Со брзоплетоста во однос на уставните измени, досега демонстрираниот аматеризам, политичко хазардерство и коцкање со иднината на нацијата и државата практично се парализира демократијата и целосно се заробува државата однатре
СЕ ПРЕТВОРАМЕ ЛИ ВО ДРЖАВА ВО КОЈА НЕМА ДЕБАТА И СЕ ИГНОРИРА ВОЛЈАТА НА НАРОДОТ
Последните случувања и експресното гласање во собраниската комисија за уставни прашања (без воопшто да се отворат поширока дискусија и внатрешна дебата за едно суштински важно прашање) покажуваат дека предлог-уставните измени се туркаат насила, без никаква национална визија и концепт, спротивно на сите демократски начела, спротивно на волјата на мнозинството македонски граѓани, спротивно на укажувањата на правните експерти и аналитичари, но и спротивно на меѓународното право и вообичаената практика и процедура секаде во светот. Со ова Македонија самата се девалвира себеси, како функционална демократија, и се става во категоријата на политички парализирана и институционално заробена држава, како своевидна колонија или протекторат. Терминот заробена држава и претходно се користеше како синоним за Македонија во редица извештаи на Европската Унија и на други меѓународни организации, но тоа главно се однесуваше на лошите состојби во судството и јавното обвинителство, за кои се велеше дека се заробени од политиката. Но сега, со брзоплетоста во однос на уставните измени, демонстрираниот аматеризам, политичко хазардерство и непатриотизам, коцкање со иднината на нацијата и државата, практично се парализира и демократијата и целосно се заробуваат другите институции на државата. Овој пат во законодавната власт. За граѓаните, експертите и стручната јавност е несфатливо и крајно дилетантски однесувањето на пратениците во собраниската комисија за уставни прашања, без разлика дали се од власта или од опозицијата, кои воопшто не отворија ниту материјална расправа во врска со предложените уставни измени. Сѐ се заврши во еден ден, иако, според законските надлежности и превидените рокови, дебатата и соочувањето на аргументите требаше да траат десет дена.
– Доколку пратениците, како народни избраници, кои се избрани да ја претставуваат волјата на своите избирачи, навистина се загрижени за својот народ, иднината на државата и македонските национални интереси, најмалку што требаше е да почнат широка дебата, секој да ги изнесе своите аргументи и да ја убеди јавноста (или колегите пратеници што мислат различно) во оправданоста или неоправданоста на истите тие. Тоа е нивната задача. Тоа е фундаментот, есенцијата на секоја функционална парламентарна демократија. Вака сѐ се сведе на политички театар, без содржина и суштина и на штета на државата. Којзнае по кој пат се покажа дека народните избраници, за жал, не сакаат да размислуваат со своја глава, функционираат како марионети, при што некој друг однадвор ги влече конците. Тоа е срам за демократијата и за државата во целина. Со еден ваков однос, никој нема да нѐ почитува – велат аналитичарите.
Интересно, пред да влезе во собраниска процедура предлогот за уставните измени, претставници од власта најавуваа широка јавна расправа, консултација со домашни и странски експерти, сондажи на јавното мислење, стручни дебати и трибини итн.
– Ние сè уште немаме утврдено календар и динамика за започнување на уставните измени, но тоа е наша обврска, тоа треба да го завршиме до крајот на скринингот, најдоцна. Сакаме тоа да биде процес во кој ќе имаме отворена, сериозна, јавна расправа, со вклучување на сите чинители. Ќе претстојат и консултации со експерти што се разбираат и во уставното право – изјави своевремено вицепремиерот Бојан Маричиќ.
И премиерот Ковачевски тврдеше дека дебатата за уставните измени мора да почне на експертско ниво, бидејќи треба прво да се напишат уставните амандмани за да можат граѓаните и сите други да видат како изгледаат тие.
Но, за жал, не се случи ништо од тоа. Најнова потврда се и последните случувања во собраниската комисија за уставни прашања, во која воопшто не се отвори дебата за ова прашање, иако мораше и требаше да се случи тоа.
Пред тоа мала работна група од избрани „експерти“, номинирани само од власта, подготви некакви предлог-амандмани за промена на Уставот, без никакво претходно соочување и претресување на аргументите во поширок стручен круг. Токму предлозите што ги подготви оваа работна група, предводена од судијката Маргарита-Цаца Николовска, потоа наидоа на остри критики од редица истакнати правници и експерти по уставно право, кои тврдат дека предложените уставни измени се чист аматеризам, спротивни на меѓународното право и со нив им се нанесува непоправлива штета на македонскиот народ и држава.
И носечката интелектуална јавност, меѓу која има професори, правници, академици и новинари, изминатиот период изнесе сериозни забелешки во однос на предлог-текстот за уставните измени, при што беа предлагани и конкретни решенија за подобрување на текстот и за заштита на македонските национални интереси. Токму нашиот весник, со цел серијал аналитички текстови во изминатиот период, предочи што треба да се направи за целосно да се заштитат националните интереси на македонскиот народ и држава. И новинарот и колумнист Бранко Героски излезе со јасен став по ова прашање.
– Ако се вистински Македонци, македонштината нека ја декларираат во конститутивниот акт на државата! Ете, сега, откако го „отворија“ Уставот за да ги запишат Бугарите, имаат ексклузивна можност да ја запишат таму и својата приказна за македонската самобитност – напиша Героски.
Во меѓувреме, во согласност со сите последни истражувања и сондажи на јавното мислење, огромно мнозинство македонски граѓани се против уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот во вакви околности и без заштита на македонските национални интереси. Ако народните избраници се вистински народни избраници, мора да ги слушнат волјата и гласот на народот. И не само да ги слушнат туку и целосно да ги испочитуваат и уважат.
Еден друг пример, кој исто така е актуелен деновиве, пак, покажува дека власта паѓа во сопствената стапица. Имено, претставници на власта јасно порачаа, па дури и излегоа на протести заедно со граѓаните, дека нема да има рудник Иловица Штука во Струмичко доколку граѓаните така сакаат. Значи во овој случај пресудна е волјата на народот. Зошто тогаш во однос на уставните измени власта оди против волјата на својот народ?