Фото: „Нова Македонија“
  • Нема никаква дилема дека Македонија тешко ќе направи каков било пробив во скоро време во делот на евроинтеграциите, иако внатре во ЕУ веќе се одвиваат некакви процеси околу забрзаната интеграција и промената на начинот на гласање. Сепак, европската инертност по многу прашања често доаѓала до израз, така што крајно време е Македонија да се фокусира на она што сама може да го направи за да го трасира сопствениот европски пат, без притоа да зависи од чија било добра волја

Во текот на овој месец, Европската Унија ќе ги објави заклучоците за напредокот и подготвеноста на земјава, а од првичниот увид во документите повеќе од извесно е дека ќе бидат повторени истите забелешки, воспоставување владеење на правото, борба со корупцијата и неизбежните уставни измени.
Очигледно „креативноста“ на ЕУ доаѓа до израз само кога се работи за Украина, додека за сите други важат условите што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, туку многу повеќе со билатералните апетити на некои земји членки.
Затоа и ЕУ се оградува од давањето какви било гаранции, било политички било правни, па остава на земјата сама да одлучи како ќе ја реализира преземената обврска од 2022 година за промена на Уставот и за впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во највисокиот правно-политички акт.
Нема никаква дилема дека Македонија тешко ќе направи каков било пробив во скоро време во делот на евроинтеграциите, иако внатре во ЕУ веќе се одвиваат некакви процеси околу забрзаната интеграција и промената на начинот на гласање. Сепак, европската инертност по многу прашања често доаѓала до израз, така што крајно време е Македонија да се фокусира на она што сама може да го направи за да го трасира сопствениот европски пат, без притоа да зависи од чија било добра волја.

Устав ослободен од инсталираните аномалии

Случувањата внатре во ЕУ, особено по корупцискиот скандал во кој се вмешани високи европски претставници, поранешни и актуелни, што се заканува дури и да ја урне владата на Урсула фон дер Лајен, не одат во прилог на посветеноста на Унијата кон изнаоѓање какви било решенија во овој момент, најмалку, пак, за проблемот што Македонија го има со Бугарија.
Од друга страна, и на македонската политичка сцена веќе постои замор и разочараност од односот на ЕУ кон земјава, така што сѐ погласни се повиците да почнеме сами да ги решаваме проблемите без да чекаме некој друг од страна да ни ги реши.
Како и за сѐ друго, така и за уставните измени е потребен широк општествен консензус што ќе создаде атмосфера на доверба меѓу сите заедници во земјава, особено околу потребата уставните измени да се врзат со еден крупен сеопфатен процес на создавање македонски устав исчистен од сите аномалии и фалинки, накриво насадени амандмани, нефункционални одредби и други недостатоци што последниве години само потврдија дека вака скроениот устав е далеку од европските уставни практики.
Промената на Уставот зависи исклучиво од Македонија и затоа начинот и формата како ќе биде направена таа треба да бидат во согласност со европските устави, со што ЕУ нема да може да наоѓа какви било забелешки на документот што веќе е во правен оптек низ Европа.
На тој начин, правно-политичките гаранции дека земјава во иднина нема да биде блокирана од никого на својот европски пат ќе си ги обезбедиме сами преку уставната рамка и нема да дозволиме загрозување на македонските национални интереси и на идентитетот на македонскиот народ.
За да се обезбеди тоа, потребно е воспоставување јасна и директна врска на македонскиот народ со државата Македонија како негова матична земја, како и на сите малцински заедници, кои би ги уживале највисоките права во согласност со меѓународните малцински стандарди. Дополнително, малцинствата во земјава веќе уживаат многу повисоки права од оние предвидени со конвенциите за права на малцинствата, така што и во тој нов устав би се задржало истото ниво на малцински права, кое подразбира еднаквост на сите граѓани пред законите.

Потврда на државотворноста на македонскиот народ

„Нова Македонија“ во повеќе наврати разговара и ја актуализира оваа тема со повеќе уставни експерти, познавачи на европските уставни практики, но и генерално на европските актуелни состојби, при што сите се согласуваат дека уставните измени се наша внатрешна работа и треба да ги направиме за да изградиме здраво општество, отпорно на сите предизвици со кои ќе се соочуваме во иднина.
– Ова се клучни моменти кога една суверена земја носи одлуки за својата иднина. Несомнено членството во ЕУ останува наш стратешки интерес и околу ова прашање нема поделби во општеството. Токму околу таа заедничка алка што нѐ поврзува треба да се гради наративот за уставните измени во насока на конструирање модерна европска држава во која сите се рамноправни, ги уживаат своите права, учествуваат активно во политичкиот и општествениот живот, присутни се во институциите и секаде онаму каде што сметаат дека со своето знаење и умешност можат да дадат некаков придонес. Тоа значи мерит-систем, напуштање на етничките критериуми и сите овие работи треба да бидат дел од идните уставни решенија. Идентитетските закани да бидат отстранети така што врската меѓу македонскиот народ и државата Македонија ќе биде истакната и потврдена, врз основа на историскиот контекст врз кој е градена, почнувајќи од Илинден, АСНОМ и референдумот за независност во 1991 година. Токму во овие рамки е отсликана целата мултиетничност на македонското општество, сите се учесници и сите може да се поврзат со овие три столба на македонската државност, така што нема причина кој било да се чувствува загрозен или да смета дека се загрозени неговите права – сметаат соговорниците.
Понатаму, осврнувајќи на барањето на ЕУ за уставни измени како услов да се одблокира евроинтегративниот пат, експертите сугерираат сами да си ја завршиме работата.
– ЕУ бара уставни измени, тогаш да си ги направиме поради наши внатрешни потреби, за да си ги средиме состојбите дома, а не затоа што Бугарија или некој друг го бара тоа. Кога сите ќе се обединиме околу еден таков моќен устав, тогаш нема некој однадвор да ни дели совети дали е добар или лош. Впрочем, има земји членки во ЕУ со климаво демократски устави што не дозволуваат регистрација на здруженија на малцинства и слично, па повторно се дел од тоа европско друштво. Мислам дека сме созреани како општество да ги надминеме етничките бариери, отворено да разговараме за сите стравови околу некаква мајоризација од страна на македонскиот народ, кој во суштина, гледано и низ историјата, никогаш не се наметнувал како некаков стопан над некој друг, туку напротив, секогаш бил на страната на соживотот со сите. Така ќе продолжи и во иднина. Затоа да се обединиме сите, политичари, невладини, академската фела, да направиме еден квалитетен устав со кој еднаш засекогаш ќе бидат надминати сите идентитетски закани кон македонскиот народ, а Македонија ќе биде пример на мултиетничко општество во кое фокусот ќе биде кон повисок стандард на живеење, квалитетно здравство и образование, чесно судство, здрава животна средина, со минимална корупција, како и со развиена инфраструктура. Тоа ќе нѐ одведе кон Европа, а промената на Уставот само ќе го трасира покусиот пат кон оваа наша заедничка цел – заклучуваат соговорниците.