Дали сте знаеле
Мартинка — висулец од засукани конци што се става на 1 март за здравје во Македонија, Бугарија, Романија, Грција и во Србија. Мартинката се изработува од волнено или памучно предиво во две основни бои — бела и црвена. Овој празник уште се нарекува и празник на Баба Марта.
Во нашата земја овој обичај е прогласен за културно наследство од особено значење, а во 2017 година била донесена одлука за впишување на обичајот Мартинки во претставителниот список на УНЕСКО за нематеријални културни наследства на човештвото.
Станува збор за многу архаичен обичај, кој на просторот на Балканскиот Полуостров и соседните региони е присутен не само со векови туку може да се каже и со милениуми.
Овој обичај се јавува во неколку форми, во зависност од државата во која се практикува. Во Романија и Молдавија мартинката се нарекува мартисор (mărţişor), но таму мартинки носат само жените, додека во Македонија и Бугарија ги носат сите. И во Југоисточна Србија исто така се носат мартинки, генерално кај жителите со бугарско етничко потекло.
Обичајот на правење мартинки се поврзува со почетокот на месецот март – 1 март, кој во народниот календар е познат под неколку имиња: Марта, Првна Марта, Баба Марта, Мартинден, Летник… Покрај вообичаеното народно толкување дека мартинките се носат за здравје и среќа во текот на претстојната година/лето, постои толкување и дека тие се носат „за заштита од змии“, т.е. луѓето да немаат проблеми со змиите во текот на летото.
Самите мартинки, според традицијата, вообичаено се изработуваат одвечер спроти 1 март или, пак, во некои предели на самиот празник пред изгревот на сонцето.
Мартинките вообичаено се носат неколку дена во текот на март и најчесто времетраењето на носењето на овие своевидни амајлии за заштита на луѓето од зло, несреќа и разни неволји, односно да им донесе здравје и среќа (касмет) зависи од доаѓањето на преселните птици од југ. Имено, според народното толкување регистрирано во некои предели во источниот дел на Македонија, мартинките се носат сѐ додека не се здогледа првата ластовичка или штрк, кога според обредната пракса, мартинката се симнува од раката и се става под камен. Во некои западномакедонски предели, пак, мартинката кога се симнува се остава на гранче (грмушка) од трендафил (ружа) или се закачува на расцутено дрво.
Извор: Википедија на македонски јазик