- Се добива впечаток дека кај одредени политички структури и натаму постои одбивност законите да се испраќаат на мислење кај експертите од Венецијанската комисија, особено за оние закони што опфаќаат малцински и меѓуетнички прашања и за кои основата не се бара во европското право и во конвенциите за заштита на малцинствата, туку во меѓупартиските договарања и ветувања
Еден од клучните услови Македонија да напредува кон полноправно членство во Европската Унија е усогласеноста на македонското законодавство со европското, а најрелевантна, компетентна експертиза за тоа колку законите се вистински усогласени е – Венецијанската комисија.
Имено, голем број закони низ годините се најдоа на оценка пред членовите на Венецијанската комисија како единствен начин да се избегнат политичките интервенции и меѓупартиските пазарења, а во исто време земјата да добие закони што ќе бидат квалитетни и функционални и ќе придонесат за зајакнување на нејзината европска перспектива.
Сепак, се добива впечаток дека кај одредени политички структури и натаму постои одбивност законите да се испраќаат на мислење кај експертите од Венецијанската комисија, особено за оние закони што опфаќаат малцински и меѓуетнички прашања и за кои основата не се бара во европското право и во конвенциите за заштита на малцинствата, туку во меѓупартиските договарања.
Клучни предмети на кои работеше Венецијанската комисија последната декада
Еден од законите за кои се крена посебна бура во јавноста е Законот за употреба на јазиците од 2019 година, кој беше донесен без консултации со Венецијанската комисија и потоа предизвика редица проблеми поврзани со неговата целосна примена и функционалност. Законот беше изгласан исклучиво поради партискиот пазар меѓу тогашните коалициски партнери во владата предводена од Зоран Заев, а со цел да ги артикулира етничките прашања и ветувањата дадени од страна на ДУИ до своите гласачи. Барањето на стручната фела предлог-законот да биде доставен до Венецијанската комисија пред да се гласа во Собранието беше игнорирано и законот беше изгласан. Дури потоа текстот на законот беше доставен до Венецијанската комисија, а таа во декември 2019 година изработи мислење во кое изразува загриженост дека новиот закон со измените оди подалеку од стандардите за заштита на малцинствата според Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повеќејазична повелба.
Она што беше доставено како препорака беше да се преиспитаат одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки (бидејќи може да се загрози правото на праведно судење). Комисијата препорача ограничување на обврската јавните институции да го користат албанскиот јазик во меѓуинституционална комуникација или да се одложи спроведувањето додека не се обезбедат соодветни човечки и финансиски ресурси.
Препораки имаше и околу казнените мерки (финансиски санкции) за непочитување на законот, со барање тие да се преформулираат, да се воведе елемент на вина, пропорционалност и јасност.
Како и да е, Законот за јазиците беше изменет и се водеше јавна дискусија поттикната токму од мислењето на Венецијанската комисија.
Венецијанската комисија оваа година се изјасни и во врска со претходниот и актуелен Закон за Судскиот совет откако Македонија побара мислење во врска со предлогот за измена на Законот за Судскиот совет.
Препораките што комисијата ги упати по анализата на предлог-законот одеа во насока да се обезбеди поголема независност на ова тело така што ќе се исклучи министерот за правда од составот на Судскиот совет. Насоките беа и членовите на Судскиот совет да се избираат исклучиво според Мерит-системот, односно покажаната работа и квалитети.
Се препорача и подобрување на дефинирањето на условите за разрешување членови, како и воедначување на барањата за професионално искуство за сите членови; уредување мониторинг / оценување судии; правилно спроведување на процедурите за селекција, оценка и надзор.
Венецијанската комисија го оценуваше и Законот за фер и адекватно застапување откако претходно Уставниот суд ја укина примената на некои законски и подзаконски одредби поврзани со балансерот преку кој се планираа вработувања во јавниот сектор според етничката припадност. Комисијата побара да се информира за значењето и содржината на оваа одлука и да се разгледа дали новиот закон за фер застапување е усогласен со нејзините препораки.
Досегашни ефекти и очекувања од мислењата на Венецијанската комисија
Препораките на Венецијанската комисија често предизвикуваат политички реакции: различни партии ги користат како аргумент за или против законските одредби. Токму укинувањето на спорните одредби од Законот за јазиците, особено на балансерот, беше искористено од ДУИ како алатка за поларизација на општеството по етничка линија, со што директно предизвикуваше меѓуетничка тензија.
Во пракса, некои одредби за кои реагирала Венецијанската комисија се ревидирани или се направени корекции во имплементацијата таму каде што било можно. Понекогаш спроведувањето е бавно или со ограничени ресурси, што создава впечаток дека имплементацијата не е сеопфатна. Постојат декларации или закони што се формално донесени, но праксата или спроведувањето не ги следи духот на препораките.
Проблем претставува и ограничениот капацитет на јавните институции, особено во судството и администрацијата, за да ги спроведат комплексните обврски.
За Законот за Судскиот совет, ако се донесат измените во согласност со препораките на Венецијанската комисија, тоа може да ја зголеми судската независност и да ги намали политичките влијанија.
Со законот за фер застапување, за што Венецијанската комисија треба да даде мислење, доколку законодавецот ги вклучи препораките, може да се постигне подобра застапеност на етничките, малцинските групи, но и почитување на уставните и правните стандарди.
Тоа е особено важно за клучниот кластер во пристапниот процес на земјава кон ЕУ, односно владеење на правото и човекови права. Несомнено, препораките на Венецијанската комисија треба да се набљудуваат низ призма на стручност и европски практики, а тоа го елиминира факторот на политизација на законските решенија, што, од друга страна, ја враќа вербата на граѓаните во градењето на европските вредности дома.
Што е Венецијанската комисија
Венецијанската комисија е тело на Советот на Европа, кое дава свои ставови во однос на законодавствата на своите членки. Позициите и ставовите на Венецијанската комисија по правило треба да се почитуваат во државите членки на Советот на Европа и на Европската Унија.
Во суштина, нејзиниот вистински назив е Европска комисија за демократија низ правото, а колоквијалното име го добила по Венеција, градот во кој од 1990 година заседава четири пати годишно.
На официјалната страница на комисијата пишува дека оваа меѓународна асоцијација е составена од вкупно 61 држава членка, од кои 47 се од Европа, меѓу кои и Македонија, како членка од 9 ноември 1995 година.
Меѓу 14-те неевропски држави во комисијата, меѓу другите, се Алжир, Бразил, Чиле, Израел, Мароко, Мексико, САД…
Целта на комисијата е да им обезбеди правни совети на своите членки и, особено, да им помогне на оние држави што сакаат да ги усогласат своите правни и институционални структури со европските стандарди, како и да им понуди меѓународни искуства од областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Комисијата во своето дејствување помага да се обезбедат ширење и консолидирање на заедничкото уставно наследство, при што игра уникатна улога во справувањето со конфликти и им обезбедува „итна уставна помош“ на државите.
Во делокругот на работите на комисијата се вброени неколку области на работа, и тоа демократски институции и фундаментални права, уставно право и судска власт, избори, референдуми и политички партии. Поединечни членови на комисијата се универзитетски професори по јавно и меѓународно право, судии во врховните и во уставните судови, членови на парламенти и многу државни службеници.
Членовите имаат мандат од четири години доделен од страна на земјите членки, но дејствуваат само со нивниот поединечен капацитет, а актуелна претседателка е Клер Бази Малори од Франција.
Постојаниот секретаријат на комисијата се наоѓа во Стразбур, Франција, во седиштето на Советот на Европа, но неговите пленарни седници (четири пати во годината, во март, јуни, октомври и во декември) сепак се одржуваат во Венеција, Италија, во старото училиште во градот, кое го носи името „Сан Џовани Еванџелиста“.
Инаку, Венецијанската комисија на крајот од Студената војна, во 1990 година беше основана како тело што требало да даде одговор на сѐ повеќебројните прашања на државите што во тие моменти го напуштале социјализмот, без разлика дали тоа било по мирен пат на избори или по насилни антикомунистички револуции.
Од своето основање до денес, комисијата промовира стандарди на демократијата во согласност со достигнувањата на европското уставно наследство. Во својата работа комисијата честопати ги повикува претставниците на националните влади на државите на редовни состаноци за усогласување на законите преку високи демократски стандарди што ги воспоставува ЕУ.
Претставки кај комисијата можат да поднесат државите членки и установите на земјите што службено учествуваат во нејзината работа, но истото тоа може да се стори и преку лична иницијатива на претседавачот на комисијата. Н.М.