Македонката Виолета Т. Ралевска прогласена за најдобра наставничка во Шведска
- Имам јасна структура на часовите, моделирам како треба нешто да се направи и покажувам како треба да изгледа конечниот резултат. На учениците постојано им проследувам повратни информации за да знаат кој е нивниот следен чекор за повисока оценка и како да се доближат поблиску до постигнувањето на своите цели, објаснува Ралевска
На десеттата традиционална манифестација „Наставничка гала-вечер 2025“, која неодамна се одржа во Стокхолм, Шведска, и годинава се собраа најдобрите наставници од сите шведски општини. Настанот го организираше Фондацијата „Беата“, а целта е да им оддаде почит и признание на наставниците за нивната клучна улога во животот на младите.
– Наставниците заслужуваат да бидат славени секој ден, во секоја општина. Со оваа награда сакаме да им изразиме благодарност и истовремено да потсетиме дека нивната работа е од суштинско значење за целото наше општество – вели Беата Кул, основач на Фондацијата „Беата“.
Годинава во категоријата „наставник на годината“ за најдобра е прогласена и наставничката Виолета Темјановска-Ралевска, која има македонско потекло. Избрана е врз основа на гласовите на учениците што ја номинирале за најдобар наставник од општината Гетеборг во дванаесет категории. Нејзиниот поранешен ученик Микиас Еинарсо, кој сега е лекар, вели дека Виолета е многу повеќе од наставничка и дека таа е заслужна за неговиот успех.
– Во текот на моето школување од основно образование до факултет не сум сретнал наставничка како неа. Таа е емпатична, дарежлива и посветена и секогаш посакува најдобро за сите. Ако нечии предавања секогаш ги слушав со внимание, тоа беа нејзините. Со внимание ја слушаа дури и учениците што беа перципирани како деструктивни. Со својата енергија, таа од одделението создаде семејство, во кое сите беа подготвени за меѓусебна помош – се наведува во текстот на Микиас Еинарсо, кој на церемонијата на доделувањето го прочита новинарот Марк Левенгууд.
Тeмјановска-Ралевска предава во училиште со висок социоекономски индекс, што значи дека повеќето од нејзините ученици живеат во сложени услови, а многумина од нивните родители немаат образование и познавање на јазикот. Но, тоа не ја спречува да биде најдобра, бидејќи отсекогаш ја сакала оваа професија.
– Сакав да бидам наставничка уште од мала, но колку подолго предавав, толку повеќе сфаќав колку го сакам тоа и каква разлика правам во мојата училница, но и што значи моето вложување за учениците, кои од нула создадоа иднина за себе и ги остварија своите соништа – раскажува наставничката Виолета.
Виолета е професорка по шведски јазик и им предава на ученици што шведскиот го изучуваат и како мајчин и како втор јазик. Нејзините родители во 1970-тите години се преселиле од Македонија во Шведска и таа е родена таму. Таа живее со својот сопруг и со своите деца, но, како што можете да забележите, добро го владее македонскиот јазик, а слободното време го користи за изучување на македонските народни ора.
Таа и во иднина ќе создава добра релација со учениците и ќе се грижи за нив, а тие ќе ѝ го возвратат тоа со својот успех.
– Имам јасна структура на часовите, моделирам како треба нешто да се направи и покажувам како треба да изгледа конечниот резултат. На учениците постојано им проследувам повратни информации за да знаат кој е нивниот следен чекор за повисока оценка и како да се доближат поблиску до постигнувањето на своите цели – објаснува Виолета Т. Ралевска.
Ф.Д.


































