Фото: Маја Јаневска-Илиева

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари, како повод

Денешното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој се одбележува на 21 февруари, е соодветна пригода за осврнување кон прашањето: зошто не им се овозможува на македонските ученици во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција, и во пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија, да имаат елементарни права на мајчин македонски јазик? Кои се последиците од ускратувањето на овие права во двете држави членки на Европската Унија, кои се должни според сите европски и светски конвенции да го почитуваат и да го обезбедуваат правото на учење на мајчиниот јазик на македонските деца во Грција и во Бугарија?
Ситуацијата со (неучењето на) македонскиот јазик во Грција е катастрофална! Лингвистите што ги истражувале македонските дијалекти во Егејска Македонија, денес во Грција, ja применуваат „степенестата скала на меѓугенерациски прекин“ на американскиот социолингвист Џошуа Фишман со степени од еден, како најниско пренесување на мајчиниот јазик, до осум, како највисок степен на меѓугенерациско пренесување на јазикот, за да означат колку е намалено или зачувано пренесувањето на знаењето на јазикот од постарите врз помладите македонски говорители.

Бугарија и Грција да го следат примерот на Хрватска

Не случајно во овој текст ќе нагласиме пример од држава што, исто така, е членка на Европската Унија. Во Хрватска пред неколку дена мајчиниот македонски јазик и култура се воведени како изборен предмет во уште едно хрватско училиште. Во подрачното училиште „Стрмец“ во хрватскиот град Света Недела започна реализацијата на изборната настава по македонски јазик и култура, со што уште една средина во Хрватска се приклучи кон мрежата училишта што нудат изучување на мајчиниот јазик на македонската заедница. Во пријателска Хрватска, во 11 училишта веќе 108 ученици го изучуваат својот мајчин јазик. Зад иницијативата стои професорката Ивана Брезовец, која веќе подолг период го предава предметот во Првата гимназија во Загреб и активно дејствува во македонското културно друштво „Охридски бисер“.
Идејата за воведување на наставата во Света Недела произлегла од интересот на ученици и родители. Поддршка била обезбедена од институциите задолжени за образованието и правата на националните малцинства во Република Хрватска. На одбележувањето на почетокот на наставата присуствувале претставници на дипломатскиот кор и на културните институции, како и на локалната самоуправа. Амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и претставници од Министерството за наука, образование и млади на Хрватска разговарале со училишното раководство за унапредување на соработката и за натамошна поддршка на програмата. Градските власти на Света Недела ја поздравиле иницијативата, истакнувајќи дека образованието на јазиците на националните малцинства придонесува за меѓусебно разбирање и културна размена во локалната заедница.

Јазикот е умот и духот на народот

Германскиот славист македонист Кристијан Фос вели дека „етничката преродба во Леринскиот Регион ги направи словенските дијалекти повторно јазик на семејна интеракција и на соседството, што одговара на степенот 6“. Но во врска со општата ситуација, во која се наоѓа македонскиот јазик во Грција, Фос предупредува: „Се намалува владеењето на словенскиот вернакулар (речник – л.заб.): има домаќинства со речиси еднојазични – словеноговорни баби и дедовци, двојазични родители, но има и еднојазични – грчкоговорни деца со пасивно познавање на соодветниот словенски јазик (на македонскиот јазик – л.заб.)“. Фос ги изнел овие теренски согледувања во своја научна студија уште од 2006 година, така што прашањето е: колку дополнително е влошена ваквата состојба?!
Фишман укажува на една последица од можната загуба на јазикот, која оди уште подалеку од лексиката и граматиката на загрозениот јазик, нагласувајќи дека говорителите без позитивна етнолингвистичка свест за својот јазик: „…Ќе ја загубат метафората за јазикот дека е душата на народот. Јазикот е умот на народот. Јазикот е духот на народот. … Преку јазикот сме поврзани едни со други. Тоа скапоцено чувство на заедништво не е нешто што треба да се загуби…“.
Крсте Мисирков, 91 година пред Фишман, напишал: „…iеден народ, коi шчо изгубил своiот iазик, мiасат на iеден чоек, коi шчо изгубил патот и не знаiит каi идит и каi одит, и коi шчо не знаiит, зашчо одит вамо а не онамо или тамо“.
Во значителен број села и за значителен број млади луѓе, особено за деца од македонска етничка припадност, македонските дијалекти не се повеќе формален систем на изговорени или напишани симболи за искажување значења, со лексика, граматички, фонетски и други структури на јазикот, кои ќе претставуваат пропишани правила, туку тие народни македонски говори или се преобразуваат во неформален, по избор, незадолжителен и непостојан збир на делумни и пасивни познавања на лексиката и на споменатите јазични структури. Во ваква ситуација, македонските дијалекти во голема мера или дури и сосема исчезнуваат од комуникативната пракса на односните млади луѓе и деца од македонска етничка припадност, веќе целосно преминати на употреба на грчкиот јазик.
Создавањето „хибридизиран јазик“, сѐ поголемото уфрлање грчки зборови во речникот на младата и најмладата генерација македонски говорители на егејските дијалекти, всушност, претставува и постапно елиминирање на зборовните слоеви на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет. Кристијан Фос упатува на случувањата во Лерин, кои ги означува како етничка и јазична преродба и вели дека треба да се преземат исти мерки за заштита и заживување на сите загрозени македонски дијалекти во Грција, што ќе значи и зачувување на македонската етнојазична свест на македонските деца во Грција.
Во 1925 година, преку тогашното Друштво на народите, кога не постоеше држава на македонскиот народ, беше издејствуван „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ. Денес, кога постои македонска држава на македонскиот народ, оваа Република Македонија, зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција, овој пат и од ЕУ и од Организацијата на ОН, како наследничка на некогашното Друштво на народите, па пак да се отпечати овој пат македонски „Буквар“, а не „Абецедар“ за македонските деца? Со барање и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?! Правото на употреба на мајчиниот јазик е неотуѓиво право на секој народ и на секое национално малцинство во Европа и во светот, тоа право е загарантирано со сите европски конвенции и со конвенциите на ООН. Грција е обврзана со сите овие конвенции да ја овозможи употребата на македонскиот јазик во училиштата за македонските деца.
Сметаме дека е потребно преземање специјални мерки за јазична едукација на македонските деца, но и воопшто на Македонците во Северна Грција, по пат на дијалектолошки редизајнирани и континуирани програми за нив преку брановите на Македонското радио и МТВ. Република Македонија, како држава кандидатка за влез во ЕУ, што поскоро треба да преземе соодветни активности во Брисел и директно да вложи барање во Атина за овозможување на најелементарното право на изучување на мајчиниот македонски јазик.


Продолжуваат глобалните заложби за образование на мајчин јазик

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик годинава, денес во целиот свет, се одбележува под мотото „Гласовите на младите за повеќејазичното образование“. По овој повод посебни активности и годинава спроведува УНEСКO, специјализираната агенција на Организацијата на Обединетите нации, која ја поттикнува соработката меѓу државите и нациите преку образованието, науката и културата како метод за подобрување на универзалното почитување на правдата, законите, човековите права и основните слободи. УНЕСКО посебно се застапува годинава за сеопфатното, одржливо и висококвалитетно образование. кое ги користи мајчините јазици на учениците. Се нагласува дека младите се неопходни во застапувањето, зачувувањето и оживувањето на јазичната разновидност. Со одбраното мото за 2026 година „Гласовите на младите за повеќејазичното образование“ таа агенција и во името на ООН ги продолжува заложбите за образование на мајчин јазик како алатка за намалување на празнините во учењето и заштита на културното наследство. Но сигурно уште повеќе за заштита на националниот идентитет и самиот јазик.

Свето Тоевски