелер“. А ниту една манџа, нели, не може – без ЦЕЛЕР! Иако меѓу сите сум најдобриот зачин, да дојдам до ЗЕЛКАТА – не најдов начин… А би биле прекрасен пар, нели? Утрово ја прашав, а таа ми вели: „Ќе скиснам, ако треба и онака, без сол, само да ме засака кадравиот КАРФИОЛ“!
КАРФИОЛОТ: Жал ми е за ЗЕЛКАТА, ама ни на сон… Сигурно не знаете дека јас сум „клон“! По мене вљубено „клепка“ и ШЕЌЕРНАТА РЕПКА, ама и нејзината љубов за мене е „слаба“. Јас сум вљубен во една КЕЛЕРАБА!
КОНФЕРАНСИЕТО: (Пак излегува на сцената и ѝ се обраќа на публиката.) Почитувани господа, проценете – на какви маки се вљубените. Од мене секоја им чест и слава и мудра и бистра глава, што ни ја зготвија оваа вљубена турлитава. (Завеса)
Автобиографија
На дваесет и први март 1942 година, од објективни причини и со непосредна спогодба меѓу моите родители, сум се родил и јас во Моноспитово – најубавото струмичко село. За тоа си имам и потврда. Што се вели – „црно на бело“!
Но, сепак, при тој свечен чин, за некои од присутните, нешто како да не било во ред. Зашто наместо да заплачам како и секое друго новороденче, јас сум дошол смеејќи се на овој свет! Самоуката селска бабица, на која најпрво сум ѝ подал рака, збунета и испаничена, на сет глас викнала вака:
„Леле, луѓе, ова колку е чудно, толку е жално… Ова дете или ќе е многу паметно, или, не дај боже, ќе биде ненормално! Над нас летаат авиони, трештат бомби, во дворот ни шетаат окупатори, а тоа, видете го – се смее! Ова на добро не ќе е!”
И така, јас си се смеам, а таа си продолжува да се чуди и да си „баботи“. Сигурно ми беше лута зашто се родив попладне, па мораше прекувремено да работи. Или пак ни на крај памет не ѝ дошло на кутрата, дека во тој таканаречен – окупаторски момент, јас само сум сакал да го ослободам мојот иден талент?! Оттогаш, па еве дури досега, јас животот си го сфаќам сѐ некако на шега! Така е, чесен збор… Еве, за три-четири дена ги надополнувам моите осумдесет и четири години и до денес ништо не ме исплашило. Не сум рекол ниту еднаш ни „ах“ ни „оф“! Пораз не признавам, а за победа го сметам секој ден нов.
Роден сум во знакот – ОВЕН, па сосема е нормално што често удирам со главата во ѕид. Но притоа не чувствувам ниту болка ниту пак страв. Имам дури и полза: на тој начин си собирам тули од урнатиот ѕид и си градам свој личен став! Ама кога е потребно знам на сите јазици да молчам. Знам кога не треба „туѓи круши да берам“ или „празна слама да толчам“!Оти притоа може непријатни нешта да се случат, па децата и младите од моите грешки да почнат да учат.
За сево горе кажано, не сакам некој погрешно да ме сфати. И јас, како многу луѓе, животот си го живеам на рати. Зашто наречниците кога ми ја прорекувале иднината, ме задолжиле – со по една книга годишно – да ѝ се оддолжам на татковината. А бидејќи „од пишаното дури и неписмениот не може да избега“, јас таа задача чесно си ја извршувам досега. Со понекој роман, збирка раскази или песни, со некоја радио или ТВ-драма и по нешто смешно друго, плус… Ама, каква полза, кога ништо од напишаното не ми се допаѓа, зашто си имам префинет вкус. Згора на сè, и нешто друго ме нервира. Некои од моите книги, на недолжните деца – им се препорачани како задолжителна лектира. Па, така, со години си тераат. Ми велат оние вредноста што ми ја мерат:
„Навистина си чуден, наместо ние, ти се нервираш. Нашата вага е точна. Ти треба својот кантар да си го набаждираш! Си се проценуваш многу строго… Ако не е тајна, ај кажи ни, барем кој наш писател ти се допаѓа најмногу?!“
„Најмногу го читам и го ценам Гоцета Делчев, им реков. Подобар поет и писател од него, не сум сретнал на веков! Има напишано само една книга – Македонија… Навистина, без шега – подобра книга од неа не сум прочитал до сега!“
Ете, само толку сакав за себе да кажам. А, ако еден ден, „пукнам“ од мака, тоа ќе биде поради тоа што не научив во животот барем малку и јас да лажам.
Вашиот Киро Донев
































