На самит на ЕУ неделава ќе се дискутира за одредување цена на јаглеродот од Системот за тргување со емисии на ЕУ (ЕТС) – прв дел
Деновиве околу сто европски компании ги повикаа лидерите на ЕУ да се обврзат на поддршка на системот за одредување цена на јаглеродот од Системот за тргување со емисии на ЕУ (ЕТС), во пресрет на самитот што треба да се одржи следната недела. Компаниите инсистираат на „оддалечување од нестабилниот увоз на фосилни горива и искористување на потенцијалот за чиста енергија, високообразованата работна сила и силата на европските иновации“. Писмото на обраќање до надлежните во Брисел го потпишале индустриски компании како „Салцгитер“ и „Волво карс“, енергетски компании, меѓу кои „Ватенфал“ и ЕДФ, како и компании од секторот на „чисти технологии и инвеститори“. Според споменатиот систем ЕТС, компаниите од сектори како производство на електрична енергија, индустриско производство и други мора да купуваат дозволи за емисиите на стакленички гасови.
Но европската индустрија се соочува со релативно високи цени на енергијата, особено земјите што се помалку развиени или во развој, како што е нашата, на кои очајно им треба производство на енергија со пониски цени заради одржливост/опстанок на индустријата и заради конкурентност на производите, кои сметаат дека овие наметнати трошоци се во функција на индустриско-економска хегемонија на развиените и дека со ваквите давачки се зголемува и онака големиот товар за индустриските сектори, во услови на повеќеслојна криза, а и со најновата енергетска криза од настаните во Иран.
Какви се состојбите во нашата индустрија?
Од 1 јануари годинава македонската индустрија влезе во високосензитивна фаза поради целосната имплементација на Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) на ЕУ. Тоа значи дека македонските извозници веќе нема само да известуваат, туку ќе плаќаат финансиски надомест за емисиите на јаглерод диоксид содржани во нивните производи. Навистина, предизвикот е тоа што поголем дел од македонските капацитети користат електрична енергија со висок удел на фосилни горива (јаглен), што го зголемува нивниот „јаглероден отпечаток“ во споредба со европските конкуренти. За тоа кои се секторите што се најмногу погодени разговаравме со повеќе претставници од бизнис-секторот.
– Прво, највисок ризик е челичниот сектор, како столб на македонскиот извоз, кој ќе претрпи најголем удар. Имено, неговата извозна изложеност е апроксимативно околу 60 отсто што е наменет за пазарот на ЕУ. Во врска со ценовниот удар, процените на Светската банка укажуваат дека овој сектор може да доживее пад на вкупниот аутпут од околу два отсто поради овие дополнителни трошоци, односно пластично опишано е дека за секој тон увезен челик во ЕУ со висок интензитет на емисии, увозниците може да се соочат со дополнителни трошоци од 40 до 60 евра по тон (при цена на јаглерод диоксид од 90 евра).
Второ, во секторот за производство на цемент. Факт е дека производството на цемент е во последно време под висок притисок на граѓаните во врска со импактот на животната средина. Имено, производството на цемент е едно од најинтензивните во однос на јаглеродните емисии. КБAM ги опфаќа и директните емисии од производниот процес и индиректните од потрошената струја. Македонските производители на цемент ќе мора да купуваат КБAM-сертификати, чија цена ќе ја следи неделната цена на ЕУ- ЕТС. За да останат конкурентни, компаниите ќе мораат итно да инвестираат во технологии за замена на фосилните горива со алтернативни извори или во подобрување на енергетската ефикасност.
Трето, друг погоден индустриски сектор, покрај челичниот, е и производството на алуминиум, каде што се очекува пад на производството од близу два отсто, потоа на индустријата за вештачки ѓубрива и водород, кои, иако помали сектори во Македонија, се дел од првиот бран на регулација. Но најважно е да се обрне внимание на импактот над базното производство на домашната електрична енергија. Така, директниот извоз на струја од Македонија во ЕУ ќе биде оптоварен со јаглеродна такса доколку таа е произведена во нашите термоцентрали.
За да спречи парите од овие такси да се одлеваат надвор од државава, односно да одат во буџетот на ЕУ, Македонија го испланира воведувањето домашен јаглероден данок, преку измени во Законот за климатска акција, а се планира воведување цена на јаглеродот, која постепено ќе се усогласува со онаа во ЕУ до 2030 година.
Тука да не заборавиме да обрнеме внимание и на една социјална компонента, која носи ризик од социјална несигурност, увезена поради дополнителните европски „даноци“. А тоа е фактот што доколку не се почитуваат овие правила, македонските производи ќе се соочат со повисоки давачки, кои ќе ги направат неконкурентни, што може да доведе до губење работни места во индустрискиот и услужниот сектор, што ќе ни направи нови внатрешни проблеми, кои одредени политички структури може да ги искористат за политизација на состојбите. Е.Р.
Стопанската комора јасно и перманентно предупредува, но и дава свои размислувања, ставови и предлози
Брзото воведување на јаглеродните даноци е директна закана за опстанокот на македонското стопанство
- Сите соговорници од бизнис-заедницата се согласуваат дека декарбонизацијата е неминовна, но се против начинот на кој таа се наметнува, имено како „казнена мерка“ наместо како развојна шанса. Тие предупредуваат дека ако Македонија слепо ги следи правилата на ЕУ без претходна финансиска „инјекција“, индустријата едноставно ќе згасне
Стопанската комора на Македонија (СКМ) е ревносен и веродостоен бизнис-глас во земјата, кој го застапува ставот дека „брзото воведување на јаглеродните даноци е директна закана за опстанокот на македонското стопанство“. Нивните клучни ставови и предложени механизми се неколку и во низа. Најпрво, тоа е таканареченото барање за „асиметричен пристап“, во кое Комората смета дека не е фер македонската индустрија, која е технолошки застарена и неконкурентна, да ги плаќа истите јаглеродни давачки како германската или француската!
Во таа смисла, нивното барање е одложување на роковите, односно Македонија да добие подолг преоден период за примена на Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) во споредба со развиените економии. Натаму, предлогот наречен „диференцирана цена“, во кој цената на јаглеродот во Македонија нема веднаш да ја следи берзанската цена на ЕУ (која е висока), туку ќе почне од симболично ниво за да се избегне „ценовен шок“.
Стопанската комора на Македонија (СКМ) предупредува дека македонските компании веќе плаќаат високи трошоци за енергија поради зависноста од увоз, потоа и високи каматни стапки за кредити за модернизација, при што истакнуваат дека додавањето на „јаглеродниот данок“ (ЕТС) во овој момент ќе предизвика ликвидација на клучни капацитети (особено во металургијата), што ќе ја зголеми невработеноста и ќе го намали извозот.
Стопанската комора на Македонија предлага механизми на „реципроцитет и заштита“, а државата, иако уценета, како за многу други работи од страна на Брисел, да не брза со законите додека не се обезбедат гаранции од ЕУ во смисла на тоа дека „секој денар платен како јаглероден данок мора да се врати кај компаниите како неповратна помош за купување филтри, соларни панели или нови машини“. За истакнување е уште еден став на Стопанската комора на Македонија во кој се предлага „привремено изземање на секторите што се најголеми работодавци, додека не се најдат државни фондови за нивна трансформација“.
Интересни се и активностите за лобирање на Стопанската комора на Македонија преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ).
Македонската комора дејствува заедно со коморите од Србија и БиХ за да извршат притисок врз Брисел. Нивниот заеднички став е дека зелената агенда не смее да стане бариера за трговија, туку мора да биде поддржана со масивна финансиска помош, слична на онаа што ја добиваат земјите членки како Полска.
Секако, сите соговорници од бизнис-заедницата се согласуваат дека декарбонизацијата е неминовна, но се против начинот на кој таа се наметнува, имено како „казнена мерка“ наместо како развојна шанса. Тие предупредуваат дека ако Македонија слепо ги следи правилата на ЕУ без претходна финансиска „инјекција“, индустријата едноставно ќе згасне. Е.Р.
Редакциска опсервација
Што доколку Македонија одлучи да им се приклучи на групата земји што бараат суспензија или ревизија на ЕТС
Доколку Македонија одлучи да им се приклучи на групата земји критичари (како Италија, Полска и Унгарија…), кои бараат суспензија или ревизија на ЕТС, нашите механизми не би биле од многу од широк дијапазон, ниту би биле инстантно ефикасни, со оглед на тоа што земјата сè уште не е членка на ЕУ. Тие механизми (инструменти) на дејствување би биле примарно дипломатски. Така, според познавачите на оваа проблематика, хипотетички, кои чекори би можеле да се преземат во таа насока?
1. Дипломатско здружување (коалициско поврзување)
Ова здружување би значело приклучување кон исти или слични иницијативи на т.н. Енергетска заедница. Имено, Македонија е членка на Енергетската заедница. Таа може да лобира кај другите земји од Западен Балкан за заеднички став дека воведувањето јаглероден данок во услови на енергетска криза е „економски шок“ за неразвиените индустрии. Натаму, Македонија би можела да даде поддршка на италијанскиот предлог, во форма и облик што би биле дипломатски интелигентни и сугерирачки. На состаноците на ЕУ-Западен Балкан, македонските претставници би можеле официјално да го поддржат аргументот на Италија дека ЕТС е „стагнирачко-индустриски данок“ и да бараат изземање или одложување на Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) за земјите во процес на пристапување.
2. Конкурентност наспроти „опстанок/(не)одржливост“
Повторно да се побара т.н. „гратис период“, иако, рака на срце, ние самите си го одредивме рокот со претходната администрација, која веќе направи и претходно сериозни и катастрофални идентитетски отстапки. Главниот механизам би бил инсистирање на подолг преоден период за Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM). Аргументот е дека македонската индустрија нема капитал за брза модернизација и дека присилното оданочување побрзо ќе доведе до деиндустријализација наместо до декарбонизација. Во врска со нашиот социјален аргумент, Македонија би можела „да ги истакне ризиците од губење илјадници работни места во економски ранливи региони, што е во спротивност со социјалната кохезија што ја промовира ЕУ“.
3. Внатрешно правно одложување на донесените прописи
Иако ЕУ бара Македонија да усвои закон за климатска акција и да воведе сопствена цена на јаглеродот, државата може да го одложува неговото спроведување. Ова е „мек“ отпор, со кој би се купило време за индустријата, со т.н. закочување на домашната легислатива. Постои уште една исто така болна алатка за државата, а тоа е редефинирање на акцизите, во смисла дека секое намалување на акцизите е меч со две сечила. По малку друг основ, за намалување на акцизите за горивата деновиве зборуваше и премиерот Мицковски, заради намалување на импактот кон граѓаните од последиците од војната во Иран. За потсетување, според податоците за буџетот за 2026 година, приходите од акцизи се околу 35,8 милијарди денари (приближно 582 милиони евра), при што овие приходи сочинуваат приближно 15–20 отсто од вкупните даночни приходи на државата (варира по години), а во однос на целокупниот државен буџет, акцизите се околу 8–10 отсто од сите буџетски приходи. Но другата страна на медалот заради намалување на акцизите е и намалување на динамиката во развојот и инвестициите на здравството, образованието, инфраструктурата, социјалните трансфери и сл. Но да се вратиме на нашиот предизвик, во врска со Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), при што некои размислуваат и дека наместо директен јаглероден данок, Македонија може да се обиде да воведе субвенции за енергенти за големите индустриски капацитети, иако тоа често се коси со правилата за државна помош на ЕУ, па затоа ги истакнуваат и ризиците од ваквата стратегија.
Нема да има морков, туку само стап од Брисел
Нашите соговорници, познавачи на состојбите и начините на реакција на Брисел, тврдат дека овој засега хипотетички пристап, кој како медиум го развиваме при вакви анализи и опсервации во јавноста, носи со себе сериозни ризици.
– Прво, ќе следуваат казнени тарифи на граница. Имено, доколку Македонија нема сопствен ЕТС (јаглероден данок), парите за јаглеродните емисии на нашите домашни производи за извоз (на пример, челикот), ќе ги наплатува ЕУ на својата граница. Тоа значи дека парите ќе одат во буџетот на ЕУ наместо да останат кај нас. И згора на тоа, одговорот на Брисел ќе биде жесток, во смисла на изолација од фондови за Македонија. Потсетувам дека ЕУ го условува пристапот до Зелениот план и Планот за раст со почитување на еколошките стандарди. Отпорот кон ЕТС може да значи губење стотици милиони евра грантови за енергетска транзиција – вели нашиот соговорник вработен во администрацијата на ЕУ во Брисел. Е.Р.
































