Одлуката на Уставниот суд да укине одредби од методологијата на пописот во 2021 година не е почеток на битката за зачувување на државноста на Македонија и нејзиниот унитарен, социјален, мултикултурен карактер, туку продолжение. Тоа што беше направено како политичка агресија врз темелните вредности на уставниот поредок, сега треба да се врати и да се исправи на темелите што се изградени заеднички. Ова е тешка битка меѓу правото и правдата наспроти резонот на политичкото мнозинство и партиските булдожери, кои честопати користеа тешка артилерија и гаѓаа планирано во уставните темели. Но секогаш има враќање на нормалното, ако за тоа постои политичка волја. Договорите не се вечни, а тоа се однесува и на Преспанскиот и на тој со Бугарија
ОД ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО ДО ДЕНЕС КОНТИНУИРАНИ НАПАДИ ВРЗ ТЕМЕЛНИОТ ДРЖАВЕН АКТ (3)
„Вкупното резидентно население на Република Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1.836.713 жители. Од нив, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи.
Според возрасната структура, најголем процент од населението се во возрасната група од 40-44 години. Куриозитет е што во Македонија се попишани 51 лицe на возраст над 100 години“. Со овие едноставни зборови и типична фразеологија за статистички операции, бившиот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, ги презентираше резултатите од пописот во 2021 година. Навидум сѐ е во ред, ќе си речете проценти, цифри, население… Но ѓаволот е секогаш во деталите, а во пописот во 2021 година имаше премногу ѓаволи и ѓаволчиња, зашто тој беше претворен во политичка операција за етничко кроење на бројноста на населението. Погодувате, нели? Се направи пописна методологија со која требаше да се набилда процентот на албанското население, а да се намали бројноста на Македонците, но и на малцинства. Конечниот резултат е – успешна политичка, но не и статистичка операција, на која перјаница ѝ беше десната рака на лидерот на ДУИ, Артан Груби, сега бегалец од правдата. Според тој попис, кој тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ не го призна, во Македонија имало 58,44 отсто Македонци, 24,30 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 0,47 отсто Власи, 1,30 отсто Срби и 0,87 отсто Бошњаци и др.
Еве еден од главните проблеми на тој фамозен попис – беше овозможено македонските државјани што живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација, која беше достапна на веб-страницата за попис. И веднаш прашање – зошто е избрано токму една година да се надвор од државата, зошто на пример не 6 месеци или три години? Оваа можност ја искористиле 258.932 државјани, од кои 24,55 отсто се изјаснија како Македонци, 66,42 отсто како Албанци, 4,78 отсто како Турци и др. „Оваа категорија на граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија“, рече тогаш Симовски. Но дали е токму така? Бурата што сега се создава пред локалните избори во Македонија кажува дека кај албанските политички партии тој попис има големо значење и тие не мислат да отстапат од крајните резултати зашто тие проценти треба да бидат преточени и на изборите. Колачот е поголем, а кој не сака поголема торта?
ТОПЛА ВОДА ОД ПАРТИСКИ ЛАБОРАТОРИИ
И методологијата на тој попис беше во судир со принципите на Уставот на Република Македонија, кој не познава поделба на „резиденти“ и „нерезиденти“, нешто што се вика топла вода на партиските етнички лаборатории, во случајов на СДСМ и ДУИ, помогната од странски скапо платени експерти (од чиј џеб???), за потоа државата да биде истуширана со ладна вода. Аргументите дека практиката не познава таква методологија не беа прифатени и ние сега како држава треба да се возиме на бродот (барем десет години) на една владина коалиција што мислеше како да го истурка проектот утврден со Тиранската платформа. Не сме ја заборавиле! И токму пописот од 2021 година покажа дека партиите и владините коалиции континуирано го напаѓаат Уставот носејќи противуставни закони, честопати накитени со европско знаменце. Да наведеме неколку примери – Охридскиот рамковен договор, кој го смени Уставот, а беше резултат на агресија на воени структури од Косово. Потврдено и во извештај на Стејт департментот. Флагрантно кршење на Уставот има и со носењето на законите за употребата на јазиците (франкенштајн-закони, но и противуставни), потоа Преспанската спогодба незаконски потпишана од министер, незаверена со потпис на претседател, а изгласана од собраниско мнозинство, со што сите што кренале два прста го прекршиле Уставот. И конечно носењето на дополнителните протоколи на Договорот со Бугарија. Има уште, но и ова е премногу.
Дали Уставот може да издржи вакви напади? Одговорот е не, а проблем беше што Уставниот суд како една од последните брани за заштита на државноста и поредокот долги години беше ставен во функција на „судиите не се надлежни“, и практично преспаа едно драматично менување на државата Македонија и процес на македоноцид.
Можеби главен проблем, покрај партиското влијание врз самостојноста на уставните судии, се и етоцентризмите, кои го инфицираа и Уставниот суд, па дури се туркаше и идејата за гласање со Бадентерово мнозинство, со што практично ќе беше урната една од последните брани на унитарноста.
УШТЕ ЕДНА ТЕМЕЛНА ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД
На 26 јуни годинава Уставниот суд, по одлуката за укинување на т.н. „балансер“, донесе уште една темелна одлука со која укина одредби од методологијата за пописот спроведен во 2021 година, практично јасно и гласно кажа дека со поделбата на населението на резидентно и нерезидентно е прекршен Уставот.
„Судот оцени дека означените делови од методологијата не се во согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со членот 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година“.
Судот појасни дека оваа одлука нема ретроактивно дејство, што значи резултатите од пописот остануваат да важат. Што значи тоа? Дали ќе треба да чекаме до 2031 година за да се спроведе попис по некоја нова методологија? Можен ли е електронски попис во 2026 година, каков што предлага премиерот Христијан Мицкоски?
Партиските сабји се извадени, ќе има голема битка, на партиите им е важен секој процент. На државата, пак, ѝ се важни точните бројки и затоа прашањето е како состојбата да се доведе во нормала, а не во етнички ровови.
ЧАИР ПОГУСТО НАСЕЛЕН ОД ЊУЈОРК?!
Еден експерт за статистика, кого го замоливме за изјава по одлуката на Уставниот суд, ни изјави дека во моментов е неизвесно што ќе се случува во иднина, иако пописот покажа многу нерегуларности, па и чудни и фризирани резултати.
– На пример, во општината Чаир беше регистрирано дека живеат 18.000 жители на квадратен километар, што е густина на население што ја нема ни еден Њујорк. Јасно е што ни покажува овој пописен резултат. Ние што се занимаваме со статистика и сме работеле во Статистика добро знаеме колку население има во државава, правени се вкрстени анализи од податоци во Здравствениот и во Пензискиот фонд, издадени документи и државјанства, уписи во училишта, потрошувачка… се знае и етничкиот состав – вели нашиот извор, кој инсистираше на анонимност заради конфликт на интереси.
Тој смета дека по одлуката на Уставниот суд можни се политички напади, особено врз претседателот на тој суд, а не исклучува и поагресивен јавен настап на партиите од албанскиот политички блок, но и политички договарања во владината коалиција. Според него, процентот на Албанците, кој е набилдан заедно со „нерезидентите“ до речиси 30 проценти, ќе биде точка на тешки политички прекршувања, а тоа прашање можеби нема да се реши ни со електронскиот попис.
ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ПОПИШУВА ДИЈАСПОРАТА?
Клучно прашање е дали и како треба да се попишува дијаспората. И зошто воопшто е потребно попишување на дијаспората, кога пописите се однесуваат и важат во рамките на границите на државите?!
Првиот напад врз Дарко Костадиновски, претседателот на Уставниот суд, го направи ДУИ. Собранието за 9 јули 2025 година закажа седница, а прва точка на дневниот ред е интерпелацијата на претседателот на Уставниот суд. Подносителот, пратеникот Илир Хасани, објасни дека интерпелацијата е поднесена за работата на Костадиновски затоа што тој „свесно ги прекршил Законот за употреба на јазиците и членот 101 од Актот на Уставниот суд“.
Да резимираме – ова не е почеток на битката за зачувување на државноста на Македонија и нејзиниот унитарен, социјален, мултикултурен карактер, туку продолжение. Тоа што беше направено како политичка агресија врз темелните вредности на уставниот поредок, сега треба да се врати и да се исправи на темелите што се изградени заеднички. Ова е тешка битка меѓу правото и правдата наспроти резонот на политичкото мнозинство и партиските булдожери, кои честопати користеа тешка артилерија и стрелаа во уставните темели. Но секогаш има враќање на нормалното, ако за тоа постои политичка волја. Договорите не се вечни, а тоа се однесува и на Преспанскиот и на тој со Бугарија.
ВМРО-ДПМНЕ за пописните резултати
По објавувањето на резултатите од пописот во 2021 година, за кои и самиот тогашен претседател на ДЗС, Симовски, рече дека не се соодветни на реалноста, ВМРО-ДПМНЕ изјави дека 132.000 Македонци не биле потпишани на пописот, а го потенцираше и нераспознавањето на тоа кои граѓани се христијани, а кои православни по вероисповед. Поради тоа, партијата го прогласила пописот за некомплетен. Според ВМРО-ДПМНЕ, резултатите од пописот биле нецелосни бидејќи 7,2 отсто од населението не се изјаснило по однос на етничката припадност, јазикот и вероисповедта.
Главни цели на пописите
Главни цели на меѓународните препораки за пописите на населението и становите околу 2020 година (заеднички подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и статистичката институција на Европската Унија) се: да се обезбедат методолошко упатство и поддршка на државите во планирањето и спроведувањето на пописите на населението; да се олесни и подобри споредливоста на податоците на регионално и на меѓународно ниво преку селекција на главниот сет белези и преку хармонизирање на дефинициите и класификациите. Поради својата сериозност и обемност, пописот бара исклучително внимателно планирање, подготовка, тестирање, анализирање и документирање на секоја фаза. Затоа, според своето општо значење, пописот се рангира како активност од висок државен интерес, а неговото спроведување секогаш се регулира со посебен Закон за попис, кој се усвојува од страна на Собранието на Република Северна Македонија. За спроведување попис се потребни сестрана и темелна анализа, информирање и создадени услови, но и адекватна поддршка и вклучување на институциите во државата од највисоко ниво.