Научници од Велика Британија и САД открија дека едно од ликовите насликани на познатата слика „Мадона дела роса“, која му се припишува на ренесансниот мајстор Рафаело, веројатно не е негово дело. Благодарение на алгоритам за анализа базиран на вештачка интелигенција, откриено е дека лицето на Св. Јосиф, поставено во горниот лев агол на сликата, најверојатно било насликано од друг уметник.
Историски, се воделе дебати околу автентичноста на ова дело, кое настанало помеѓу 1518 и 1520 година. Новиот метод на анализа користи длабинска анализа на карактеристики и е развиен на основа на сигурно автентични дела на Рафаел. Преку обука на алгоритамот да препознава специфични стилски елементи – потези на четката, палета на бои, сенчење – тимот постигнал прецизност од 98 отсто во идентификацијата на Рафаелови дела. Во случајот со „Мадона дела роса“, кога анализата се спровела врз целата слика, резултатите биле нејасни. Но кога сликата била разгледувана во делови, лицата на Богородица, Христос и на Св. Јован биле потврдени како Рафаелови. Само лицето на Св. Јосиф отстапувало, што се совпаѓа со постојните сомнежи кај историчарите на уметноста дека тоа изгледало помалку вешто изведено. Можно е да го има насликано Џулио Романо, еден од учениците на Рафаело, но тоа сè уште не е докажано.
Истражувачите нагласуваат дека ваквиот софтвер нема да ги замени експертите, туку ќе им помогне при потврдата на авторството.