Наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро дело за деца и млади за 2024 година ја доби книгата „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски, во издание на „Светулка“.
– Наградите се потврда за тоа дека создаваме нешто навистина вредно, нешто што долго ќе биде тука, нешто што нѐ охрабрува да бидеме уште подобри! – вели Антоновски.
Друштво на писателите на Македонија, Ви благодариме од срце за оваа награда. Честитки за другите добитници.
На повикот на ДПМ за ова признание се одзвале вкупно десет наслови, а одлучила жири-комисијата во состав: претседателката Билјана С. Црвенковска и членовите Мито Спасевски и Александра Велинова.
– Книгата за деца „Бакнежи на небото“ на авторот Иван Антоновски е нежна и топла приказна, која, при првото читање, во нејзиниот основен слој, е приказна за настанувањето на зимата и за малите секојдневни „игри“ меѓу децата. Во топла и снежна ноќ, завиткани во ќебенце, постарата сестричка Илина и братчето Јаков – кое не сака да заспие – почнуваат разговор. Илина одговара на неговото прашање „како настанала зимата“, раскажувајќи ја сказната што ја слушнала од баба им. Атмосферата на почетокот наликува на бајките што се неизоставен дел од сечие детство („Снежната кралица“), навестувајќи дека магијата набргу ќе почне. Топлите и богати илустрации (кои малку потсетуваат на оние на Кондовски) ја доловуваат бајковитата атмосфера со носталгичен призвук на дамнешните безгрижни детства. Но, тука, Антоновски, суптилно и обмислено, со внимателно избрани зборови, ја прави вистинската магија во оваа книга (иако во формат на сликовница – текстот е доволно обемен и исполнет за таа да се нарече „долг илустриран расказ“). Со внимателно читање, почнуваме полека да ги откриваме подлабоките слоеви во приказната – која од бајка прераснува во модерна приказна за љубовта меѓу сестричето Илина и братчето Јаков (ретка и недоволно обработувана тема: сестричката е онаа што раскажува и се грижи братчето да заспие, иако најчесто таа улога му припаѓа на родителот). Читателот може лесно да се идентификува – во модерното, брзо и стресно време во кое живееме, родителите често ја префрлаат оваа улога на постарото дете во семејството.
Антоновски дава автентичен, авторски и творечки индивидуален пристап во неговиот приод кон експонирањето на содржината. Делото интонативно се потпира врз многубројни илустрации, кои остваруваат забележителен исчекор во раскажувачкиот тек на делото и неговата поставка, со самото тоа придонесувајќи ова да биде целосно, заокружено дело од сите аспекти: текст, илустрации, дизајн – се вели во образложението на комисијата.
„Сѐ убаво што постои на светов, е создадено од љубов“, е мотото на авторот на крајот на книгата. Љубов помеѓу сестричето и братчето, љубов што, како и онаа на облаците на небото што се бакнуваат за да го создадат снегот, трае засекогаш (или, барем, додека постоиме ние).