Бевме мотивирани, дадовме сѐ од себе и го добивме финалето, вели најкорисниот играч на фајналфор-турнирот, Томислав Јагуриновски
РАКОМЕТ
Ракометарите на Вардар 17-ти пат триумфираа во Купот на Македонија, откако во финалето во Охрид, го победија Еурофарм Пелистер со 31-27 (17-14), имајќи водство во текот на целиот натпревар. Богдан Радивојевиќ од поразениот тим беше најефикасен играч на натпреварот со осум гола, а кај црвено-црните на високо ниво одиграа Томислав Јагуриновски и Младен Крсманчиќ, кои по шест пати ја затресоа противничката мрежа.
– Верував во моите ракометари, натпреварот беше во нивни раце. Му честитам на Пелистер за прикажаната игра, а исто така и на навивачите, но и на управата за одличната сезона што ја имаат. Верував во сите мои ракометари. Имаме 20 играчи и сите може да играат на овие натпревари. Сакам и да ѝ се заблагодарам на управата за добриот состав, оти можам да верувам во сите од клубот – изјави по победата стратегот на вардарци, Гиљермо Милано.
Јагуриновски е прогласен за најкорисен играч на фајналфор-турнирот.
– Одиграв меч на кариерата во Вардар. Секогаш сакам да играм најдобро што знам. Пред сѐ, сакам да ѝ честитам на екипата на Пелистер Еурофарм за прикажаната игра. Бевме мотивирани, дадовме сѐ од себе и го добивме финалето. Немаме многу време за славење, нѐ очекуваат уште два меча, па се надевам дека ќе славиме заедно по последниот меч во првенството – рече Јагуриновски.
Вардар и Еурофарм Пелистер ќе играат меѓу себе уште еднаш сезонава, во последното коло, во меч за домашната првенствена титула. Г.И.