Фото: ЕПА

Во тек нова фаза на воени разместувања и групирања на Блискиот Исток

  • Експертите сметаат дека веројатноста за ограничен воен судир (удари, контраудари, прокси-ескалација) е значително зголемена.
    Второ, дека „веројатноста за целосна војна САД-Иран останува пониска, но веќе не е маргинална“. Експертите сметаат дека најверојатно сценарио во овој момент е кратка, интензивна фаза, со прецизни удари, силна иранска одмазда преку ракети и прокси-групи и обид конфликтот да се држи под прагот на тотална војна

Американските медиуми („Си-би-ес“ и „Нешнл интрест“) објавија дека САД потврдиле дека бродот-носач „УСС Абрахам Линколн“ испловил од Јужно Кинеско Море кон Блискиот Исток, што, според нивните аналитичари, е „јасна изјава за намера“. Имено, споменатиот носач на авиони е придружуван од „разорувачи и ракетни бродови опремени со стотици лансери способни да погодат прецизно одредени цели (според аналитичарите, цели низ Иран).
Но, и покрај извештаите, не е пронајдена официјална потврда од САД за пристигнувањето на подморници со наведувачки ракети во спорната област на Блискиот Исток. Натаму, на истото конто информации, дополнителни извештаи („Њузвик“ и „Ројтерс“) врз основа на сателитски снимки заклучија дека дополнителни бомбардери слетале во заедничката американско-британска база во Индиски Океан наречена „Диего Гарсија“. Базата има невообичаено долги писти што им овозможуваат на тешките стратешки бомбардери, како што се авионите од класата „Б-2“, да лансираат напади со долг дострел низ Блискиот Исток, целејќи утврдени и подземни цели и командни центри.

Во изминативе два-три дена, регистрирано е невообичаено воено раздвижување што гравитира кон Иран

Во иста насока како и претходните информации, мониторингот на регионалниот воздушен сообраќај со отворен код покажа дека „само во изминатите два дена, повеќе од десетина американски тешки воени транспортни авиони летале кон Заливот“. Според процените, тие носеле значителна логистика, компоненти за спасување и системи за муниција. Во меѓувреме, има сè повеќе извештаи дека и „небитен британски и американски персонал е евакуиран од базата ’Ал удеид‘ во Катар“. Оваа информација се однесува на активност што е „превентива на потенцијална иранска операција“. Паралелно, за издвојување е дека американската војска ги засили батериите „патриот“ и ТХААД низ земјите од Персискиот Залив како дел од подготовките за ирански одговор. Пред сѐ Вашингтон ги зајакна и ги прошири заедничките командни центри со регионалните партнери, вклучувајќи го првенствено Израел. Во оваа фаза, активноста се оценува како ажурирање на ситуацијата и планирање за непредвидени ситуации за ублажување на потенцијалната иранска одмазда (тоа го објави израелскиот медиум „Џерусалим пост“). Воени претставници потврдија дека во текот на изминатите два дена, Дирекцијата за операции на ИДФ, Дирекцијата за планирање и одбранбениот аташе на Израел во Вашингтон ги интензивираа контактите со колегите, фокусирајќи се на ЦЕНТКОМ и Пентагон, за да се подготват за повеќе сценарија.
И на крајот, но не сосема безначајна е и информацијата дека на социјалните медиуми, извештаите посочија на ГПС-прекини над иранскиот воздушен простор и очигледна употреба на електронско војување наменето за тестирање системи што ги деградираат радарите и другите електронски уреди за извидување на Иран. Сите овие околности наведуваат да се постави прашањето: Влегува ли во повисока фаза веројатноста за воениот конфликт на САД со Иран?

Зошто ризикот очигледно расте?

Комбинацијата од чекори што се регистрирани, според нашите соговорници, не се рутински и оди подалеку од вообичаено „одвраќање“: Имено, преместување носач на авиони со придружба, односно носачка ударна група не се користи за симболичен притисок, туку за брз почетен удар, контрола на воздухот или за поддршка на поширока кампања. Самото нејзино присуство драматично ја зголемува воената опција на маса.
– Да се разбереме, активирањето на воената база „Диего Гарсија“ и нејзината подготовка за слетување/полетување на стратешки бомбардери е особено значаен индикатор. Токму „Б-2“ и сличните најсофистицирани воени платформи се оптимизирани токму за сценарио со Иран за длабоки, утврдени, подземни цели, за удар на командни и нуклеарни објекти, односно за реализација на прв бран на конфликт. Тие не се распоредуваат за „психолошки притисок“, велат нашите соговорници.
Во натамошната анализа, соговорниците истакнуваат и дека зафатот за „масовна логистика и евакуација на небитен персонал“ е класичен чекор пред очекуван ирански одговор, а не пред дипломатска деескалација. Натаму, засилувањето на ПВО („патриот“/ТХААД) директно укажува дека САД и партнерите очекуваат балистички и крстосувачки ракети, односно сценарио на иранска одмазда. Уште еден факт што сојузниците не го кријат, а е чист индикатор за минување во повисока фаза на ескалација на судирот, е „интензивната координација со Израел и ЦЕНТКОМ“. Историски, вакво темпо на координација се забележува непосредно пред удар или кога се подготвуваат за „повеќе можни временски прозорци за конфликт“. Медиумите забележуваат во оваа фаза и ГПС-прекини, при што тие го толкуваат тоа како „пробно електронско војување“, односно пишуваат за воведна „мека фаза“ на конфликт – тестирање, мапирање и деградација на противничките системи пред евентуална кинетичка акција.

Зошто сето ова сè уште не значи дека војната е сигурна

И покрај сите горенаведени зафати за влез во нова и повисока фаза на ескалација, кон конфликт, според соговорниците, сѐ уште постојат важни ограничувачки фактори.
– Прво, САД не сакаат целосна регионална војна. Конфликт со Иран речиси автоматски би ги вклучил Хезболах, напади врз американски бази, затворање или дестабилизација на Ормус, глобален енергетски шок. Сето ова сѐ уште може да биде „принудна дипломатија“ и создавање кредибилна закана за одвраќање на Иран од конкретен потег или притисок за повлекување од одредена линија (нуклеарна, регионална или поврзана со Израел). Во контекст на почеток на војна, сѐ уште се очекува јавно политичко зелено светло на јасна реторичка ескалација од Белата куќа, јавна подготовка на јавноста, а засега сето тоа недостига – велат нашите соговорници упатени во актуелните глобални состојби.

Реалистична процена

Од сето напред изложено, експертите сметаат дека веројатноста за ограничен воен судир (удари, контраудари, прокси-ескалација) е значително зголемена. Второ, дека „веројатноста за целосна војна САД-Иран останува пониска, но веќе не е маргинална“. Експертите сметаат дека најверојатно сценарио во овој момент е кратка, интензивна фаза, со прецизни удари, силна иранска одмазда преку ракети и прокси-групи и обид конфликтот да се држи под прагот на тотална војна. Така што кусиот одговор на нашите соработници е дека „веројатноста за војна меѓу САД (сојузниците) и Иран влегува во повисока фаза, но сè уште не значи дека конфликтот е неизбежен“.
„Нова Македонија“ и натаму ќе ја следи и ќе ја анализира состојбата на Блискиот Исток и ќе ги известува своите читатели и граѓаните за нови релевантни елементи што водат кон ескалација или деескалација на релацијата Вашингтон-Техеран. Р.С.