Некои аспекти и размислувања за предизвикот за менување на највисокиот правно-политички акт
- Овој пат, акцентот го ставаме на становиштето дека евентуалните уставни измени, односно длабоки реформски системски зафати, се наше право, наша обврска и се однесуваат исклучиво на нас и ние самите (без некого да молиме за дозвола, за асистенција и слично) можеме да ги направиме. Имено, ние самите како чин на бона фиде (добра волја) спокојно и педантно – внатреинституционално, може да ги завршиме, и тоа како еден бенефит што би содржел „две добра во едно“. Што значи тоа?
Меѓународното право го смета Уставот на една држава како дел од нејзиниот внатрешен правен поредок, како предмет на нејзина исклучива надлежност. Токму врз основа на меѓународното право и сите врвни меѓународни акти, редакцијата на „Нова Македонија“ го започна својот серијал за потребата ние самите конечно да пристапиме кон посериозно разгледување на алтернативата во која ние би направиле измени на преамбулата и на нормативниот дел на својот устав и во пакет би добиле решенија:
1. За возобновување на својата сувереност како држава, враќање на македонскиот народ во центарот на својот устав како единствен државотворен, конститутивен чинител на македонската држава, но истовремено;
2. Да им овозможи на сите постојни државно-правни етнички ентитети во државава да добијат препознатлива меѓународноправна форма на колективитети – како малцинства, со сите обележја права и обврски што им следуваат, според највисоките утврдени меѓународноправни норми и со внатрешното право;
3. Системско унапредување на Уставот во повеќе области од нормативниот дел (со посебен осврт кон правосудниот дел) и конечно, креирање еден највисок политичко-правен акт, рафиниран и одржлив, кој подолгорочно нема да биде саботиран со амандмани произлезени од дневни политики. Имено, доволна зрелост создадоа изминативе три децении, за да можеме да ги детектираме системските уставни фелери и општествените аномалии.
Меѓутоа, акцентот го ставаме на становиштето дека овие евентуални уставни измени, односно реформски системски зафати, се однесуваат исклучиво на нас, и ние самите (без некого да молиме за дозвола, асистенција и слично) можеме да ги направиме. Имено, ние самите како чин на бона фиде (добра волја) спокојно и педантно и внатреинституционално може да ги завршиме, и тоа како бенефит што е „две во едно“:
· И во интерес и на испорачаните барања за промена на Уставот;
· И во контекст на други промени на нашиот устав, кои системски би го унапредиле функционирањето на државата во повеќе области (вклучително и правосудниот систем и други).
Најпрвин поглед кон својот интерес, а потоа и на поширокиот, регионален,
односно стратегиско-европски
За да се возобнови асномско-илинденскиот континуитет на Македонија, македонскиот народ и сите македонски граѓани, треба да се подложи Уставот на измени во насока на најфункционални решенија за политичкиот, територијалниот, безбедносниот, културниот, економско-финансискиот, енергетскиот и сите други аспекти на македонскиот суверенизам.
Овде не станува збор за априори прифаќање (а камоли за спроведување) на нацрт-заклучоците на Европскиот совет, кој од свои „повисоки геополитички причини и интереси“ до максимум ги поддржува Бугарија и нејзините унилатерални (хегемонистички) интереси. Од авион се гледа дека најновите нацрт-заклучоци на Европскиот совет за измената на македонскиот устав се дел од „санстефанската фактура“ што ја испорача Софија (сега мека и медина за многу бриселски дубиози). Фактурата сега треба да ја платат Македонија и македонскиот народ по цена на конечно себеоткажување и самобришење од светската мапа на држави и народи, идентично како што ѝ се „плати“ и „преспанската фактура“ на Грција.
Зошто треба сами и заради себе да покажеме проактивност?
Правото на секоја држава во светот, па и на Македонија, самата да го менува својот устав според сопствените државно-национални интереси на македонскиот народ и сите други нејзини граѓани интереси и потреби е длабоко вкоренето во принципите на меѓународното право за државен суверенитет, право на самоопределување на народите и принципот на неинтервенција во внатрешните работи. Овие принципи, кои ѝ даваат целосно и суверено право на Македонија за сопствено обликување на својот устав без никакви интервенции од Брисел (ЕУ), Европскиот совет, Бугарија и од која било друга држава во Европа и светот, се содржани и во овие клучни меѓународни документи:
(1) Повелбата на ООН: овој документ се заснова врз принципот на „суверена еднаквост на сите нејзини членки“ и наложува дека никој „не може да интервенира во прашања, кои се во рамките на домашната надлежност на која било држава“;
(2) Декларацијата за принципите на меѓународното право (1970): оваа декларација ја нагласува должноста на државите да не интервенираат во внатрешните работи;
(3) Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и
(4) Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права: двата пакта наведуваат: „Сите народи имаат право на самоопределување… тие можат слободно да го одредат својот политички статус…“.
Профункционирањето на принципот на реципроцитет не зависи само од нас туку и од добрата волја на другата засегната страна
И некој друг треба да менува устав
Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, пред неколку дена беше категорична: „Ако ЕУ се темели на вредности, моето прашање е: Кој треба да го смени уставот?“ Таа ја потсети ЕУ дека поправо Бугарија има поодамнешна обврска да си го смени уставот, а не да се наредува Македонија да го прави тоа!
Европската Венецијанска комисија за владеење на правото, чиј постојан секретаријат се наоѓа во Стразбур, на 3 март 2008 година со писмен допис со ознака 444/2007 ЦДЛ(2008)004 експлицитно ја повикала Владата во Софија да изврши промени на Уставот на Бугарија заради „еднаков третман на лицата што припаѓаат на националните малцинства според Рамковната конвенција“. Што најдиректно значи еднаков третман и на македонското национално малцинство!
Во меѓувреме Бугарија не го променила својот устав заради тамошните Македонци, но сега заедно со Брисел бара Македонија да го промени својот устав заради овдешно „бугарско малцинство“ од 3.500 попишани Бугари со последниот попис, но кренати уставно на ниво на „бугарски државотворен народ“?! Во еден „пакет“ бесмислици и апсурди од колосален правно-политички размер! Во еден „пакет“ преседан и парадокс…
Свето Тоевски
































