Во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност

Трета година по ред ОУ „Кочо Рацин“ од Прилеп ја одбележува Европската недела на мобилност со активноста „Ден без автомобили“ под мотото: „Подобра мобилност, подобар живот“.
Во сите активности беа вклучени над 600 ученици и поголем дел од наставниците.
Ученици од четврто и петто одделение возеа велосипедска тура низ градот, учениците од шесто до деветто одделение рекреативно беа до спортскиот аеродром до с. Мало Коњари, а учениците од прво до трето одделение на полигон реализираа вежби со велосипеди и тротинети во училишниот двор. Учениците, пак, од четврто до деветто одделение што не возеа велосипеди пешачеа до манастирчето „Покров на Пресвета Богородица“ (на патот кон с. Волково).
Во текот на активностите, учениците беа придружувани од полициски возила, амбулантно возило, од наставници, родители и волонтери, како и од ученици од СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ од сообраќајната насока.
– Со оваа активност сакаме да поттикнеме свесност за здрави животни навики и почиста околина кај учениците, нормално и совесно учество во сообраќајот. Овие активности се веќе традиција.Воннаставна активност се – посочи Елена Апостолоска, организаторка на акцијата.
Учениците беа презадоволни што имаа можност да се вклучат во активностите.
– Предизвик беше учеството во акцијата. Сакам да возам велосипед – изјави Виолета Лазоска.
За Илина Кузмановски најинтересна била дружбата.
– Да покажеме дека треба да го намалиме возењето на автомобили.Убаво е да се вози велосипед, за мене тоа е големо задоволство – изјави Методи Здравески, осмо одделение.
А според Давор Тркалески, осмо одделение, уште од најрана возраст учениците треба да покажат грижа за намалување на загадувањето.

Ка.М.