Во земјата и меѓу иселеништвото во светот започна потпишување „Петиција за враќање на уставното име Македонија и за раскинување на Преспанскиот договор“

Покрената петиција за враќање на уставното име Македонија и за раскинување на Преспанскиот договор

„На 8 мај 2025 година и официјално е објавена и започна да се потпишува ’Петицијата за враќање на уставното име Македонија и за раскинување на Преспанскиот договор‘, која е покрената од повеќе македонски здруженија и организации во Европа и светот. Ова болно прашање е во срцевината на сите национални проблеми, со кои се соочува секој Македонец и целата македонска нација воопшто. Целта на овој проект е собирање колку што е можно повеќе потписи и легитимност, за да го отпочнат одговорните институции во државата процесот на раскинување – поништување на Преспанскиот договор. Петицијата со потписите ќе биде доставена до Владата на Република Македонија“, соопшти Координативното тело на Македонците за Европа.
Образложувајќи ги поведувањето на споменатата петиција и потребата од нејзиното потпишување во Македонија и низ Европа, но и во светот, Координативното тело на Македонците за Европа во својот допис нагласува:
– Преспанскиот договор од 2018 година е коренот на обезличување на Македонците. Овој договор означува губење на нашето име, идентитет, историја и нација. Со него се прекршува меѓународното јавно право, а особено универзално признаените човекови права.
1. Виенската конвенција за договорното право од 1969 година во членот 53 и членот 64 забранува кршење на императивните правни норми (jus cogens), вклучувајќи го и правото на националниот идентитет и суверено право на самостоен избор и самоопределувањето на националниот идентитет, вклучувајќи го и името на овој идентитет без кој истиот не може да се дефинира. Националното име е идентитетот на нацијата.
2. Националниот идентитет, нераскинливо определен со именскиот содржател како основната одредница на правниот и националниот идентитет, претставува основна правна категорија заштитена со принципот на културниот суверенитет, како фундаменталното начело содржано во повеќе документи на УНЕСКО и ООН. Секоја модификација на националниот и државно-правниот идентитет претставува етноциден обид за поништување на националниот идентитет, вклучувајќи го и правото на овој идентитет, како основно човеково колективно право.
3. Додавката „Северна“ е идентификациски модификатор и недозволено го менува суверениот национален идентитет. Исто така, таа ја погазува волјата на македонскиот народ, изразена преку референдумот од 2018 година.

Координативно тело на Македонците за Европа: „Раскинувањето на Преспанскиот договор е борба не само за нашето име туку и за нашето идентитетско и културно опстојување“

Поведувачот на петицијата, Координативното тело на Македонците за Европа, во својот допис нагласува:
– И ние Македонците имаме право на идентитет и љубов кон нашето име и нашата нација. И ние Македонците имаме право на живот. Раскинувањето на Преспанскиот договор е борба не само за нашето име туку и за нашето идентитетско и културно опстојување. Поддржете ја нашата борба против Преспанскиот договор ако верувате во правдата и правото на секој човек да живее со своја историја, култура и национален идентитет.
Ние, Македонците, од повеќе организации во светот бараме од премиерот на Владата на Република Македонија да започне правно-политички процес за раскинување на овој понижувачки договор со Грција и постапки за враќање на уставното име Македонија за внатрешна и надворешна употреба во Организацијата на Обединетите нации.
Искористувајќи ја позитивната клима во геостратегиските актуелни промени, ние Македонците од повеќе организации во светот бараме од премиерот на Владата на Република Македонија да поведе судски процес за сите вмешани во потпишувањето на договорот и барање за нивна лична одговорност. Потпишете ја и споделете ја петицијата!
Петицијата ја поведува Координативното тело на Македонците во Европа и светот, а тоа се: Координативно тело на Македонците во Европа и светот, Женева; Светски македонски конгрес од Обединето Кралство; Светски македонски конгрес од Канада; Совет на македонските општини од Австралија; Македонска радио програма ЗЗЗ од Мелбурн; Обединети Македонци од Канада; Македонска заедница Обединето Кралство; здружение „Цар Самоил“ од Белгија; Македонско-финско здружение од Финска; MКД „Пијанец“, Швајцарија; МД „Македонија Ешалан“, Швајцарија; „МК Пирок“, Швајцарија; Асоцијација Француско-македонска средба – Рефрама, Швајцарија. Св.Т.