Ветрови со ураганска силина во нашиот регион: Некогаш на 10 години, сега два-три годишно

Првиот исклучително силен ветер во оваа сезона, со урагански брзини на движење на воздушната маса, наречен Медикејн, се навестува дека во наредните неколку дена ќе се појави во блиско опкружување на Македонија. Метеоролозите предвидуваат дека медитерански ураган, популарно наречен Медикејн, би можел да има директни закани кон балканските земји, како Хрватска, Црна Гора, Албанија, Грција, но сепак многу помалку кон Македонија. Сериозни последици од Медикејн би можело да има и на Апенинскиот Полуостров, односно и во централните, но и во северните и јужните делови на Италија.

Интересни прогнози за балканските земји на експертот за метеорологија Иван Ристиќ

Како што е наведено во известувањето на метеорологот Ристиќ, „меѓу различните ефекти од променливата клима, одвреме-навреме се појавуваат циклони со тропски карактеристики во средоземните мориња, кои се наречени Медикејн“ (името е кованица сочинета од комбинација на називот на географската област Медитеран и англискиот збор за ураган – Huricane)“. Метеорологот Ристиќ истакнува дека овие настани се случувале еднаш на 10 години, но сега очекуваме нивна динамика на појавување од два-три урагани секоја година.
– Поради навлегувањето на студен и нестабилен воздух што ќе пристигне во следните неколку дена и следејќи ги контрастите со доста благата, топла температура над морската површина, ќе се формира особено насилна циклонска структура, која ќе ги добие карактеристиките на ураганот Медикејн – изјавува за јавноста метеорологот Иван Ристиќ.
Наедно, тој предвидува дека Медикејн ќе се формира меѓу сабота и недела, 19-20 октомври.
Како што може да се види на горната графика, Медикејн е означен со буквата Б. Тој ќе се формира од топлите води на Медитеранот. Негова суштинска карактеристика е „топлото јадро“, кое е особено присутно во долните слоеви над морската површина. Медикејн, според прогнозите, ќе успее да ослободи огромна моќ за време на движењето, кое ќе се претвори во интензивна активност во самиот центар (над Италија), каде што може да се формираат насилни фронтови и налет на воздушна маса, односно силни ветрови со брзина од над 120 километри на час.
Според последните информации на Европскиот центар, претстојниот викенд, но и во првата половина на наредната недела, постои ризик од екстремни временски појави како невреме и во најчести случаи поројни дождови, кои вообичаено зафаќаат тесни области на одредена територија, со големи количества воден атмосферски талог. Во тој контекст, метеоролозите предвидуваат и дека би можело да наврне и до над 300 мм дожд, односно еквивалентно на врнежите што се очекуваат повеќе од два месеца.
Сепак, ваквите апокалиптични сценарија експертите ги најавуваат како можни за делови од Италија, како што се Пиемонт, Ломбардија, Лигурија, Лацио и Калабрија, а многу помалку за Јужен Балкан, каде што сепак се очекува влошување на времето, обилни врнежи од дожд и невообичаено силен ветер, во кратки временски налети. Р.С.


Деновиве едно од најсушните пустински места во светот беше погодено од поплави, први во последните децении. Невообичаената вест стигна од Сахара, Северна Африка, каде што исклучително ретко паѓа дожд, а кога паѓа, тоа е само неколку сантиметри годишно и ретко на крајот на летото

Несекојдневни метеоролошки појави

Поплави во Сахара, првпат по едно десетлетие

Интензивен дожд падна во делови од пустината Сахара, во југоисточниот дел на Мароко. Сателитски снимки на НАСА покажаа дека близу 20 сантиметри дожд паднале во некои делови од пустината. Имено, во населеното место Ерахидија, пустински град во југоисточно Мароко, е забележано приближно 7,5 сантиметри воден талог од дожд. Тоа е повеќе од половина количество воден талог на годишно ниво за оваа област.
Хусин Јуабеб од метеоролошката агенција на Мароко, за „Асошиејтед прес“ изјави дека „поминале 30-50 години откако имало толкав дожд за толку кратко време“.
„Како што дождот течеше над пустинскиот терен, создаде нов, воден пејзаж среде палмите и срамежливата флора“, опишува сликовито реномираниот „Си-ен-ен“ за овој феномен.
– Некои од најдраматичните слики се од пустинскиот град Мерзуга, каде што реткиот потоп издлабил нови езера во песочните дини. Рефлексиите на палмите во градот сега треперат низ просторот на новата лагуна, врамена со стрмни песочни дини. Дождот ги исполни и езерата што се вообичаено суви, како што е она во националниот парк Ирики, најголемиот национален парк во Мароко. Сателитски снимки на НАСА од регионот, кои користат вештачки колорит за подобро да ги истакнат поплавите, покажуваат новоформирани езера низ деловите на северозападна Сахара. Додека голем дел од дождот падна во ретко населените оддалечени области, помали паднаа во градовите и селата во Мароко, предизвикувајќи поплави минатиот месец, во кои загинаа повеќе од десетина луѓе – пишува „Си-ен-ен“.
Сахара е пустина во Северна Африка, која се простира на површина од околу 9.000.000 квадратни километри, со што таа е најголемата сува пустина во светот. Од плоштината на африканскиот континент Сахара зазема една третина. Како пример, нејзината големина е приближно 50 пати поголема од плоштината на САД. Името Сахара, според арапскиот изговор, едноставно значи „пустина“ и се смета дека постои најмалку 3.500 години таква каква што е моментално денес. Сахара е распространета на териториите на Мавританија, Мароко, Алжир, Тунис, Либија, Египет, Судан, Чад, Нигер и Мали. Сателитските снимки од септември годинава покажаа и дека веќе големи делови од неа се покриени со зеленило, феномен што некои студии го поврзуваат со климатските промени. Р.С.