Колку САД финансиски ги чини интервенцијата против Иран?
- Сумата од шест милијарди долари претставува околу 0,69 проценти од вкупниот одбранбен буџет на САД за 2026 година, што јасно покажува колку брзо модерната војна троши огромни финансиски ресурси
Американската воена операција против Иран се покажува како исклучително скапа интервенција уште во својата почетна фаза. Според достапните процени на експерти, објавени во некои светски медиуми, а и од специјализирани институции (военоистражувачки центри), само во првите сто часа од операциите во Иран, американските сили потрошиле најмалку 5,82 милијарди долари. Таа сума претставува околу 0,69 проценти од вкупниот одбранбен буџет на САД за 2026 година, што јасно покажува колку брзо модерната војна троши огромни финансиски ресурси. Во тој контекст, процените на турската новинска агенција „Анадолу“ укажуваат дека само во првите 24 часа од операцијата биле потрошени околу 779 милиони долари. Како што се проширувале нападите и операциите, вкупните оперативни трошоци на американските офанзиви достигнале околу 3,3 милијарди долари, што се совпаѓа и со анализите на американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).
„Трансакциската политика“ на Вашингтон (в)оди кон непродуктивни воени „инвестиции“
Покрај директните оперативни трошоци, значителен дел од финансиската сметка произлегува од уништената или оштетена американска воена опрема во иранските одмазднички напади. Според процените, досега е изгубена техника во вредност од околу 2,52 милијарди долари. Најголемиот поединечен финансиски удар за САД е уништувањето на радарскиот систем за рано предупредување АН/ФПС-132 во американската воздухопловна база „Ал Удеид“. Овој систем, чија вредност се проценува на 1,1 милијарда долари, бил погоден од иранска ракета, што официјално го потврдија и катарските власти. Дополнителен сериозен инцидент со високи финансиски загуби се случил кога три борбени авиони „Ф-15Е“ биле изгубени во случај на „пријателски оган“, во кој учествувала противвоздушната одбрана на Кувајт. Иако шесте члена на екипажите преживеале, уништените авиони претставуваат загуба од околу 282 милиони долари.
Високотехнолошката инфраструктура на удар
Во текот на воената операција на САД биле соборени и три извидувачко-ударни дрона „рипер“, со проценета вредност од околу 90 милиони долари. Иранските противнапади погодиле и дел од американската инфраструктура во регионот. Цел на ракетни удари било и седиштето на Петтата флота на САД во Манама, Бахреин, каде што биле уништени два сателитски комуникациски терминали АН/ГСЦ-52Б САТКОМ, како и неколку големи објекти. Само овие системи се проценуваат на околу 20 милиони долари, без да се сметаат дополнителните трошоци за нивно распоредување и инсталација. Сателитските снимки што ги анализирал американскиот весник „Њујорк тајмс“ покажуваат дека во базата „Камп Арифџан“ биле уништени уште три радарски системи, со вкупна проценета вредност од околу 30 милиони долари.
Со ракетната одбрана, милион долари по пресретнување
Особено скап сегмент од операцијата е и ракетната одбрана. Според процените на Институтот „Пејн“, американските сили испукале околу 180 пресретнувачи СМ-2, СМ-3 и СМ-6, потоа 90 ракети „патриот ПАЦ-2“ и „патриот ПАЦ-3“, односно 40 пресретнувачи од системот за противвоздушна одбрана ТХААД. Секој од овие проектили чини милиони долари, што значително ја зголемува финансиската сметка на операцијата.
Секој ден по една милијарда долари трошоци
Анализите покажуваат дека трошоците растат со исклучително нагорен тренд. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии – ЦСИС, само за обновување на потрошената муниција ќе бидат потребни околу 3,1 милијарди долари, додека дневните трошоци за продолжување на операцијата се проценуваат на околу 758 милиони долари дневно. Во регионот се распоредени и два американски носачи на авиони, УСС „Абрахам Линколн“ (ЦВН-72) и УСС „Џералд Р. Форд“ (ЦВН-78), заедно со придружните разурнувачи. Самото нивно присуство и операции чинат околу 15 милиони долари дневно.
Војната како „најскапа играчка“
Сумирано, првите денови од операцијата покажуваат дека модерната војна не е само прашање на стратегија и воена моќ туку и на огромна економска цена. За само неколку дена се трошат милијарди долари, додека уништената технологија, ракетната одбрана и логистиката постојано ја зголемуваат сметката. Токму затоа многу аналитичари ја опишуваат современата војна како една од најскапите „играчки“ на глобалната политика, односно играчка што се плаќа со огромни буџети и чија вистинска цена често станува видлива дури откако конфликтот веќе започнал. А претседателот на САД, Доналд Трамп, како добар бизнисмен, веќе регистрира дека оваа „инвестиција“ ќе оди во загуба. Затоа, тој ќе направи сѐ загубите да запрат, а со тоа и војната, од која ќе се обиде, повторно на свој карактеристичен начин, да извлече бенефит. Р.С.
Американски и ирански видувања за понатамошниот тек на војната
САД најавуваат скорашен крај на конфликтот, Иран смета дека крајот е кога ќе престане агресијата
Американскиот претседател Доналд Трамп завчера изјави дека војната во Иран ќе заврши „многу наскоро“. По неговата изјава, цената на нафтата нагло падна. Нафтата претходно достигна цена од речиси 120 долари за барел поради стравувањата дека конфликтот ќе предизвика долготрајни прекини во снабдувањето со енергија од Блискиот Исток, за потоа да се спушти на околу 93 долари (на 10 март), токму по изјавата на Трамп за крај на војната. Американскиот претседател истовремено го предупреди Иран да не го блокира Ормускиот Теснец, што претставува клучна бродска рута за глобалните снабдувања со нафта и гас.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, пак, изјави дека порастот на цените на нафтата „не е иранска вина“, обвинувајќи ги за тоа „нападите и агресијата што ја вршат Израелците и Американците против нив“. Тој исто така додава дека Иран не го затворил Ормускиот Теснец.
Во понеделникот доцна навечер Арагчи даде опширно интервју за американскиот радиодифузер „Пи-би-ес њуз“ за тековната војна меѓу САД и Израел со Иран. На прашањето дали Иран бил во контакт со американски претставници за да разговара за мировни преговори, Арагчи вели дека Иран има „многу горчливо искуство во разговорите со Американците“, потсетувајќи дека Американците веќе двапати ги измамија Ирачаните со тоа што „на средина на меѓусебни мировни преговори, Вашингтон без најава и најбезобѕирно почнува масовна воена агресија“, како оваа пред десетина дена. Р.С.
































